Бербок ѝ се заканува на Кина поради дронови за Русија
18 ноември 2024Германската влада претпоставува дека Кина обезбедува помош со беспилотни летала на Русија. „Ова мора и ќе има последици. Агресорската војна на рускиот претседател Владимир Путин против Украина е исто така напад на слободата во Европа и влијае на основните интереси на сите европски држави", изјави министерката за надворешни работи Аналена Баербок на маргините на состанокот на ЕУ во Брисел.
Службата за надворешна политика на ЕУ претходно потврди дека моментално ги испитуваат индициите дека во Кина се произведуваат дронови за руската агресорска војна. „Добивме извештаи од разузнавачки извори за постоење на фабрика во Кина која произведува беспилотни летала кои се испорачуваат на Русија и се користат во војната против Украина“, изјави претставник на ЕУ. Во моментов се работи на разјаснување дали има директна соработка меѓу Кина и Русија во делот на воената опрема. Доколку ова се потврди, може да се воведат санкции.
Според дипломатите, се вели дека производството на дронови во Кина е заеднички проект меѓу Русија, Кина и Иран. Кина досега ги отфрла обвинувањата. Во однос на извозот на оружје, Кина отсекогаш заземала одговорен став и никогаш не им дала на страните во конфликтот смртоносно оружје, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Лин Џијан во Пекинг непосредно пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ. Кина строго ги контролира беспилотните летала за воени цели и оние кои можат да се користат за цивилни и воени цели во согласност со законот. Пекинг се надева дека одредени земји и луѓе нема да прават неосновани шпекулации против Кина и не треба да ја оцрнуваат Народната Република без никаква фактичка основа, рече Лин. ЕУ веќе воведе санкции кон Иран поради испорака на дронови и балистички ракети на Русија. Меѓу погодените е и иранската државна авиокомпанија Иран Ер. На состанокот на министрите за надворешни работи денеска треба да се одлучи за натамошен пакет казнени мерки против Иран.