Апсења по „климатската“ блокада на аеродромот во Минхен
18 мај 2024Германската полиција уапси осум климатски активисти од групата „Последна генерација“ кои упаднаа на аеродромот во Минхен во саботата рано наутро, поради што аеродромот мораше привремено да биде затворен.
Шест климатски активисти пробија и се залепија на пистата, изјави портпаролот на полицијата, додавајќи дека ситуацијата во меѓувреме е под контрола и оти двете аеродромски писти се отворени за слетување и полетување.
Овој упад на писта доаѓа за време на продолжениот викенд поради празникот Духовден, кое е еден најпрометните периоди за овој аеродром во јужна Германија.
Откажани околу 60 летови
Климатската група „Последна генерација“, која одржа слични протести во минатото, рече дека е одговорна за акцијата во серија објави на Платформа X на кои се прикажани членови на писта со протестни плакати.
„Вкупно шест лица седат во две групи на различни локации на аеродромот во Минхен“, се вели во објавата.
На еден од плакатите пишуваше: „Проблемот е владата, а не нашиот празник“.
Климатските активисти се спротивставуваат на субвенциите што германската влада ѝ ги дава на авиоиндустријата.
Портпаролот на аеродромот изјави дека аеродромот бил целосно затворен за полетувања и слетувања речиси два часа.
Единаесет летови се пренасочени, околу 60 се откажани, а сѐ уште се можни доцнења, рече тој.
Фезер: Криминални акции
По блокадата, политичарите повикаа на доследни казни за радикалните климатски активисти. Сојузната министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер, напиша на платформата X: „Таквите криминални дејствија го загрозуваат воздушниот сообраќај и наштетуваат на заштитата на климата бидејќи предизвикуваат само неразбирање и гнев“. Таа побара: „Сторителите мора доследно да се гонат и да се проверат заштитните мерки на аеродромот“.
Во минатото, групата „Последна генерација“ спроведуваше слични акции на неколку германски аеродроми , како што се Берлин, Хамбург и Дизелдорф. Во Минхен веќе имаше блокада на аеродромот во декември 2022 година. Во тоа време, според властите, авион во кој имало итен пациент можел да слета на аеродромот во главниот град на Баварија дури со 20-минутно задоцнување.