Бајден отпатува за Израел во најтешката и најопасна мисија во својата кариера: Како, после почетокот на Првата глобална војна, по инвазијата на Русија врз Украина, и нападот на Хамас врз Израел, да не дозволи проширување на конфликтот, не само регионално, туку и на глобално ниво?!
Со најавената посета на Израел, Бајден ја прекрши традицијата на американската дипломатија, никогаш да не се најавува патување на Белата куќа во конфликтна зона. И не случајно, некоја од страните во конфликтот имала добри причини да го изврши масакрот врз болницата „Ал Ахли“ во Газа, правејќи ја мисијата на Бајден уште потешка, и предизвикувајќи откажување на самитот со арапските лидери. Покрај средбата со јорданските власти, Бајден требаше да се сретне и со египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси, но и со палестинскиот претседател Махмуд Абас. Откажувањето само кажува дека конфликтот влегува во една далеку поопасна, понеконтролабилна и поглобална фаза.
Петте цели на Бајден
Посетата на Бајден имаше 5 декларирани цели. Прво, да ја нагласи солидарноста на САД кон Израел. Второ, да се испрати предупредување до тие што сакаат да ја искористат кризата - тоа да не го прават. Трето, да ги координира напорите за ослободување на заложниците. Четврто, да добие директни информации околу целите и стратегијата на Израел за интервенцијата. Петто, да разбере од Израел како мисли да ги води операциите со цел да се минимизираат цивилните жртви и да се овозможи доставување на хуманитарна помош. Преведено од дипломатски речник, Бајден цели да спречи акции на Израел и на противниците кои би довеле до регионален судир, кои би отишле и подалеку од Иран, загрозувајќи ги и онака тешките операции во Украина.
Проструи веста дека Вашингтон побарал од Израел да ги одолговлечи плановите за копнена инвазија на Газа, да ги одложи за подоцна, со цел да се евакуираат 1,1 милион луѓе во Појасот од северот, кон југот, каде би се воспоставиле безбедни зони, а во меѓувреме Египет да го отвори преминот Рафах.
Вашингтон највеќе стравува од стратешките импликации на хуманитарната криза. Благонаклонети се кон уништувањето на Хамас и засега немаат намера да го примораат Израел на прекин на огнот, што би значело победа за неговите противници. Но, во исто време сметаат дека приоритет е избегнување на проширување на војната, спречување на Кина и Русија да го монополизираат палестинското прашање во антизападно својство и да го присвојат дискурсот за „Две држави“, како и да го спасат својот сојузник од суицидални иницијативи како онаа за копнена инвазија на Газа. Не случајно, Бајден пред својот домаќин Нетанјаху, нагласи дека единственото решение кое треба да се постигне е она за „Две држави“.
Со други зборови, Бајден многу ризикува со посетата на Израел и може да го загрози кредибилитетот на САД, како и нивната способност за одвраќање на противниците, доколку израелските напади произведат враќање на џихадот во Европа, мулти-криза низ целиот Медитеран, или ситуација од која Кина и Русија би профитирале и капитализирале.
Вашингтон подеднакво е загрижен од можноста други актери да интервенираат во војната. Вториот фронт со Хезболах е де факто отворен и малку фали за масивен ракетен напад од Либан. Тензиите во Западниот Брег помеѓу изрелските колонии и Палестинците се на историски високо ниво. Во Сирија, иранските милиции се на готовс, а израелските воздушни напади врз Алепо и Дамаск потврдуваат дека Иран ги зајакнува своите офанзивни капацитети на лице место. Иран се заканува со „огромен земјотрес“ доколку Израел не запре со бомбардирањето на Газа.
Нови фронтови
Евентуално проширување на војната не би се ограничило само на четирите фронта во Газа, Западен Брег, Либан и Сирија. Во Ирак, парламентот се повика на активација на Договорот за заедничка одбрана на Арапската лига. Од Јемен, фило-иранските милиции се закануваат со оган и пламен. Американските трупи во Сирија и во Ирак би биле лесни мети, исто како и поморската навигација, не само воена, помеѓу Црвеното море и Аденскиот залив. Проширувањето на конфликтот сериозно би го нарушил американскиот кредибилитет и авторитет, како и способноста за разубедување и одвраќање на противниците. Да не зборуваме колку би ги оштетило нивните ресурси од егзистенцијалниот дуел со Кина.
Русија и Кина не губеа премногу време за да влезат во дипломатската арена. Пекинг веќе излезе од позицијата на неутралност, застанувајќи на страната на Палестина и со поддршка за исламските држави. Кина има проблем да ги стави зборовите „Хамас" и „тероризам" во иста реченица, провоцирајќи го бесот на Израел. Но, пошироката стратегија е истиот наратив како и оној за Украина: Главниот виновник за сѐ се САД. Блинкен веќе се обрати до Пекинг со покана да го искористи своето влијание врз Иран со цел да превладее воздржаноста. Кина одговори дека сака прекин на огнот, интерес различен од оној на САД, затоа што го брани правото на Израел да удри врз Хамас, но не и целосно некомпатибилен.
Русија во блискоисточната криза ќе игра на две маси. Колку и актуелната ситуација да и одговора оддалечувајќи го Западот или воената помош од Украина, сепак од геополитички аспект е главоболка и за Москва. Москва е историски партнер на Палестинците, но и прва земја која ќе го признае Израел во 1948, па ќе ги раскине дипломатските односи после војната во 1967, нешто што само Горбачов ќе го поврати во 1991. Оттогаш, односите само ќе се подобруваат, до мерка што, за време на целата инвазија врз Украина, Израел одби да се приклучи кон западните санкции и да ја вооружи Украина. Во исто време Москва беше честопати домаќин на Хамас во последните две години, додека меѓународната изолација го примора Путин да ги продлабочи односите со Иран, но и со неговиот стратешки противник С. Арабија. Во оваа игра на сојузници, каква позиција и да одбере Русија, таа нема да биде безболна и без последици.
Како и да е, недискутабилно е дека Кина и Русија ќе го искористат палестинското прашање за да извршат притисок врз САД и Западот. Инсистирајќи на решението за „Две држави“, ќе бараат приврзаници во нивниот предизвик против американската хегемонија и нивните меѓународни правила. Ќе се обидат да прикажат дека не се изолирани и дека знаат да создадат коалиции врз основа на консензус.
Проблемот на САД
Главниот проблем за САД е што Бајден отиде во Израел да гаси пожари, како единствена сила која може да помести тежи и контратежи, но и како прв американски претседател во последните 50 години кој притоа нема мировен план за Светата земја. Затоа се ограничи да каже дека покрај уништувањето на Хамас мора да се изоди и патот кон палестинска држава.
Друг проблем за Вашингтон, за што му замерува на Израел, е што и тие немаат план за пост-Газа. Односно, стратешкиот план на Израел е да нема план за Палестинците, прашање кое систематски го игнорираат во последните 30 години. Израел се потпира единствено на закана и сила, за нив единствениот извор на безбедност, само за да купат еден ден повеќе живот.
Но, за Америка која суштински се врати на Блискиот Исток и која призна дека и пропадна стратегијата на оддалечување од регионот, тоа не е доволно. Од американска гледна точка, нејзиниот главен сојузник во регионот се наоѓа во трагична состојба. Длабоко е поделен внатрешно и опколен со противници кои воено се далеку посилни од порано и способни да пенетрираат насекаде, одеднаш и во длабочина на Израел. Израел воедно нема начин како дефинитивно да победи, без разлика што има капацитет да го уништи Хамас, нема капацитет да убие една идеја и идеологија базирана на омразата кон Израел и нејзиното постоење.
Сето ова кажува дека САД мора да ја преземе играта во свои раце и да вложи максимални напори со цел да се спречи проширување на Првата глобална војна, дури и по цена ако тоа значи во иднина да се отворат и јавни несогласувања со сојузникот. Америка мора да докаже дека е во состојба да менаџира повеќе паралелни конфликти во услови кога нејзината моќ за иницијатива и разубедување повеќе не поминува без предизвик од противниците.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.